Коалиција против ИДИЛ: што се договорија Лавров и Кери?

Ројтерс
Борбата со тероризмот на Блискиот Исток беше главна тема на преговорите на министерот за надворешни работи на Русија Сергеј Лавров и американскиот државен секретар Џон Кери во Виена. Откако разменија „конкретни мислења“, шефовите на дипломатиите решија дека за борба со Исламската држава е потребна консолидација. Но, експертите предупредуваат дека земјите не се подготвени за тоа.

Во вторник на 30 јуни, во Виена се одржа средба на министерот за надворешни работи на Русија Сергеј Лавров и американскиот државен секретар Џон Кери. Главна тема на разговорите во четири очи беше спротивставувањето на Исламската држава на Блискиот Исток.

Оваа средба беше организирани по задача на лидерите на РФ и на САД, и, како што претходно најави Лавров, нејзина цел е „размена на мислења“ во врска со тоа како „поефикасно да се обединат силите на двете земји и на другите земји од регионот“ во борбата против екстремистите од ИДИЛ. Лавров исто така увери дека во Виена руската страна има намера да оперира не со реторички прашања, туку со конкретни работи, односно „да се дојде до практични заеднички дејствија“. Еден од предлозите кои пред преговорите ги беше кажал рускиот министер е создавање коалиција од регионални и нерегионални играчи.

Сомнителна коалиција

Како резултат на тоа по двочасовните преговори, навистина се случи размена на „конкретни мислења“, изјави шефот на руската дипломатија. „Ситуацијата во регионот изискува поактивни дејствија“, се согласи Кери. Како и што се очекуваше, двајцата политичари ги разгледаа патиштата за консолидација „на сите оние кои сметаат дека ИДИЛ е апсолутно зло“ и се договорија да престанат со користењето на терористичките групи во конјунктурни цели.

Но, не е познато за какви „конкретни“ дејствија успеале да се договорат. Според мислењето на директорот на Институтот за ориенталистика при Руската академија на науките Виталиј Наумкин, самиот факт што претседателите на САД и на Русија дале задача да се водат преговори за даденото прашање веќе претставува „чекор напред“. „Ова значи дека постои заемно разбирање, заеднички интерес, како што не постои за Украина“, смета тој.

Но, реализацијата на она што го предлагаат двете страни ќе оди мошне тешко, предупредува експертот. Како прво, пречи немањето желба кај САД за соработка со сириската влада, а како второ, тука е и слабата подготвеност на другите држави да започнат политички дијалог, забележува тој, повикувајќи се на неодамнешната изјава на министерот за надворешни работи на Сирија Валид Муала, дадена во Москва. Еден ден пред средбата во виена, сирискиот министер допатува на преговори со Лавров и со Путин, на кои потсети дека „американците бараат политичко решавање, ни при тоа изделуваат милијарди долари за поддршка на терористите“, а конфликтот помеѓу Дамаск и Анкара, која бара оставка на сириската влада, ја става под сомнение можноста за создавање коалиција во регионот.

Пропуштен момент

На прашањето дали може да се очекуваат конкретни дејствија во борбата со ИДИЛ во блиска перспектива, експертите одговараат неуверено. Процесот на консолидација може да биде мошне долг, но може да се случи и бргу, предупредува Наумкин, со оглед на тоа дека ИДИЛ напаѓа нагло, а „тоа може да ги турне во прегратка страните кои засега не се согласуваат“.

Останатите соговорници на „Руска реч на македонски“ не веруваат во коалицијата. Коалиција веќе постои – тоа се САД и нејзините сателити – и таа не функционира, вели политикологот, генералниот директор на независниот Центар за политички информации Алексеј Мухин. „Спротивно, специјалистите обрнуваат внимание дека имено дејствијата на коалицијата доведоа до раширување на контролата на ИДИЛ над разни територии“, вели тој во интервју за „Руска реч на македонски“.

Продеканот на факултетот за светска економија и светска политика при Вишата школа за економија Андреј Суздаљцев смета дека додека Русија се наоѓа под санкции, таа со сигурност нема да влезе во каква било коалиција. Според него ИДИЛ е резултат на американската политика на Блискиот Исток, но за нејзино уништување таа нема доволно сили. „На Американците сосема им пропадна борбата со тероризмот што Вашингтон ја најави во 2001 година. Но, во тие години се водеше борба против подземјето, сега веќе се води борба против терористичка држава. Ним им пропадна и окупацијата на Ирак. Трета работа е поделбата на опонентите на режимот на Ал Асад на „добри“ терористи и на „лоши“ терористи“. Сето тоа е чисто американска грешка, и сега <...> задача на САД е да ја натера понижената и обвиена со санкции Русија да одработува со својата добра репутација, зашто тие не се справуваат со тоа“, претпоставува тој. Русија при такви услови, па дури и при пораст на заканите од страна на ИДИЛ „нема да ги дава животите на своите луѓе и своите ресурси за грешките на Америка“, уверен е тој.

Нефункционални, според нив, се и претходните шеми како што се бомбардирањата од воздух и рафалните напади. „Моментот кога тоа можеше да функционира е веќе пропуштен“, вели Мухин, нарекувајќи ја „глупост“ и веројатноста од објавувањето војна на ИДИЛ. Бомбардирањата од воздух врз пустината е едноставно смешно, се согласува Суздаљцев. „Најверојатно станало збор [помеѓу Лавров и Кери] за консолидирани усилби против мобилизација на волонтери во ИДИЛ од разни земји“, претпоставува Мухин. А, освен другото, ИДИЛ треба да се стави во економска политика, смета политикологот: „Сè дури некои држави купуваа нафта од ИДИЛ, сè дури по различни патишта се испорачува оружје, невозможно е да се запре нивното ширење. Можеби токму тоа и го разгледувале Кери и Лавров“.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња