Тоа значи дека постои можност за развој, има што да се види, постои нешто со кое може да се привлечат туристи (како руски така и странски), но овие можности засега се сосема нереализирани. Треба да се гордееме со својот голем туристички потенцијал. Сепак, 2014 и 2015 година беа преломни. Многумина сакаат да се задоволуваат, макар и со нереализираните, но перспективни можности – постои желба да се примат што повеќе туристи. Најидеално е тоа да бидат странски туристи.
Државните органи од сферата на туризмот исто така неочекувано ја сменија стратегијата – во 2014 година за првпат сериозно почна да се зборува за претставништва за туризам во странство. Во 2015 година планирано е да се отворат канцеларии Visit Russia во Кина, во ОАЕ, во Финска, во Италија и во Германија. Забележливо е што во последниве десетина години идејата за отворање вакви канцеларии добиваше агресивно одбивање и целосно несфаќање за нивната потреба.
За споредба, во Русија работат повеќе од 40 претставништва на странски министерства за туризам. Популарноста на некои странски туристички дестинации е условена исклучиво од активната работа на нивните претставништва во Русија.
Доколку плановите за отворање канцеларии Visit Russia бидат реализирани, Русија за првпат во поновата историја, за првпат по речиси 25 години постоење на туристичкиот пазар, ќе добие можност во целост да се претстави како туристичка дестинација. Тешко е да се каже дека важноста на еден ваков чекор е преувеличена. Ова особено важи за оваа година, кога зачувувањето на бројот на странските туристи е една од најважните задачи на туристичкиот бизнис.
Надворешнополитичката ситуација, сериозното заладување на односите меѓу Русија и Западот, имаше мошне големо влијание врз позиционирањето на Русија. И, соодветно, на побарувачката кај европските, американските и кај јапонските туристи. Според оцените на руските туристички оператори што се занимаваат со внатрешен туризам, во 2014 година намалувањето на бројот на продажбите на овие пазари изнесува околу 30–40%. Намалувањето беше постепено. Еве како се оценува, на пример, побарувачката во април 2014 година од страна на некои американски компании што работат со Русија: „Заладувањето на односите меѓу Русија и САД имаше големо противречно влијание на туристичкиот пазар. Во последниве неколку недели се зголеми бројот на откажување од платените тури за налето. Во исто време се појавија нови клиенти на кои им е интересно да ја посетат Русија токму сега“. Во компанијата General Tours World Traveler, која од 1954 година испраќа американски туристи во СССР, со чудење забележуваат дека „сета оваа ситуација тргна во полза на Русија како туристичка дестинација и ѝ го привлече вниманието на определена категорија туристи, кои се подготвени да заминат на ова место за да видат со свои очи што е тоа Русија“. Судејќи според статистиката, вакви туристи немаше многу.
Сепак, само што започна девалвацијата на рубљата, намалувањето на побарувачката забави – турите во Русија поевтинија! И политиката, практично, замина во втор план. Туристичките оператори уверуваат дека постои голема веројатност оти побарувачката ќе се задржи на нивото на минатата година – ова може да се смета како напредок, доколку се земе предвид наглото опаѓање што го преживеа пазарот на внатрешен туризам во 2014 година. Во споредба со минатата година основните пазари на туристи во Русија не се изменија. Тоа се Кина, Турција, Италија и Израел.
Впрочем, не се изменија и претпочитањата на туристите. Секако, тие не се менуваат со децении: Москва, Санкт Петербург (околу 90% од целокупниот број туристи), Транссибирската магистрала (повеќе од 3%), градовите на Златниот прстен. Малкумина одат на Бајкал, Камчатка, Алтај.
Политичката ситуација се менува, кризите доаѓаат и заминуваат, но луѓето патуваат секогаш, во секое време. Прашањето за тоа дали Русија претставува туристичка дестинација или само располага со потенцијал за такво нешто е прашање на кое не може да се одговори отсечно.
Сè зависи од тоа што сака туристот. Очигледно е дека ликот на Русија што е создаден благодарение на надворешната политика, и Русија за туристи се две различни земји.
Атмосферата во Санкт Петербург за време на белите ноќи не зависи од тоа за што и против што се залага официјална Русија. Челичниот блесок на Волга пред зајдисонце, танците на рибите во Охотско Море на Сахалин или ронењето на килибарот за време на осеката на брегот на Балтичко Море во Калининград се вечни. Прошетката по булеварите на стара Москва, ноќната екскурзија по местата од романот „Мајсторот и Маргарита“ на Михаил Булгаков се незаборавни. Како и Казањ – апсолутно европски, чист, пријатен град со неповторлив источен шмек. Може многу долго да се набројува – и трките со моторни санки на затполарниот снег во април во Ненецкиот автономен округ, лизгањето на воздушни топки во Јарослављ и терапевтскиот сон на пчелините улишта на Алтај. Но, најдобро е сето тоа да се види барем еднаш.
Автoрот е извршен директор на Асоцијацијата на туристички оператори на Русија.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче