Музејот „Витославлици“ кај Велики Новгород. Извор: ТАСС
Ричард Дејвис, автор на книгата „Дрвени цркви: патување по рускиот Север“ на оние што сакаат да видат стари дрвени цркви во оддалечени места и во нивното природно опкружување пред да исчезнат тие, им советува да отседнат во некој од северните градови, како што се Архангељск, Каргопољ или во Онега.
Дејвис вели дека во Каргопољ постојано расте бројот на хотели и на туристички агенции кои нудат изнајмување возила, па така може лесно да се посетат оддалечените цркви и села што ги опишува тој во својата книга.
Тој, исто така, го препорачува Петрозаводск како почетна точка за посета на прекрасните цркви во Кижи. Рускиот уметник Иван Билибин напишал: „Никогаш немам видено таква архитектонска фантазија како онаа во Кижи... навистина добивате впечаток дека влегувате во некое царство од сказните“.
Семјонково, одлична дестинација за патување низ времето во Русија. Извор: Lori / Legion Media
Многу од црквите што ги има фотографирано Дејвис се наоѓаат околу брегот на Бело Море и по должината на брегот на реките Двина и Онега. Полесно е да се стаса до некој од музеите на дрвената архитектура. Милчик смета дека тие играат важна улога во популаризацијата на народната култура, но и дека тие, всушност, претставуваат „потсетник на она што сме го загубиле“.
Дејвис се согласува дека овие музеи им укажуваат на луѓето на сите убави градби што треба да се реставрираат, а воедно ја препорачува и експозицијата „Мали Корели“ во близината на Архангељск. Вознесенската црква со пет куполи и останатите бисери на архитектурата од 17 век тука го нашле својот живописен дом, иако донекаде имаат изгубено од автентичноста.
Музејот „Витославлици“ во близината на Велики Новгород претставува уште една прекрасна збирка, сместена во пригодно опкружување. Обновените дрвени градби од целиот регион се поставени по должината на брегот на реката Волхов.
Црквата Св.Георгиј на Војковскаја, Москва. Извор: Lori Images
Слични музеи постојат и во Суздаљ и на крајот во Волгода, во селотото Семјонково, до каде што од градот се стасува по кусо возење со такси. Етнолошко-архитектонскиот музеј поседува примероци од дрвени градби што настанале за време на двата претходни века, во кој има и објаснувања на англиски и на руски јазик.
Прекрасниот шумовит ридест/брдски парк во Коломенское, на само дваесет минути од централните делови на Москва, има сопствен музеј на дрвени цркви и на мали кули со огради. Особено се истакнува црквата Св. Георгиј од 17 век со три куполи, која била изградена на брегот на малата притока на реката Двина. Уметникот Иван Глазунов е човекот што е заслужен за обновата на оваа трошна црква и за нејзиното преместување на нова локација.
Дрвена црква во која се врши служба е и црквата Св. Никола, која се наоѓа на калето сместено на Измајловскиот пазар во источниот дел на Москва. Ниту еден од деловите што треба да придонесат за прекрасната атмосфера тука не е автентичен. Црквата е изградена пред околу 15 години од бетонски елементи обложени со дрво, но и покрај тоа остава силен впечаток и претставува одлично место за купување сувенири. Освен тоа, на островот што се наоѓа недалеку постојат остатоци од империјалното време, а тие можат да се видат од видиковецот на оваа црква.
Црквата Св. Тихон во паркот Сокољники во северна Москва, е исклучително богата со декоративни елементи и, исто така, служи како верски објект. Таа има интересна историја, а и крајот во кој се наоѓа е привлечен за посетителите. Денешните градби претставуваат реконструкција на објект од 19 век, но нејзините керамички печки на дрва и обоените клупи прават да изгледа постара. Сокољники биле царски соколари, а една легенда вели дека токму некој од нив ја подигнал оваа црква.
Црквата Св. Тихон во паркот Сокољники во северна Москва. Извор: Lori Images
Уште една скриена скапоценост во северните предградија на Москва е црквата Св. Георгиј, во близина на метро-станицата Војковска. Оваа црква е подигната во 1997 година во стилот кој многу потсетува на стилот на храмовите од северот на Русија. Има пет традиционални коси покриви со куполи и камбанарија, а ја користат жителите на густонаселената населба Коптево.
На спротивната страна од Тимирјазевската шума, во близина на метро-станицата Тимирјазевскаја се наоѓа дрвената црква Св. Никола. Оваа црква е направена според проект на Фјодор Шехтељ, голем архитект на стилот арт-нуво. Црквата била осветена во 1916 година во времето што не им било наклонето на верските градби.
Многу од московските манастири инспирираат со убавината што ја поседуваат дрвените капели, кои често имаат едноставни конструкции, подигнати на извори. Една таква градба е дел од живописниот комплекс во селото Косино, источно од Москва. Дрвената капела посветена на св. Тихон не се изделува, но атмосферата во самиот манастир на брегот на Бело Езеро е вредна за тој да се посети.
Доколку ја игнорирате бучавата што допира од московскиот сообраќај, предградијата како што е Косино можат донекаде да ви ја дадат сликата на животот на село. Но, доколку сакате вистински селски мир, морате да продолжите понатаму. Ако одите на еднодневна екскурзија надвор од Москва можете да ја почувствувате атмосферата на Мелихово, местото каде што Чехов имал своја дача. До обновената дрвена црква во селото може да се стаса по куса прошетка од неговата дача по патека по која шетаат кокошки, која, пак, минува покрај куќи со прекрасни градини.
Секое задоволство што го наоѓаат посетителите во дрвените цркви, без разлика дали се стари или нови, треба да го сврти вниманието на архитектонското богатство на Русија на кое му се заканува исчезнување. На оваа „страница на руското и на светското културно наследство“ Милчик ги набројува црквите што повеќе не постојат, како и оние на кои им се заканува истата судбина, поставувајќи си го прашањето: „Ќе бидат ли тие спасени навреме?“
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче