Почина поранешниот премиер на Русија Примаков

Артем Коротаев / ТАСС
Во 86 година од животот почина поранешниот министер за надворешни работи и поранешен премиер на Русија Евгениј Примаков. „Дипломат, кој ги враќаше назад авиони“ и човек кој “ја спаси Русија“ – вака денес е познат политичарот во Русија.

На 26 јуни во Москва по долго боледување почина првиот човек на Министерството за надворешни работи во периодот од 1996 до 1998 година и премиер на Руската Федерација од 1998 до 1999 година Евгениј Примаков. Ова за новинската агенција Интерфакс го потврди извор близок на политичарот. Смртта на Примаков исто така ја потврди и неговиот внук Евгениј Сандро. Евгениј Примаков имаше 85 години.

„Тој ја создаваше историјата на Русија“

За смртта на Примаков веќе му беше соопштено и на претседателот Владимир Путин. „Претседателот длабоко сочувствува со роднините и блиските на Евгениј Максимович (Примаков – заб. прев.), како и со сите оние што го познаваа“, изјави порт-паролот на претседателот Дмитриј Песков. Според него, Владимир Путин добро го познавал Примаков и бил негов соработник. „Тој беше државник, научник, политичар, кој зад себе остави големо наследство“, додаде Песков.

„Замина Евгениј Примаков. Истакнат политичар. Тој ја создаваше историјата на Русија“, напиша на својот Твитер-профил Алексеј Кудрин, министер за финансии на РФ од 2000 до 2011 година.

„За мене Евгениј Максимович претставува огромен авторитет. Го знам кога работев во владата, а потоа бевме заедно во парламентот. <...> Мудар човек со огромно искуство, мошне чесен, принципиелен човек. Тој не се приклучуваше во никакви крајно опозициски партии, но ја носеше својата вистина. Многу ми е жал што нè напушти. Тој беше голем човек“, коментираше за „Руска реч на македонски“ поранешниот заменик-претседател на Државната дума Ирина Хакамада. Според неа, Евгениј Примаков, како искусен работник во разузнавањето, „дипломат, кој ги враќаше авионите (се мисли на случајот кога на пат за САД, откако слушна за бомбардирањата врз Југославија, нареди авионот во лет да заврти и да се врати назад – заб. ред.) и кој водеше преговори“, „од некаква причина секогаш се интересираше за економијата и секогаш сфаќаше каде се болните точки“.

„Тој застана на чело на владата по катастрофалниот дефолт од 1998 година, и во вистинска смисла на зборот ја спаси Русија“, изјави за „Руска реч на македонски“ помошникот на Примаков од 1999 година Михаил Дељагин. Генадиј Семигин кој работеше со Примаков во Државната дума во третиот состав, во интервју за „Руска реч на македонски“ исто така го изрази своето сочувство. „Евгениј Максимович беше еден од најпристојните, најчесните и најпрофесионалните лидери на земјава. Тој направи многу за земјата да се развива, беше вистински патриот на Русија“, изјави Семигин.

Со минута молчење почест на починатиот поранешен премиер му оддаде и Државната дума. Заменик-претседателот на Државната дума Николај Левичев предложи споменот на Примаков да биде овековечен со споменик на Лубјанскиот плоштад во Москва.

Демарш над Атлантикот

Од 1977 до 1985 година арабистот Евгениј Примаков беше на чело на Институтот за ориенталистика на СССР. Кон крајот на осумдесеттите години од минатиот век беше претседател на Советот на Сојузот на врховниот совет на СССР, а од 1991 до 1996 година ја вршеше должноста директор на Службата на надворешно разузнавање на Русија.

Во 1999 година, кога беше премиер на Руската Федерација, тој го направи својот легендарен демарш, кој влезе во историјата под називот „враќање од над Атлантикот“. Откако дозна за бомбардирањата врз Југославија од страна на силите на НАТО, Примаков ја откажа својата посета на САД и нареди да се заврти авионот кој се наоѓаше над Атлантикот и да се врати во Москва.

Како последица на тоа, тој во повеќе наврати зборуваше за односите помеѓу Русија и САД. „Ќе изгубат сите, доколку руско-американските односи се втурнат кон ново издание на студената војна. За да не се случи тоа, треба, пред сè, треба да се откажеме кон, за жал, сè посилната реторика од двете страни. Овој заклучок се наоѓа на површината“, изјавуваше политичарот.

Направи прелом во внатрешната политика на Русија, се откажа од атлантизмот во полза на концепцијата за „мултиполарен свет“ – ова денес за Примаков го велат руските медиуми. По функцијата премиер тој кусо време работеше како пратеник во Државната дума во периодот од 2000 до 2001 година, а потоа цели 10 години беше на чело на Стопанската комора на Русија.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.