На Русија ѝ се потребни лекари и инженери

Јуриј Смитјук / ТАСС
Министерството за труд на Русија објави список на занимања на кои им е дадена предност за странските државјани за добивање руско државјанство. Ова всушност значи дека државата смета оти на Русија ѝ недостигаат стручњаци во тие области. Пред сè станува збор за лекари, како и за претставници на техничките струки и на занаетите.

Кон крајот на мај руското Министерство за труд објави список на занимања со кој на странските државјани им дава право да добијат државјанство на Руската Федерација во поедноставена процедура. Според одредбите од законот за државјанство, поедноставена процедура за добивање државјанство подразбира помалку бирократски препреки и поблаги барања за кандидатите. Сега, на оние што се квалификувани за ваквите занимања ќе им биде доволно да работат на територијата на Русија три години, да се откажат од државјанството на другата земја (доколку поседуваат такво) и да имаат законски приходи. Исто така ќе им биде потребно и познавањето руски јазик.

Министерството за труд на Руската Федерација на својот сајт објаснува дека на списокот се наоѓаат оние занимања, кои според мислењето на руските власти, моментално се дефицитарни.

Интересно е што првобитната верзија на списокот беше значително подолга од онаа која се наоѓа во финалниот текст од законската одредба. Списокот на дефицитарни занимања најпрво содржеше 211 точки. Меѓу бараните занимања имаше и егзотични професии како што се геолошки геодет, дупчач и сираџија. Сепак, по детално разгледување, списокот беше во голема мера намален и на него останаа 74 занимања.

Лекари, ветеринари и заварувачи

Занимањата кои останаа на списокот во најголем дел се поврзани со две сфери. Една од нив е медицината. Се бараат речиси сите профили лекари (од лекари по општа практика до физијатри кои се специјализирани за лекување туберкулоза), како и медицински сестри, акушерки и ветеринари. Другата група ја сочинуваат различни технички струки: инженери, техничари, металостругари, заварувачи, електричари.

Раководителот на одделението за истражување на порталот за вработување Superjob.ru Павел Лебедев за „Руска реч на македонски“ потврди дека на рускиот пазар се барани токму овие занимања. Според него, „занимањата од сферата на индустриското производство, како и од техничката и од медицинската струка спаѓаат меѓу десетте најбарани занимања кај работодавачите, додека конкуренцијата кај овие професии е под просекот“.

„Руска реч на македонски“ поразговара со еден странец што живее во Русија за тоа колку неговите колеги се заинтересирани да добијат државјанство по поедноставена процедура. Вусал Габибов, 24-годишен лекар од Азербејџан, вели дека новото олеснување нему не му значи многу. „Сите членови на моето семејство, освен јас, се државјани на Русија, така што и јас можам да добијам државјанство по поедноставена процедура. Но, оваа можност најверојатно ќе биде интересна за моите колеги-странци“.

Габибов, исто така, смета дека лекарите од странство нема да бидат барани во престолнината, ами пред сè во провинција: „Како што е познато, во Москва постои масовно отпуштање и затворање на болници. Во вакви случаи дури и искусните лекари тешко наоѓаат работа. Москва е преполна со лекари од различни специјалности, додека на периферијата ситуацијата е сосема поинаква, зашто таму постои недостиг од кадар. Но, се поставува прашањето за тоа дали лекар од странство ќе сака да работи во некој мал град или на село далеку од престолнината.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња