Русија надвор од лесната атлетика: 3 можни сценарија

EPA
Одлуката на IAAF да ги отстрани руските спортисти во лесна атлетика од учеството на меѓународните натпревари е тежок удар за рускиот спорт. „Руска реч на македонски“ ги анализира можните сценарија за развој на ситуацијата.

На 13 ноември Советот на Меѓународната асоцијација на федерации за лесна атлетика (IAAF) донесе одлука за отстранување на Русија од натпреварите што се во нејзина компетенција. Ова се случи откако Светската антидопинг агенција (WADA) го објави извештајот во кој се тврди дека во Русија долго време постоел систем на криење на нарушувањата во допингот кај спортистите од лесната атлетика.

Сега руските спортисти во лесна атлетика можат да ги пропуштат и претстојните Олимписки игри во 2016 година. Освен тоа, на Русија ѝ е одземено правото за организирање големи натпревари – Светскиот шампионат во спортско одење во Чебоксари и јуниорскиот шампионат во лесна атлетика во Казањ, кои беа планирани за 2016 година.

Што понатаму? Еве ги трите можни сценарија.

1. Русија бргу ќе ја коригира ситуацијата и репрезентацијата ќе си го врати своето право на учество

Првиот човек на специјалната комисија на WADA Дик Паунди изјави дека Русија може да биде допуштена на Олимпијадата 2016, доколку бргу ги отстрани нарушувањата поврзани со допингот. По шокантната одлука на IAAF настаните во Русија почнаа да се развиваат мошне брзо.

Директорот на московската лабораторија Григориј Родченков, кого WADA го обвини за уништување на 1417 позитивни допинг-тестови, веднаш беше отстранет од работа. Не поминаа два дена од одлуката на IAAF, а министерот за спорт на Русија обелодени дека раководството на руската федерација за лесна атлетика (РФЛА) практично ќе биде во целост заменето.

Валентин Маслаков, потпретседател на РФЛА за „Руска реч на македонски“ изјави: „Веќе создадовме комисија за истрага на случаите со допинг во руската лесна атлетика која ќе соработува со IAAF и со WADA. Олимпискиот комитет на Русија (ОКР) направи инструкција според препораките на WADA... Во неа се гарантира реформа на ВФЛА и казнување на сите оние што имаат некаква врска со нарушувањето во допингот“.

2. Русија нема да биде допуштена на Олимпијадата, нејзините спортисти ќе настапат под олимпиското знаме

Одлуката на IAAF предизвика незадоволство кај руските спортисти. Имено, повеќекратната светска рекордерка во скок со стап Елена Исинбаева во отворено писмо изјави дека е неправедно да се лишат чистите спортисти од правото за настап на Олимписките игри поради нарушувањата на другите.

Сепак, руските спортисти во лесна атлетика во случај на отстранување од Олимписките игри 2016 можат да настапат на нив под олимпиското знаме, што е пропишано и со декларацијата на Олимпијадата. Ваквото сценарио го спомена и рускиот министер за спорт Виталиј Мутко. Сепак, првиот човек на МОК Томас Бах ваквата перспектива ја нарече „целосна шпекулација“.

Познатата телевизиска коментаторка Ољга Богословскаја го освои среброто на Олимпијадата во Барселона во 1992 година во штафета 4х100 метри, настапувајќи под олимпиското знаме заедно со останатите спортисти од земјите на поранешниот СССР. „Кога не прозвучува химната на твојата земја и кога се подига дури и престижното олимписко знаме, а не она на твојата земја, емоциите се поинакви“, вели таа за „Руска реч на македонски“. Богословскаја подвлече дека таа „95% е уверена дека ситуацијата ќе биде решена многу пред Олимпијадата“ и максимално што можат да пропуштат руските спортисти се светските шампионати во затворени сали.

3. Олимпијадата во Рио ќе се одржи без лесна атлетика

WADA има и втор дел од извештајот кој комисијата планира да го обелодени во декември. Во него нема да стане збор за руските нарушувања, туку за корупцијата во врвот на меѓународната федерација за лесна атлетика. Според членот на независната комисија на Светската антидопинг агенција (WADA) Ричард Мекларен, работата на IAAF може да биде запрена, а лесната атлетика може да не биде претставена на Олимпијадата во Рио де Женеиро.

Спортскиот правник Валериј Фјодоров смета дека ова сценарио е можно: „Доколку претседателот на меѓународната федерација зема мито за да скрие позитивни допинг-тестови, тогаш тој може да земал не само од Русија (поранешниот прв човек на IAAF Ламин Дијак беше уапсен поради тоа што земал мито од спортистите за тие да бидат ослободени од истрага за допинг – заб. ред.)“. Според Фјодоров, потребна е реформа на целиот систем за антидопинг, а исто така и строги дејствија на меѓународните органи кои ќе ги натераат спортистите од другите видови спорт посериозно да размислат пред да земат забранети препарати.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња