Македонија го сака ракометот со сето свое срце

Ина Суслина.

Ина Суслина.

EPA
Во Македонија сѐ почесто среќаваме руски спортисти што играат за македонските клубови и ги претставуваат националните репрезентации на меѓународните спортски арени. Македонија веќе долги години се гордее со својот ракомет, а ова особено важи за неговиот женски дел. „Руска реч“ овој пат на своите читатели им нуди ексклузивно интервју со миленичката на македонската ракометна публика, секогаш насмеаната и необично привлечна Ина Суслина.

Како се случи да дојдете во Македонија? Која беше мотивацијата да ја оставите успешната кариера во Русија и да му се приклучите на тимот на ЖРК Вардар СЦБТ?

Да бидам искрена, понудата на господин Самсоненко е една од оние што не се одбиваат. Неговата желба за создавање добра екипа, прекрасните услови од договорот, понатамошната перспектива на клубот... Најверојатно јас едноставно имав желба да сменам нешто во својата кариера и во својот живот, исто така. Започнувањето од нула за мене отсекогаш било мотивација! Нова земја, нов јазик, нов клуб, нови луѓе околу мене... тоа е секогаш интересно и сложено, но јас никогаш не сум се плашела од тешкотии, така ми е поинтересно во животот.

Какво беше вашето доаѓање во Македонија? Со какви предизвици се соочивте? Кои беа пречките за вклопување во македонското секојдневие?

Пред да дојдам во Скопје имав определени недоумици, претходно имав дојдено неколку пати и ги паметев и минусите и плусовите. Дојдов четири дена порано за да ја видам својата „тригодишна“ иднина (договорот веќе беше потпишан на период од три години) и... и – се восхитив. Одеднаш некако сѐ ми се допадна. Знаете, јас живеам со срцето, затоа за мене е најважна душевната состојба, таа го определува расположението и доколку во душата има мир и спокојство, сѐ останато добива само позитивни бои. Скопје ми се допадна уште од првиот ден. Мошне бргу се навикнав, го учев јазикот со задоволство, така што можам да кажам дека воопшто немав проблеми!

Ина Евгељевна Суслина е родена во Ташкент, Узбекистан. Таа е заслужен мајстор на спортот на Русија. Дипломирала на Ростовскиот државен педагошки универзитет. За руската репрезентација има одиграно повеќе од 150 натпревари. Во 2012 година доаѓа во Македонија, каде што почнува да игра во новоформираниот ракометен клуб „Вардар“. Таа игра на позицијата голман.

 

Вистински предизвик за секој човек е да се започне нешто ново, а вие тоа го направивте во Македонија, станавте дел од тукушто формиран ракометен клуб. Каква беше потрагата по заеднички јазик со соиграчите и со менаџментот?

Убаво велите, јас бев дел од почетокот на еден голем проект под назив „Вардар“, тоа секогаш мами насмевка на моето лице. Себеси се чувствував како дел од нешто важно и ценето. Тоа чувство трае до денешен ден. Тренерите, директорите, администраторите, новите играчи и целиот административен дел на клубот исто така се формираа пред моите очи, така што проблеми како такви немаше, беше почеток и сите заедно учевме. Учевме да се разбираме и да работиме како еден колектив.

Вие сте докажан член во светот на ракометот. Од ваша перспектива, колку македонскиот ракомет се разликува од рускиот и каков е воопшто односот кон спортот во Македонија и во Русија?

Македонија го сака ракометот со сето свое срце, тоа се чувствува од секојдневноста, не само од салата за време на мечот. Најверојатно тоа и е огромната разлика во споредба со мојата земја, во која, за моја огромна жал, ракометот е популарен само во два-три града. Тука, пак, имам бесконечна мотивација! Тоа ме радува како активен спортист. Имаме интернационална екипа и затоа ми е тешко да зборувам токму за разликата меѓу рускиот и македонскиот ракомет.

Фотографија од приватна архиваФотографија од приватна архива

Колку успеавте да ја запознаете Македонија за сето ова време? Што е она што ви се допаѓа, што ви недостасува од Русија?

Она што е потребно да го знам за Македонија, го знам доволно добро. Луѓето, менталитетот, местата што ми се допаѓаат, рестораните во кои готват убава храна (се смее). Ми се допаѓа климата, ми се допаѓаат насмеаните луѓе, дури и збогувањата на улица некако ми се допаѓа (ха-ха-ха). Прашувате што ми недостасува од Русија...? Знаете, понекогаш ми недостасува самата Русија.

Публиката е мошне важен дел од спортските настани. Какво е Вашето мислење за македонските навивачи во споредба со руските?

Навивачи! Фанови! Тоа е одделна тема за интервју и за долг разговор. Благодарение на нив јас сум среќна по секоја победа, благодарение на нив јас чувствувам дека правам нешто важно во животот, и, секако, благодарение на нив се вознемирувам. Македонската публика е неверојатна. Не може да се спореди, едноставно никаде на друго место не постојат такви навивачи.

Какви се Вашите идни планови? Ќе застанете ли тука? Каде се гледате себеси по десет години?

Ништо и никогаш не планирам. Живеам и се насладувам со она што го имам. Сега и тука сум среќна. Не се плашам од промени, не се плашам од нови работи, затоа сѐ што ќе се случи во мојот живот и каде ќе биде тоа, ќе покаже времето. Единствено можам да кажам дека по десет години веќе ќе престанам да играм ракомет. Иако... да бидам долго во спортот на високо ниво е нешто ново и од тоа не се плашам (се смее). Времето ќе покаже!
 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња