Клупскиот живот на Москва

Оља Ејхенбаум
Ноќниот живот во Москва е полн со енергија, разновиден е и динамичен. Што се затвори некој поголем клуб или бар, веднаш се отвора друг. „Руска реч на македонски“ ве носи во обиколка на највозбудливите места за излегување, разонода и забава во престолнината на Русија.

1. Комплекс „Красниј Октјабр“

Доколку сте љубител на ноќниот живот, задолжително посетете го комплексот „Красниј Октјабр“ на островот на реката Москва, со оглед на тоа дека таму се отворени голем број одлични барови. Некои од нив, освен забава, нудат и извонреден поглед на реката и на најпознатите погледи на Москва, како што е Храмот на Христос Спасителот, на пример, Диџеите во определени вечери пуштаат електронска музика.

Gipsy е еден од најпопуларните локали не само на островот, туку и во целата престолнина. Станува збор за престижен клуб во кој настапуваат квалитетни диџеи, секогаш е полн со гости, а атмосферата е вжештена до рани зори. Од балконот се отвора прекрасен поглед на реката и на статуата на Петар Велики, па затоа вреди да му се допаднете на обезбедувањето на влезот.

Уште од своето отворање барот „Стрелка“ претставува централно место за собирање на посетителите на комплексот „Красниј Октјабр“. Стратешки добрата положба и посебниот амбиент ги привлекуваат оние што ги следат најмодерните трендови. Тука редовно се одржуваат концерти и забави. Chateau de Fantomas е приватен клуб во кој доаѓаат припадниците на високото московско друштво. За да влезете морате да ја преземете апликација со која се пријавувате за членство во клубот. Bonfire е нов коктел-бар каде се слуша исклучиво андерграунд музика и се служат јадења од молекуларната кујна. Ви препорачуваме задолжително да го посетите овој комплекс зашто во него постојано се појавуваат прекрасни нови локали.

2. Rodnya

Клубот Rodnya се наоѓа во простор кој наликува на потпокрив во комплексот Artrplay недалеку од московската железничка станица Курскаја и може да се пофали со пријатна тераса на покривот од кој се отвора поглед на индустрискиот дел од престолнината. Ова е место каде често гостуваат локални и странски диџеи кои пуштаат електронски андерграунд за љубителите на енергичниот модерен звук. Во околината се наоѓаат голем број необични уметнички предмети, кафулиња, галерии и работилници за разни креативни работи.

3. Пропаганда

Ветеран меѓу клубовите, но со сигурност нема да се затвори во блиска иднина. Пропаганда е урбана дестинација на Москва речиси 20 години. Секој четврток навечер се организираат специјални настани, на кои диџеј Санчез пушта техномузика за московските клабери, потоа следува уште една порција техномузика во петок во програмата со наслов Warehouse во која понекогаш гостуваат диџеи од странство, како и во сабота кога е на ред технохаус-програмата Ruvenzori со локални и со странски диџеи. Во понеделник и во вторник се организираат хип-хио и соул-забави, а во среда се пушта дип-хаус. Во текот на денот ресторанот на клубот Пропаганда нуди одлична храна по пристојни цени.

4. Камчатка

Камчатка е носталгичен локал сместен точно пред најлуксузниот градски трговски центар ЦУМ. Ова е втора локација на која е отворено кафуле со ова име, но атмосферата не е ниту приближно динамична како во првата. Камчатка е многу убаво уреден локал во советски стил. Со желба да потсетува на тогашните мензи, така што би требало со задоволство да ја посетите доколку го сакате духот на минатите времиња од социјализмот. Постојано се пушта советска поп-музика од периодот од осумдесеттите и од деведесеттите години од минатиот век, а цените се поволни си оглед на локацијата на објектот.

5. Suzuran

Барот Suzuran е мошне ексклузивен и моментални се смета за еден од најдобрите коктел-барови во Москва. Се наоѓа во релативно мал подрумски простор, делува малку старо и може да прими само 70 лица, па затоа е пожелно однапред да направите резервација.

6. Менделеев

Менделеев е малку таинствен бар, зашто до него води скриен влез на десната страна од продавницата со кинеска брза храна Lucky Noodles – овој концепт е инспириран од њујоршкиот Кинески кварт. Понекогаш вратарите не го пуштаат секој гостин, но, оние што ќе успеат да влезат во работните денови можат да уживаат во жива клавирска музика, додека во текот на викендот се пушта одлична дип-техно и дип-хаус-музика. Бармените на Менделеев подготвуваат уникатни и интересни коктели од различни алкохолни пијалаци, а главната состојка е апсинт.

7. „Кризис Жанра“ / Imagine Cafe

Кризис Жанра“ беше популарно место во центарот на Москва каде се одеше на ручек или на вечера во текот на денот, за во 22 часот да се трансформира во ноќен клуб кој најдобро може да се опише како „хипстерско диско“. Но, кон крајот на август престана да работи зашто сопствениците сакаат да го префрлат на нова локација. На негово место е отворено Imagine Cafe кое веќе стана популарен локал како неговиот претходни, кој покрај промената на формата во текот на денот и вечерта беше познат и по неверојатно ниските цени за делот од градот во кој се наоѓаше.

8. Duran Bar

Иако е релативно нов, Duran Bar стана едно од најдобрите места за ноќна забава во Москва. Сместен е во реновираните простории на поранешната фабрика за текстил, во интересен потпокрив со долги барски столови и големи прозорци низ кои се отвора поглед на брзиот живот на престолнината. Посетители се различни луѓе. Има онакви што можат да се сретнат и по други познати клубови, но и луѓе од уметничките кругови. Во текот на денот Duran Bar функционира како ресторан.

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња