Лавров ги потсети САД за ветувањето да се откажат од ЕвроПРО

Министерот за надворешни работи на Русија Сергеј Лавров ги потсети САД за даденото ветување од страна на американскиот претседател Барак Обама во 2009 година кога тој вети дека ќе се откаже од противракетната одбрана во Европа во случај на решавање на иранската нуклеарна програма.

„Им обрнавме внимание на американските колеги на тој факт. Ќе очекуваме реакција“, изјави тој.

Лавров исто така ја истакна улогата на Москва и Пекинг во постигнувањето компромис за роковите за укинување на ембаргото на оружје за Техеран. „Заедно со Кина се залагавме тоа да биде укинато меѓу првите рестриктивни мерки кои подлежат на укинување. Како резултат на тоа иранските колеги – овде тие го имаа последниот збор, како што разбирате, - се согласија да појдат на компромис“, изјави шефот на руската дипломатија.

Рускиот министер рече дека Западот се залагал ембаргото да биде укинато за осум до десет години, „како резултат беше постигнат компромис меѓу Иранците и западните колеги, кој ние, се разбира, го поддржавме со Кина, сметајќи дека тоа го задоволува Иран,  - за пет години“.  Тој прецизираше дека и во текот на овој период можни се испораки на оружје за Иран „при поминување на соодветна процедура за известување и верификација преку СБ ООН“.

Покрај тоа, Лавров најави укинување на некои антиирански санкции веднаш по стапувањето на спогодбата на сила. „Цела низа санкции се укинуваат веднаш, вклучувајќи ги и едностраните санкции на ЕУ. Се укинуваат и многу други санкции, кои се однесуваат на ограничувања кои Американците ги воведоа, да речеме, врз соработката со Иран во сферата на цивилното воздухопловство, и друго“, изјави тој.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.