Осумте тајни на Владивосток

Јуриј Смитјук / ТАСС
Како да се снајдете кога ќе дојдете „на крајот од светот“? „Руска реч“ ви претставува водич низ Владивосток, со совети како да ги избегнете „замките за туристи“, што да правите, а што да не правите во еден ваков руски мегаполис на брегот на океанот.

Владивосток е еден од градовите во Русија што прв го дочекува новиот ден во Новата година. Од Москва го делат седум временски зони и растојание од 9.000 километри. „National Geographic“ го вброи овој космополитски град меѓу најубавите приморски градови во светот. На улиците на Владивосток, како и некогаш, се среќаваат морнари од сите краишта на светот, се слушаат криците на галебите, а патниците секогаш се обидуваат да влезат во такси на погрешната врата, зашто возилата имаат волан од десната страна.

Кога да се посети?

Најпогодно време за посета на Владивосток е периодот од почетокот на август до крајот на октомври. Годишните времиња во Приморскиот крај на Русија се еден месец поназад во однос на останатиот дел од земјата. Во јули убавите мостови на Владивосток се скриени во магла што е погуста и од лондонската. Локалното население тогаш носи водоотпорни виндјакни и воопшто не размислува за капење. Средината на септември е време за сончање и за капење. Во октомври лисјето во Москва се речиси опаднати, а во Приморскиот крај тогаш има најголем број сончеви денови и најмногу есенски бои. Не пропуштајте да ги видите разнобојните ридови со модрото море во заднина. На зима не ви препорачуваме да одите во Владивосток, а и пролетта е долга и магловита.


Извор: Јуриј Смитјук / ТАСС 

Како да се стаса до Владивосток?

Најдобро е со директниот лет на Аерофлот од Москва. Летот трае 8 часа и 30 минути, додека од Токио, Пекинг и од Сеул траат само 2–3 часа. Меѓународниот аеродром во Владивосток се наоѓа во близина на селото Кневичи, 30 километри од градот. Оттаму автобусите на „Аероекспрес“ за 45 минути ги префрлуваат патниците директно во центарот на градот. На патот не пропуштајте го погледот на мостот преку заливот Златен рог.


Извор: Јуриј Смитјук / ТАСС 

Совети за пакување

Доколку сакате од самиот почеток да воспоставите „добри односи“ со Владивосток, земете ги со себе најудобните патики и чевли. Тие ќе ви го олеснат движењето по стрмните улици на „рускиот Сан Франциско“. Земете си и капа и потопла облека за да можете да му се спротивставите на океанскиот ветар. Секако, задолжително земете и водоотпорна виндјакна. Но, не заборавајте го и костимот за капење, во случај локалната клима пријатно да ве изненади. Доколку сакате планинарење или сурфање, земете си ја потребната опрема. Сепак, не носете ја вашата штица, зашто во Владосток постои одличен сервис за изнајмување.


Извор: Јуриј Смитјук / ТАСС 

Каде да се сместите?

Во центарот на Владивосток можете да се сместите во хотелот „Azimut Hotel Vladivostok”. Кај туристите популарна и евтина варијанта е сместувањето во хотелот „Жемчужина“, кој се наоѓа на мошне добра локација во близина на главниот градски светилник на полуостровот Егершелд. Доколку сакате да го доживеете автентичниот локален колорит, тогаш може да ви биде интересна и можноста за сместување што го нуди „Teplo hostel“. Тука ќе имате можност да бидете во друштво со поморски инженери и искусни светски патници, кои се собираат на вечера во заедничката гостинска соба со камин.


Извор: Јуриј Смитјук / ТАСС 

Со кола околу Рускиот остров?

Пред да изнајмите кола за да ги посетите плажите на Шамора или Приморскиот сафари-парк, каде што можете да ги галите ирвасите и да ги набљудувате тигрите, и пред да тргнете во откривање на тајните на заливот на Рускиот остров, треба да знаете дека во Владивосток возилата имаат волан од десната страна (од Јапонија), што е и овековечено во многу романи и споменици. Затоа, најдобро е да си земете такси. Минималната цена на едно возење е 150 рубли (околу 2 евра), а не е вообичаено на таксистите да им се остава напојница.


Извор: Јуриј Смитјук / ТАСС 

Најубавото е бесплатно

Најубавите работи во животот се бесплатни, вклучувајќи го погледот на море. Посетата на најголем број знаменитости во Владивосток е бесплатна. Пешачкиот мост преку заливот Златен рог и светилникот на полуостровот Егершелд најдобро е да се посетат кога времето е сончево и суво, инаку од мостот веднаш ќе ве одвее ветрот, а до светилникот нема ни да можете да стасате. Земете книга од руската класична книжевност од јавната библиотека на плоштадот Суханов, направете селфи покрај споменикот на морнарот во ѕвонарки и со новиот албум на групата Лед Цепелин под мишка, седнете на омилената клупа на Американката Елеонора Преј, која била заљубена во Владивосток (нејзиниот бронзен лик можете да го видите на влезот од Светланската улица).


Извор: Јулија Шандуренко

Важен дел од спомените што ќе ги имате од патувањата во Владивосток е погледот на море. Видиковците и кејовите се незаборавни, но најдобро место за појадок или за ручек со поглед на морето е „Грин кафе“ на врвот од трговскиот центар „Clever house“. Нарачајте сендвич со свежа морска риба и гледајте како се врти панорамското тркало покрај плажата, на местото каде што се пресекуваат Спортскиот кеј и улицата „Адмирал Фокин“, која е и главно шеталиште во градот.


Извор: Јулија Шандуренко

Што да се касне?

Комфорен и гостољубив, Владивосток го има преземено сето најдобро од различните култури што го имаат создадено неговиот идентитет. Доколку сакате да пробате специјалитети од морски плодови и одлично вино, посетете го ресторанот „Молоко и мјод“ („Млеко и мед“) на скверот Суханов. На киосците покрај трговскиот центар „Clever house“ можете да ја пробате локалната улична храна пјансе, а најдобрата паста за носење ве очекува во локалот „NewYork Street Food“ на Спортскиот кеј.

На малкумина им е познато дека Владивосток е рај за љубителите на кафето. Буквално на секој чекор ќе наидете на локали со квалитетни видови кафе, поволни цени и квалитет, а, секако, тука е и љубезниот персонал. Посетете го локалот „Кофеторија“ во оригиналната индустриска зграда под мостот над заливот Златен рог или некое од кафулињата од синџирот „Pirate Coffee“.


Извор: Јулија Шандуренко

А, списокот со најдобрите барови за вечерно излегување изгледа вака: „Rocks“, каде што заедно со коктелите В-52 се пали и барскиот пулт (внимавајте на косата), „Bar21“ и „Whisky Bar“. Барот „Дружба“ и клубот „Cuckoo“ се, исто така, добра варијанта. Еден од најпознатите барови е „Мумиј Трољ бар“, иако дел од мештаните не би ви го препорачале.

Купување сувенири

Најдобрите сувенири со симболи од Владивосток можат да се набават само на едно место, а тоа е музејот „Арсенев“ (внимавајте, не можете да платите со картичка!). Задолжително купете си некоја раритетна грамофонска плоча од продавницата „Контрабанда“ во Алеутската улица 12А или оригинален амблем со сидро од продавницата за воена опрема на улицата „Адмирал Фокин“. Бидете внимателни со сувенирите што можат да се јадат: морските плодови најдобро е да ги купите на аеродромот Кневичи непосредно пред полетувањето. Од една страна, ова е добра идеја зашто ем нема да ви тежи во предадениот багаж, ем нема ништо да се истури, а од друга страна, пак, на фришоп ќе добиете и специјална кеса во која морските плодови ќе останат свежи.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња