Што ја снајде Шарапова?

AP
Што знаеме за супстанцијата милдронат, што може да доведе до дисквалификација на најбогатата спортистка во светот.

Во сензационалната изјава во која призна дека допинг-контролата за Australian Open била позитивна, Марија Шарапова го спомена препаратот „Милдронат“ чија основна активна супстанција мелдониум. Токму оваа супстанција на 1 јануари 2016 година беше вклучена од Светската антидопинг-агенција (WADA) во списокот на забранети за спортистите препарати и токму него руската тенисерка го има примано во последниве 10 години.

Во понеделникот мелдониумот стана причина за позитивниот допинг-примерок на уште една руска спортистка - оваа материја беше пронајдена и во примерокот на лизгачката Екатерина Боброва која сега, заедно со својот партнер Дмитриј Соловјов, ќе го пропушти светското првенство во Бостон, САД од 28 март до 3 април. А, во февруари истата материја беше пронајдена и кај велосипедистот од рускиот тим „Катјуша“ Едвард Ворганов.

Рускиот министер за спорт Виталиј Мутко го нарече мелдониумот „неповрзан“ и „дека не дава ништо“.

Во меѓувреме WADA ја вклучи оваа супстанцjа во класата S4 - хормони и модулатори на метаболизмот. Максималниот период на дисквалификација за земањето е 4 години.

Кардиоваскуларен препарат со силни несакани ефекти

Мелдониумот кој се претвори во вистински камшик за руските спортисти, е развиен во средината на седумдесеттите години од минатиот век во СССР, во Институтот за органска синтеза при Академијата на науките на Латвиската ССР (сега Латвија). Во медицината почнува да се применува во 1984 година. Во тоа време тој станува практично задолжителен за сите професионални спортисти во СССР.

Мелдониумот првично е замислен како средство за лекување на кардиоваскуларни болести. Главната функција му е да го забавува растот на зоните со мртви клетки при оштетување на миокардот. Покрај тоа, ја подобрува и циркулацијата на крвта и ја намалува фреквенцијата на напади на стенокардија.

Популарност меѓу спортистите ја стекнува од друга причина: мелдониумот, меѓу другото, го зголемува интрацелуларниот метаболизам и ја зголемува издржливоста на организмот на високи физички оптоварувања за време на вежбање и на високи невропсихички оптоварувања за време на натпревари. Токму поради тоа WADA го поистовети мелдониумот кон допинг.

Поевтино плацебо?

Патем, ефикасноста на мелдониумот предизвикува сомневања кај современите лекари. „Го применувавме често, особено кај циклични видови спорт, меѓу другото, а периодично и во игрите. Тешко е да се процени неговата ефикасност: тој ретко се прифаќа изолирано. Не сум го користел во практиката, бидејќи сметам дека во него нема особен смисла. Можно се теоритски ефекти, кои можат сосема едноставно да се постигнат и со нормален сон и добра храна“, вели лекарот на рускиот национален фудбалски тим Едвард Безуглов.

Во деведесеттите години од минатиот век популарноста на мелдониумот меѓу руските спортисти се објаснува со најниската цена. Во тоа време тој е речиси единствениот препарат кој е достапен за спортистите во услови на криза. „Го користевме во најтешкиот микроциклус. Чувствував ефектот од него. Реално ми стануваше полесно да го издржам оптоварувањето, ја зголемуваше мојата издржливост“, вели во интервју за Championat.com руската пливачка Галина Шиповалова.

Недопустлива небрежност

Марија Шарапова изјави дека не престанала со земањето на забранетиот препарат поради небрежност, зашто го пропуштила писмото со обновениата листа на антидопинговите правила. Ваквата небрежност предизвикува збунетост меѓу професионалците. На пример шефот на медицинскиот оддел на фудбалскиот клуб „Спартак Москва“ Михаил Вартапетов советува да се пристапува одговорно кон информациите од WADA. „Зошто ние во тимот уште во есента знаевме дека милдронатот ќе биде забранет? Најпаметните ли сме? Не, само ги следиме вестите од WADA“, напиша спортскиот лекар на својот профил на Твитер.

Прилично остра оценка на она што се случило даде и поранешниот прв рекет во светот и победник во Ролан Гарос 1996 година, а во моментов потпретседател на Руската тениска федерација Евгениј Кафелников. „Ова е тежок удар за Шарапова. Печат врз човек кој преку дополнителни средства сака да го совлада противникот. Ако направила таков чекор, тогаш самата нека си се снаоѓа“, рече Кафелников, кого го цитира Р-Спорт.

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња