Столтенберг: Само силен Запад може да разговара со Русија

Западот треба да биде силен и единствен, само тогаш ќе може да работи со Русија и да развива со неа конструктивни односи, изјави генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.

Западот отсекогаш се стремел кон стратешко партнерство со Русија, а проширувањето на НАТО воопшто не беше обид да се навреди Москва и да ѝ се наштети на нејзините интереси, изјави во интервју за „Зидојче Цајтунг“ генералниот секретар на НАТО Јен Столтенберг.

„По завршувањето на студената војна Германија и сите сојузници во НАТО презедоа големи напори за да ја вклучат Русија во стратешко партнерство. Се отворија границите, се зголеми трговската размена, Г-7 се претвори во Г-8, Русија стапи во СТО, беше создаден Советот Русија-НАТО. Ние навистина се трудевме да воспоставиме односи на соработка со Русија, но тоа требаше да биде засновано на минимална заемна почит. (...) Проширувањето на НАТО не беше навредлив испад од наша страна. Одлуките за зачленување во НАТО ги донесуваа самите независни демократски земји. Токму народите на Полска, Литванија, Летонија и Естонија посакаа да стапат во НАТО. Ние не можевме да ги одбиеме само поради тоа што тие се наоѓаат во регион кој Русија го смета како своја сфера на влијание“, изјави Столтенберг.

„Само ако сме единствени и силни, ќе можеме да работиме заедно со Русија и да развиваме конструктивни работни односи. Ние мора да останеме силни и во исто време отворени за дијалог со Русија“, додаде тој.

Генералниот секретар на Алијансата се пожали на тоа дека европските земји-членки на НАТО, вклучувајќи ја и Германија, не брзаат да ги зголемат своите воени буџети, без оглед што тоа го бараат заедничките интереси.  

„Се работи за солидарност и праведна поделба на заедничкиот товар на трошоците. САД трошат 4% БДП на одбрана, а земјите од Европа околу 1%.Тоа е неправедна поделба на товарот“, изјави Столтенберг.  

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња