Русија нема да го проширува ембаргото на вино и бонбони

Таквиот чекор би се одразил лошо врз производствениот баланс и би удрил по потрошувачите, изјави министерот за земјоделство Александар Ткачев.

Русија нема да го проширува ембаргото на увоз на прехранбени производи како што се виното и кондиторските производи, затоа што засега е невозможно да се замени обемот на тоа производство, изјави за новинарите Министерот за земјоделство Александар Ткачев.

„Ние поаѓаме, пред сѐ, од интересите на потрошувачите, затоа што, доколку ние, условно кажано, го „затвориме“ виното, да речеме, кондиторските производи или нешто друго, тоа може да се одрази многу лошо, пред сѐ, на производствениот баланс во нашата земја“, изјави министерот.

„Односно, ние сѐ уште не произведуваме толку вино за да можеме во целост да ја задоволиме побарувачката на домашниот потрошувач“, потенцираше Ткачев, додавајќи дека тоа се однесува и на некои други видови производство во кои Русија „не доминира“.

„Овие прашања се разгледуваат, но денес не е време; треба да се размисли за сѐ внимателно и, се разбира, сѐ да се анализира и пресмета“, резимираше Ткачев. 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.