САД размислуваат за подготовка на сили за распоредување во Европа при конфликт со Русија

Началникот на штабот на копнените сили на САД генерал Рејмонд Одиерно соопшти за плановите за значително зголемување на бројноста на американските сили кои во случај на конфликт со Русија можат да бидат префрлени во Европа.

„Тоа би ни овозможило брзо да го засилиме НАТО, доколку настане таква потреба“, изјави тој, а пренесува ТАСС повикувајќи се на „Вол Стрит Џурнал“. „Се надеваме дека Русите нема да направат криза, но ние секогаш треба да бидеме подготвени“, изјави тој. „Треба да решиме како да ги засилиме истурените сили“.

Како што се истакнува во статијата, „генерал Одиерно изјави дека сака да распореди во Германија дополнителна воена техника, доволна за опремување на бригада, вклучувајќи тенкови и оклопни возила, за побрзо распоредување на силите во Европа“. Изданието појаснува дека плановите за кои станува збор се дополнување на претходно најавеното распоредување на американски тенкови, хаубици и околпни возила во Источна Европа кое беше објавено од страна на шефот на Пентагон Ештон Картер. 

Силите и техниката во Источна Европа ќе бидат наменети за редовни воени вежби, додека оние во Германија ќе бидат применети во случај на кризна ситуација. Тоа ќе овозможи брзо префрлање во Европа на една бригада од 3,5 илјади војници за засилување на американските позиции во источна Европа во случај на криза.

Одиерно исто така рече дека Копнените сили на САД би можеле повеќе да ги обучуваат украинските сили што би помогнало да се задржи Москва од каква било офанзивна операција и од идна ескалација на конфликтот. 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.