Иван Поповски со хит на сезоната на московската театарска сцена

Московскиот театар „Ателје на Пјотр Фоменко“
На осумнаесетти јуни на сцената на Московскиот театар „Ателје на Пјотр Фоменко“ беше прикажана премиерата на „Сонот на летната ноќ“ од Вилијам Шекспир во режија на неприкосновениот Иван Поповски. „Руска реч на македонски“ ви ги пренесува своите импресии, како и мислењето на режисерот.

Премиерата на претставата „Сон на летната ноќ“ од македонскиот режисер Иван Поповски која се одржа на 18 јуни предизвика невиден интерес од страна на публиката. Ова го докажува и фактот дека до крајот на летната сезона билетите за претставата се веќе распродадени. На почетокот беа најавени само неколку репризи до почетокот на јули, а во моментов претставата се наоѓа на репертоарот до 26 јули.

Најромантичната и најволшебната комедија на Вилијам Шекспир оваа година доживеа вистински лет кон небото. На премиерата уште од самиот почеток на лицата на гледачите се појавија искрени насмевки кои сведочат за нивното задоволство од она што го гледаат. Вили, џуџиња, амазонки се шетаат не само на сцената туку и меѓу публиката, комуницираат со неа, ја внесуваат во самата претстава. Сево ова беше апсолутно пријатно изненадување за посетителите, кои со задоволство влегоа во приказната.

Според она што можеше да се види, да се слушне и да се прочита по премиерата, може да се заклучи дека „Сон на летната ноќ“ не може, а да не му се допадне некому. Им се допаѓа на гледачите, им се допаѓа на актерите што играат во неа, а критиката беше апсолутно штедра кон оваа поставка на Поповски. До денешен ден не престануваат позитивните критики. Радијата и телевизиите постојано зборуваат за претставата, а на социјалните мрежи можат постојано да се прочитаат позитивни критики и од страна на гледачите.

Во својата најнова претстава Поповски ги има ангажирано актерите од сите поколенија на Московскиот театар „Ателје на Пјотр Фоменко“. Серафима Огарева ја игра улогата на Хермија, а Карен Бадалов херцегот Тезеј и царот на елфовите Оберон, две улоги има и актерката од првиот состав на Московскиот театар „Ателје на Пјотр Фоменко“ Галина Тјунина. Таа ги игра ролјите и Иполита и Титанија, додека Амбарцум Кабањан е Филострат.

Она што е исто така интересно е фактот што Поповски за основа на претставата го зема најновиот превод на оваа Шекспирова комедија направен од Осија Сорока. Можеби во ваквиот избор и се крие дел од маѓијата и од успехот што го донесе претставата. Преводот на Сорока е направен за современиот читател, мошне јасен и концизен, но многу близок до јазикот на Шекспир.

Претставата е работена според традициите што зад себе ги остави големиот мајстор на театарот Пјотр Фоменко. Ова е прва претстава по смртта на театарскиот великан во која и режисерот, и сценографите и актерите се потпираат на еден мошне интересен пристап – проба. Нивните дијалози, интерпретацијата, интонацијата, гестовите и погледите воопшто не изгледаат играно, вештачки, ами, напротив, со леснотија се предаваат од актер на актер, од сцената кон публиката.

Сценографијата, пак, е толку волшебна што понекогаш можете да се запрашате дали сте случајно влезени во некаква сказна. Актерите прават акробации, висат од платната поставени на сцената, ни прикажуваат некакви финти, кои за публиката ќе останат загатка. „Многу често ме одвлекува натаму, многу често сакам да користам некакви специјални ефекти, но во овој случај сакав да направам да биде колку што е можно поедноставно, колку што е можно поблиску до актерите, но во исто време да има и воздух и сон на летната ноќ“.

Како што вели и самиот Поповски оваа претстава е колективен производ, готови и цврсти решенија до почетокот на пробите воопшто и не постоеле. Во процесот на подготовката на претставата сите биле вклучени во креацијата и во обликувањето на изведбата, што претставува еден од уникатните пристапи на Поповски. „Сè се раѓаше заедно, целата претстава, се гледа дека јас понекогаш се обидував да ги запрам, понекогаш да им дадам мали насоки, понекогаш нешто да одземам“, вели тој за процесот на подготовката.

Последната изведба на „Сон на летната ноќ“ во оваа сезона ќе биде на 26 јули, но од Московскиот театар „Ателје на Пјотр Фоменко“ ветуваат дека наесен таа повторно ќе се најде на репертоарот.

Иван поповски е роден во Скопје во 1969 година. Во 1988 година се запишува на факултетот за режија на ГИТИС во класата на Пјотр Фоменко. Веќе на втората година од студирањето започнал да работи на претставата „Авантура“ според пиесата на Марина Цветаева. Во 1991 година оваа претстава ја доживува својата премиера, по што беше и официјално прогласена за најдобра московска претстава на годината. По неа Поповски продолжува да ниже успеси. Своите претстави не ги поставува само на сцената на Московскиот театар „Ателје на Пјотр Фоменко“, туку и во други театри во Русија и во странство. Минатата година во Македонскиот народен театар тој ја започна подготовката за претставата „Мајсторот и Маргарита“, а со работата продолжува и ова лето.

Во 2007 година претседателот на Република Македонија на Иван Поповски му го додели почесното звање „Амбасадор на културата на Република Македонија во Руската Федерација“. Во 2008 година, пак, претседателот на Русија Дмитриј Медведев потпиша указ за доделување медал „Пушкин“ за голем придонес во зацврстувањето на руско-македонските односи, за популаризација на рускиот јазик и на руската култура. На 4 септември Иван поповски и артистите од театарот за музика и поезија под раководство на Елена Камбурова станаа лауреати на Наградата на градот Москва во областа на литературата и уметноста во категоријата музичка уметност. Во 2009 година Поповски ја доби националната награда Музичкото срце на театарот за претставата „ВРЕМИЊА... ГОДИНИ...“, а за истата го доби и Кристалниот Турандот.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња