Нови прошетки низ руската престолнина

Елена Ларионова
„Руска реч“ осмисли серија нови пешачки тури по историскиот центар на Москва, кои сѐ уште не се опишани во бедекерите, а кои московјаните веќе ги засакаа. Шетајте низ Москва како низ својот роден град, без страв дека ќе се изгубите. Откријте нешто ново и направете своја мапа на градот.

„Руска реч“ предупредува: сите маршрути за обиколка на Москва што се опишани во бедекерите или што ги препорачуваат социјалните мрежи најверојатно се веќе застарени. Само во текот на последниве три години во историскиот центар на градот се појавија седум нови пешачки зони, три големи парка се целосно реконструирани, на зданијата за посетителите се отворени видиковци со најубави погледи на градот, а по должината на гранитниот брег на реката Москва направени се пријатни шеталишта со комплетни дополнителни содржини. Пред денешниот посетител се отвора сосема нов град. Тоа е Москва по човекова мерка, во која не мора постојано да барате метро и центарот на градот можете да го обиколите пеш.

„Google Street View“ и понатаму ги нуди старите панорамски снимки на Кримскиот и на Јакиманскиот кеј покрај реката Москва, кои ја прикажуваат состојбата пред реконструкцијата од 2011 година. Споредете ги со новите фотографии на „Руска реч“ и ќе ја забележите разликата!

Маршрута на прошетката: Од Храмот на Христос Спасителот до паркот Горки

Вкупно време на прошетката без запирање 1,5 час

Должина на прошетката: 5.5 километри

Кропоткинскаја


Фотографија: Елена Ларионова

Нашата прошетка започнува од метро-станицата „Кропоткинскаја“ (црвената линија). Тука, на самиот брег на реката, се наоѓа Храмот на Христос Спасителот, обновен во деведесеттите години од минатиот век со прилози од граѓаните. Од видиковецот на Храмот се протега поглед на Кремљ, на централните градски реони и на реката Москва. Влезот на видиковецот чини 200 рубли (околу 4 долари).

Патријарши мост


Фоторафија: Елена Ларионова

Од Храмот почнува омилениот мост на московјаните – Патријарши мост. До пред пет години прошетката низ центарот на градот би завршила токму на ова место, зашто претходно мостот излегуваше на приватен имот и на улица полна со издувни гасови. Сега од ова место можете да ја видите зградата на поранешната фабрика за слатки „Красни октјабр“. Во неа денес се наоѓа голем уметнички кластер со андерграунд барови, ателјеа на архитекти и дизајнери и канцеларии на медиумски стручњаци. Но, во нашата прошетка не се симнуваме до фабриката, туку продолжуваме понатаму преку мостот.

Островот Балчуг


Фотографија: Елена Ларионова

Патријарши мост минува преку Балчуг, вештачки остров, кој е направен уште во 18 век, кога бил изграден Водоодводниот канал за заштита од поплави. Интересно е тоа што ретко кој од московјаните знае дека во самиот центар на градот постои остров, иако тој е стар 200 години. Всушност, ова и не е толку необично, зашто беше невозможно да се премине островот од еден до друг крај. Имено, мостот не беше завршен. Но, сега можете да го сторите тоа. Ќе продолжите право преку Патријарши мост над островот и каналот и по пет минути ќе излезете на Јакиманскиот кеј.

Јакимански и Кримски кеј


Фотографија: Елена Ларионова

Поради тесниот простор, широкиот коловоз и автомобилите што свират иритирачки, Јакиманскиот кеј е најнеблагодарната делница покрај брегот на реката Москва. Не е ни чудо што овој дел не се користел за прошетки! Но, не грижете се, веќе по пет минути одење стигнувате до реконструираниот Кримски кеј, со убаво широко шеталиште, уреден пејзаж, елементи од уличен дизајн, велосипедски патеки и фонтана. Можеби тука толку многу ќе ви се допадне што ќе решите да се задржите на ова место и да ја завршите својата прошетка.

Музеон и „Третјаковка“


Фотографија: Елена Ларионова

Второто име на реконструираниот Кримски кеј е Кеј на Музеон. Ваквиот изглед го има од 2013 година и претставува продолжение на Паркот Музеон, во кој се наоѓа Централниот дом на уметниците. На првиот кат од оваа градба се наоѓа одделението на Третјаковка галерија, во кое се изложени делата на најголемите руски сликари од 20 век: Малевил, Петров-Воткин, Кандински. Накусо, идеална варијанта за продолжување на прошетката во случај на невреме!

Паркот Горки


Фотографија: Елена Ларионова

Доколку продолжите понатаму по Кримскиот кеј, ќе поминете под Кримскиот мост и ќе се најдете на западниот влез од паркот Горки, кој веќе стана „нова градска атракција“. Реконструкцијата на градските зони за одмор и рекреација во Москва започна во 2011 година токму од Паркот Горки. Тука можете да најдете најразлични содржини: од лежалки со безжичен Интернет и езеро со лебеди до терен со направи за вежбање, терен за јога, детски забавни паркови, велосипеди и педалинки за изнајмување. Кога ќе го видите сето ова, можеби ќе решите да го вратите повратниот билет и цело лето да го минете во Москва.

Андреевски мост


Фотографија: Елена Ларионова

Доколку продолжите понатаму по кејот по должината на паркот Горки, ќе стасате до јужниот агол на паркот и до почетокот на Андреевскиот мост. Овој застаклен пешачки мост е одлично место од кое можете да го видите свиокот на реката Москва и зеленилото на стариот парк Нескучни сад (Интересна градина). Поради тоа што е навистина голем, ви советуваме да го заобиколите со велосипед.

Крај на прошетката

Ви предлагаме прошетката да ја завршите онаму каде што сакате самите. Една од можностите е да стасате до главниот влез на паркот Горки и потоа преку Кримскиот мост да отидете до метро-станицата „Парк куљтури“ (црвена и кружна линија на метрото) или до станицата „Октјабрскаја“ (портокалова и кружна линија). Друга можност е да отидете до крајот на Андреевскиот мост и да продолжите во истата насока уште седум минути. Така ќе стасате до метро-станицата „Фрузенскаја“ (црвена линија). Покрај станицата се наоѓаат две прекрасни градби од 19 век опкружени со паркови: вилата на семејството Трубецки во Хамовники и музејот на Лев Толстој. Но, во тој случај вашата прошетка може да потрае до самрак. Внимавајте, времето ќе ви летне. И не заборавајте да обуете удобни чевли!

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња