Наследството на Обама и Русија

Алексеј Иорш
Посетата на американскиот државен секретар, Џон Кери, и на неговата заменичка, Викторија Нуланд, на Русија ги натера аналитичарите повторно да прозборат за односите меѓу Москва и Вашингтон, за кои до пред два месеци можеше само да се одмавне со раката. Дали навистина постои некаков пресврт?

Пред сè треба да се потсетиме на нешто подзаборавено: меѓудржавната комуникација воопшто не мора да има цел договор за нешто. Во годините на Студената војна интензивната комуникација меѓу двете земји немаше секогаш цел склучување спогодба или решавање конкретно прашање. Многу поважна задача беше сфаќањето на логиката на дејствата и, по можност, на намерите на спротивставената страна.

Од почетокот на деведесеттите години од минатиот век овие механизми и навики почнаа да исчезнуваат, зашто се чинеше дека тие повеќе не се потребни. Опасноста од војна престана да се восприема како реална, а преговарачката активност задолжително требаше да доведе до некакви резултати. Сепак, политичките промени 2014–2015 година покажаа дека надежите за крајно и неповратно исчезнување на конфронтациите се само илузија. Карактерот и обичаите од епохата на Студената војна се вратија, а инструмент за нивно зауздување не постои.

Линијата на САД во однос на Москва по влегувањето на Крим во составот на Руската Федерација се состоеше приближно во следново: контактите да се сведат на минимум сè дури Кремљ не го смени своето однесување.

Ваквата линија не донесе резултати. Очекувањата на Вашингтон дека Русија ќе го измени курсот во односот кон Украина не се остварија. Од друга страна, стана јасно: и на Москва ѝ е тешко да смета на тоа дека во соседната земја ќе настапи прифатлива стабилност без оглед на волјата и без учество на САД. И, на крајот, почна да расте општата тензија, која е изразена преку различни непријатни инциденти со учество на воени бродови или на авиони на Русија и на НАТО.

Притоа, не може да стане збор за целосна студена војна. Постојат „заеднички предизвици“ и повеќе нема каде да се бега. На пример, Москва и Вашингтон на различен начин ја сфаќаат генезата на настаните на Блискиот Исток, но не го оспоруваат фактот дека Исламската држава претставува закана и за Русите и за Американците.

Барак Обама се наоѓа во финалниот стадиум на своето претседателствување, кога шефот на државата размислува, пред сѐ, за своето наследство. На Обама му се падна тежок период на деконструкција на светскиот поредок, така што беше тешко да се дојде до некакви меѓународни успеси. Згора на тоа, тој не помина и без сериозни грешки. Уште поважно е што сега треба да се фокусира на оние нешта што можат да останат во историјата. Во случајот со Обама тоа е, пред сѐ, Иран, а можеби и Куба. Завршувањето на иранската епопеја изискува голема работа во сите правци, спогодбата се чини мошне кршлива, така што е потребна максимална интеракција од сите страни, меѓу кои и од Русија.

Во поширок план Барак Обама, секако, не сака да го остави Блискиот Исток во хаотичната состојба во која сега се наоѓа, така што руското учество, или во крајна линија нејзината неутралност, исто така, се потребни. Украина, напротив, во планот на наследството не дава ништо добро – претседателот на САД самиот вели дека не може да се предвиди брз напредок.

Затоа, новата етапа во руско-американските односи (до почетокот на 2017 година), според сѐ, ќе изгледа вака: Отпочнување на работна комуникација на ниво на лица што одговараат за воено-политичката безбедност за да се сведе на минимум ризикот од случајни судири, размена на мислења и можни чекори во однос на ситуацијата на Блискиот Исток. Единствена позиција не треба да се очекува, но нема да има и отворена конфронтација. Во случајот со Иран веројатна е активна интеракција; во врска со Сирија нема да има нагли чекори. Позициите во врска со Украина ќе останат спротивставени, но најверојатно ќе се избегнува ескалација.

Ваквиот модус вивенди не значи омекнување на реториката, напротив, реалното намалување на затегнатоста, најверојатно, ќе мора да се компензира со посилни изјави. Но, во целост ваквата ситуација може да остане до крајот на претседателствувањето на Обама. А, понатаму сѐ ќе зависи од многу фактори, а како еден од поважните е динамиката на односите на двете страни со Кина.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Дознајте повеќе