Седумте најзначајни музеи и галерии во Сочи

Уметничкиот музеј во Сочи. Извор: Lori / Legion Media.

Уметничкиот музеј во Сочи. Извор: Lori / Legion Media.

Специфичната историја на Сочи се одразила и на неговите мошне интересни музеи. Откако попладнето ќе го минете со чај, навечер ќе пробате шашлик и ќе ја почувствувате магијата на ноќниот живот во Сочи, можеби следниот ден ќе сакате да се запознаете со уметничките дела што ги нуди овој град и ќе доживеете дел од руската историја сочувана во неговите музејски колекции.

Уметничкиот музеј во Сочи Адреса: Курортни проспект 51, Сочи Работно време: 9:00-18:00 Цена на влезницата: 200 рубли / 4.8 евра (возрасни) 100 рубли / 2.5 евра (деца)

Уметничкиот музеј во Сочи. 

Кон крајот на триесеттите години во центарот на Сочи бил изграден административен центар на Ополномоштениот Серуски централен истражен комитет на СССР за изградба на градот, потоа во истата оваа зграда долго време се наоѓал градскиот комитет на Комунистичката партија на Советскиот Сојуз, а во 1971 година оваа зграда станала Уметнички музеј. Денес не постои ниту РСФСР, нити СССР, така што секој може да го посети овој музеј и да ги види ремек-делата на сликарството што се наоѓаат во него. Колекцијата на музејот содржи античко сребро и ладно оружје од вториот и од првиот век пред нашата ера, староруски икони, слики, графики и дела од декоративно-применетата уметност од периодот од 19 до 20 век. Претставени се дела на мајстори како што се Ајвазовски, Поленов, Серов, Туржански и други. Музејот од своето основање до денес го посетиле над 6 милиони луѓе. Достапен е и аудиоводич на англиски јазик.

Дачата на Јосиф Сталин

Извор: Lori / Legion Media

Дачата се наоѓа на територијата на одморалиштето „Зелен рид“,Курортни проспект 120, Сочи. Работно време: нон-стоп. Цената на влезницата изнесува 300 рубли (9.3 долара / 7.2 евра).

Доколку сакате да се запознаете со епохата на владеењето на Јосиф Сталин, посетете ја неговата дача (руска викендичка), која се наоѓа во истата состојба каква што била и во времето додека живеел големиот „татко на народот“. Подигната е во 1936, а Сталин првпат престојувал во неа во 1937 година. Тука до денес се чуваат некои од личните предмети на советскиот водач.

Извор: Lori / Legion Media

Тука е неговата лична сала за филмски проекции, во која сакал да ги гледа филмовите на Чарли Чаплин. Според првобитниот проект и замисла на архитектите, во дворот на куќата била изградена фонтана. Но, пред доаѓањето на Сталин, во проверка на дачата дошол началникот на неговото лично обезбедување, кој, кога ја видел таа пенлива композиција, рекол: „Ова да се тргне! Шумот на водата ги маскира чекорите на непријателите!“ Така фонтаната била претворена во цветна жардинјера. 

Музеј на историјата на Сочи

Адреса: Улица Воровски 54/11, Сочи

Работно време: 9:00-17:30 (понеделник е затворен)

Цена на влезницата: 100 рубли / 2.5 евра (возрасни), 50 рубли / 1.2 евра (деца)

Во музејот на историјата на Сочи на 700 квадратни метри се наоѓаат 12 тематски сали. Тука можете да ја видите колекцијата на археолошки наоди, предмети за секојдневна употреба и споменикот на културата на Краснодарскиот крај, документи и фотографски материјали. Можете да дознаете како дошло до тоа денес во овој град да живеат над сто националности, а една сала му е посветена на летот на Јуриј Гагарин во вселената. Достапен е и аудиоводич на англиски јазик.

Музеј на Николај Островски

Извор: Lori / Legion Media

 

Ако сакате подобро да ја запознаете историјата на Сочи од советските времиња, посетете го музејот на советскиот писател Николај Островски. Токму во Сочи тој го напишал својот роман „Како се калеше челикот“, кој имаше големо влијание врз низа поколенија на советската младина. Овој музеј ја чува неповторливата атмосфера на триесеттите години од минатиот век.

Адреса: Улица Павел Корчагин 4, Сочи Работно време: 10:00-17:30 Цена на влезницата: 50 рубли / 1.2 евра (возрасни), 20 рубли / 0.5 евра (деца)

Креветот на Островски, маса и стол, снежно бели завеси на прозорците, самовар и традиционални руски печива, зелена ламба, мастилница и оригиналната библиотека на писателот. Тука можете да ги видите и неговите ракописи. Овој музеј по своето отворање бил многу популарен. Жителите на Сочи во него носеле стари грамофони, стари фотографии, разгледници, предмети од советското секојдневие.

Извор: Lori / Legion Media

Музеј на олдтајмери

Адреса: парк „Ривиера“, Улица Егоров 1, Сочи Работно време: 9:00-22:00 Цена на влезницата: 150 рубли / 3.6 евра (возрасни), 50 рубли / 1.2 евра (деца)

Во бањската населба Дагомис, на 12 километри од Сочи, се наоѓа приватниот музеј на стари автомобили. Вкупната вредност на експонатите од овој музеј се проценува на над еден милион долари. Сопственикот на музејот олдтајмерите ги набавувал во САД, а потоа ги реставрирал во Сочи. Музејската колекција станува сè побогата. Денес тука може да се види автомобилот на Сталин, стари модели на Кадилак, Шевролет од 1938 година, советската Чајка, Олдсмобил, Доџ Дакота, Форд, Саксон од 1916 година и многу други модели.

Парк-музеј „Дрво на пријателството“

Извор: Lori / Legion Media

Парк-музејот „Дрво на пријателството“ е мошне посебно место во Сочи. Советскиот селекционер на растенија Фјодор Зорин во 1934 година во паркот посадил фиданки див лимон. Бидејќи сакал да добие сорта цитрусови растенија отпорни на студ, најнапред на фиданките див лимон накалемил гранка од јапонска мандарина, а потоа и на шпански портокал, кинеска кумквата, италијански лимон, цитрон о друго цитрусово овошје (вкупно 45 различни видови и сорти). Тој тогаш не ни знаел дека неговиот пример ќе го следат многумина и дека ова дрво ќе стане еден од симболите на Сочи. Дрвото не само што е сочувано до денешен ден, ами и зазема посебно место и го носи називот Дрво на пријателството. Денес околу него расте цела „градина на пријателството“ со уште шеесетина млади стебла и со музеј на подароци што ги имаат донесено посетителите.

Адреса: Улица Јан Фабрициус 2/5-а, Сочи Работно време: 9:00-18:00 Цена на влезницата: 100 рубли / 2.5 евра (возрасни), 50 рубли / 1.2 евра (деца)

Ова е единственото вакво место во светот каде околу едно дрво е создаден цел еден музеј. Музејот е основан во 1981 година и содржи колекција од подароци од различни земји. Во неа има национални сувенири, писма, фотографии, реликвии, музички инструменти, монети, значки, кутијки со земја од историски значајни локации. Во музејот се чуваат над 20 илјади подароци од сите компоненти. Меѓу експонатите се издвојуваат огромното кокосово стебло и советската рампа во облик на ракета, шолја од Хирошима што ја истопила радијацијата и советски фотографии од времето на Втората светска војна. Откако ќе ја погледнете поставката, можете да напишете нешто во книгата за впечатоци, која денес брои 70 тома.

Меморијален парк на војничката слава

Адреса: Завокзални микрореон, Централен реон, Сочи

Посетата е бесплатна

Во Сочи постои стар обичај според кој младенците со свадбената поворка своето брачно патување го започнуваат со посета на Меморијалниот парк на војничката слава. Тука се погребани војниците од Големата татковинска војна. Меморијалниот парк е изграден во 1985 година, по повод одбележувањето на 40-годишнината на Победата. Како и во секој друг меморијален парк во Русија, и тука гори вечен оган. Но, за да го видите, ќе треба да се искачите по најдолгите скалила во Сочи.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња