Репино – место за одмор близу Санкт Петербург

Музеите во Репино имаат пријатна атмосфера на руска дача и творечки дух кој владеел тука на почетокот на 20 век.

Музеите во Репино имаат пријатна атмосфера на руска дача и творечки дух кој владеел тука на почетокот на 20 век.

Ако сакате да видите во каков северен пејзаж се раѓале мислите на Репин, Мајаковски, Горки, Ленин и Ањенков и визиите на руските футуристи и реалисти, дојдете во малото село Репино на брегот на Финскиот залив, недалеку од Санкт Петербург. Тука историјата живее покрај балтичките борови, морето, песочните плажи, вегетаријанската храна и галебите заљубени во мазните камчиња и карпите на брегот.

Населбата Репино се наоѓа во Курортниот реон на Санкт Петербург, на брегот на Финскиот залив. Финскиот назив за ова место е Куокала, што, според некои толкувања, значи „улица“. Русите ја познавале Куокала уште од 14 век токму по добриот улов на риба. Според Ореховецката мировна спогодба од 1323 година помеѓу Новогородската Република и Кралството Шведска на жителите на Новгород им е дозволено да рибарат на ова место (тоа биле времињата пред основањето на Санкт Петербург).

Денес Репино е позната туристичко-рекреативна населба со чисти плажи, голем број одморалишта (некои од нив се интересни и како споменици на доцната советска архитектура) и одлични ресторани.

Русите почнале помасовно да градат дачи (руски традиционални викендички) во Куокала, на територијата на автономното Финско кнежевство, набргу по отворањето на железничката пруга во 1870 година. Уметниците и интелектуалците од тоа време особено го сакале ова место и побрзале да ја искористат можноста за само час и половина да го напуштат бирократскиот Санкт Петербург и да нурнат во финските пространства. 

Во Куокала свои дачи имале сликарот Иљја Репин, авангардниот уметник Иван Пуни, детскиот писател Корнеј Чуковски, театарскиот драматург и режисер Николај Еврејнов. Во болшевистичката резиденција во живописната дача „Ваза“ престојувал Владимир Ленин. Во дачата „Линтула“, која не е сочувана, живеел Максим Горки додека го завршувал своето дело „Деца на сонцето“. По морскиот брег на Куокала со часови пешачел Владимир Мајаковски, а бидејќи немал пари, секој ден ручал во некоја друга дача кај некој од своите бројни познаници. Тука, во дачата на сликарот и писател Јуриј Аненков, престојувал и Велимир Хлебников, а во блиската населба Усикирко (Усикирко е денес Пољани) одржан е првиот конгрес на футуристите. Така мирното финско село станало место на политички и уметнички случувања.

7 места каде времето застанало
„Руска реч на македонски“ ве води на седум изолирани места каде порано луѓето живееле и работеле, но кои се напуштени од различни причини и кои се во поголема или во помала мера „конзервирани“. Секое од овие необични и малку страшни места претставува мала книга по историја и, зависно од вашиот поглед на светот, глетка според која ќе можете да си претставите како ќе изгледа Земјата по крајот на човечката цивилизација.

По Првата советско-финска војна (1918-1920) населбата Куокала ѝ припаднала на Русија. Називот Репино го има добиено во 1948 година, во чест на рускиот уметник Иљја Репин, кој бил омилен сликар на советската власт и чиј имот во Куокала, за разлика од поголемиот број други дачи, е обновен, претворен во музеј и постои до денешен ден. 

Денес Репино е позната туристичко-рекреативна населба со чисти плажи, голем број одморалишта (некои од нив се интересни и како споменици на доцната советска архитектура) и одлични ресторани. 

Железничката пруга ја дели населбата на два дела. Од една страна се наоѓа шумски дел прошаран со дачи, а од другата приморски предел со одморалишта. На самата железничка станица се наоѓа трговски центар и ресторанот „Шаљапин“ (отворен во 2000 година) кој го негува стилот на руската дача од 19 век. Во него можете да пробате како руска, така и европска кујна, почнувајќи од растегај (традиционално руско печиво) со лосос до бифтек од најквалитетно говедско. 

Зад ресторанот „Шаљапин“ се наоѓа јавниот парк. Од десна страна можете да видите градба во неокласичен стил од Сталиновата епоха, која е реновирана и преуредена во ексклузивен хотел и рекреативен комплекс „Residence Hotel & SPA“. Доколку тргнете по патот налево, ќе стасате до меморијалниот музеј на Иљја Репин „Пенати“. Музејот е отворен во куќата во која сликарот ги минал последните триесетина години од својот живот и во која, меѓу другото, се наоѓа и неговото ателје со светилник. Тука се чуваат над шест стотини слики и графики од самиот Репин, од неговиот син Јуриј, како и од неговите пријатели.

Семејството на Репин се интересирало за вегетаријанскиот начин на исхрана, така што во музејот можете да научите неколку посебни вегетаријански рецепти. Во рамките на поставката можете да видите и архивски видеоснимки. Интересен е паркот околу куќата со различни декоративни архитектонски елементи, како што се летниковци, бунар и дрвена набљудувалница. Музејот има пријатна атмосфера на руска дача и творечки дух кој владеел тука на почетокот на 20 век. Гробот на Репин исто така се наоѓа на територијата на имотот, зашто токму тука, во Куокала, во септември 1930 година починал големиот сликар.

Како да се стаса до Репино? 

Од Санкт Петербург се стигнува со приградски воз кој тргнува од Финската железничка станица или од железничката станица „Удељна“ (според истоимената метро-станица) во правец на градот Виборг. Може да се стаса и со коли, но и со автобус или со маршрутно комби кое тргнува од метро-станицата „Чорнаја речка“ („Црна рекичка“) и „Стараја деревња“ („Старо село“). Во секој случај, патувањето нема да трае повеќе од 45 минути.

Вечерите во Репино можете пријатно да си ги поминете во прошетка покрај брегот на Финскиот залив. Налето туристите се сончаат на плажата и се капат, иако пливањето во море на ова место не е препорачливо. Освен тоа, треба прилично да се оддалечите од брегот за да дојдете до место кое е доволно длабоко за пливање. Но, страсните капачи ништо не може да ги поколеба. 

Карелскиот превој е место за одмор исполнет со мир и со тишина, кое наместо исончан тен и постојано плискање на водата нуди прошетка низ боровите сенки и медитативно набљудување на морскиот залив. Затоа тука прошетките се пријатни дури и наесен, додека назима може да се вежба нордиско скијање, да се шета по мразот и да се набљудуваат риболовците. 

На неколку места на плажата има детски игралишта, а покрај морете се наоѓа и шеталиште за оние кои не сакаат да одат по песок. Шумолењето на морето никогаш не станува здодевно, како и набљудувањето на галебите и на залезот на сонцето.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња