Медиуми: Меркел им ветува на Србија и Албанија членство во ЕУ поради Русија

Канцеларката на Германија Ангела Меркел не гледа проблеми во присоединувањето на Србија и Албанија кон ЕУ, без оглед на тоа што и двете земји се далеку од европските стандарди, пишува германскиот деловен весник „Дојче Виртшафтс Нахрихтен“.

Иако контролата над статистичките податоци доставувани од Србија и Албанија е исто тешка како и во случајот со Грција, канцеларката на Германија Ангела Меркел е подготвена да го поддржи нивното зачленување во ЕУ, затоа што се плаши дека овие земји можат да паднат под влијание на Русија, пишува германскиот магазин.

ЕУ ќе ги исполни своите ветувања за прием на нови членки, потенцираше Меркел при посетата на Албанија и Србија оваа недела. Според неа, ЕУ е заинтересирана за стабилен развој на балканскиот регион. Канцеларката им вети на српските и албанските раководители дека ќе апелира до Европската комисија да започне преговори со овие земји за зачленување во Европската унија.

„Изјавите на Меркел противречат на онаа загриженост која таа ја искажуваше во текот на претходните посети кога зборуваше дека ЕУ може да ги одложи преговорите за нивното зачленување поради проблемите со муслиманското население“, пишува изданието.

Причината за зголемената активност на ЕУ во регионот е загриженоста поради фактот што земјите како Русија, Турција и Саудиска Арабија се обидуваат да го прошират своето влијание таму.  

„Искуството покажува дека зачленувањето во ЕУ на нови земји поради геополитички причини често излегува многу скапо: и Грција стана членка на ЕУ поради инсистирањето на САД. Сега мора да се собираат плодовите од тоа“, ја завршува статијата германското издание. 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.