Блатер за кризата во ФИФА, за Путин и за мундијалот 2018

Јозеф Блатер.

Јозеф Блатер.

EPA
Првиот човек на ФИФА Јозеф Блатер, кој на 8 октомври беше привремено отстранет од функцијата од страна на комитетот за етика на организацијата, даде интервју за руската информативна агенција ТАСС. „Руска реч на македонски“ ви нуди избор цитати од интервјуто со скандалозниот функционер.

Кризата започна со лична навреда на Платини

Уште од 2012 година во УЕФА не сакаа јас да бидам претседател на ФИФА. Ова беше планирана акција против претседателот на ФИФА. Притоа сите конфедерации ме поддржуваа, и само УЕФА правеше обиди да ме намести. Но, сето тоа беше без успех. Дури и по ова информациско цунами јас повторно бев избран за претседател. Сетете се кој учествуваше во оваа кампања – политичари од Европската Унија. Парламентот на ЕУ двапати носеше резолуција со која повикуваше да не биде избран Блатер. Тоа е директно мешање на политиката во спортот. Уште на почетокот цел на нападите бев јас. А, сето тоа го започна Мишел Платини (претседател на УЕФА, кој своевремено исто така беше отстрануван од функцијата што ја имаше – заб. ред.). Станува збор за лична работа.

ФИФА не може да се уништи

Оваа ситуација дури подоцна премина во политичка пресметка, кога земјите кои не го добија правото за организација на мундијал во својата земја (Русија го доби правото за мундијал во 2018 година во конкуренција со Англија, а Катар за 2022 година во конкуренција со САД за време на заседанието на ФИФА во декември 2010 година – заб. ред.) се вклучија во кампања за растурање на ФИФА. Но, ФИФА не може да се уништи, таа не е швајцарска банка или обична компанија. Таа не може да биде заземена на таков начин. Заедно со швајцарските власти овие земји извршија напад врз ФИФА и врз нејзиниот претседател... и излезе дека мундијалите и претседателот на ФИФА се најдоа во епицентарот на конфликтот на двете најголеми геополитички сили.

Мундијалот во 2022 требаше да биде доделен на САД

Тогаш постоење внатрешно убедување дека еден шампионат ќе се одржи во Русија - земја од Источна Европа која никогаш не организирала мундијал. Како на домаќин на шампионатот во 2022 година се гледаше на САД. На тој начин мундијалите ќе ги добиеја двете главни политички сили во светот. Сè одеше како што треба, дури претседателот на Франција Никола Саркози не се сретна со крунисаниот принц, сега емир на Катар (Тамим бин Хамад ал Тани – заб. ред.). По тоа, Саркози му кажа на Платини дека нема да биде лошо да се замине во Катар во 2022 година. Тогаш и се слушна приказната за тоа дека мундијалот треба да се одржи во Катар. Тоа ги измеша сите карти. Четири европски гласа преминаа од САД за Катар. Доколку не беше така, американската кандидатура ќе поминеше со резултат 12:10. Ние се подготвувавме за два прекрасни светски шампионати: Русија-2018 и САД-2022. Наместо тоа, зборуваме за криза во ФИФА.

Требаше да си заминам уште во 2014 година

Сега не е време за да жалам за нешто, со оглед на тоа што ништо не може да се измени. Сепак, требаше да соберам храброст и да си заминам по мундијалот 2014 во Бразил. Да останам ме убедуваа пет од шест конфедерации. Тие се плашеа дека на власт ќе дојде човек од Европа, и дека УЕФА ќе го земе под контрола целиот светски фудбал – парите, играчите. Во таков случај немав избор и останав.

Англичаните се однесуваат како губитници

Русија нема да го изгуби мундијалот. ФИФА го даде турнирот на земјата, никакви измени нема да има. Англичаните се однесуваат како губитници. Тие ја измислија сета оваа игра, принципите на фер-плеј, но на тоа гласање кандидатурата на Англија излезе уште во првиот круг, добивајќи само еден глас. Никој не сакаше мундијалот да се одржи во Англија, а тие се обидуваат за тоа да ме обвинат мене.

Во тешките ситуации Путин секогаш ме поддржува

Еднаш се сретнав со Путин во врска со организирањето на мундијалот во Русија. Тој многу сакаше Русија да го добие турнирот и ме праша дали е тоа можно. Јас му одговорив дека е можно. Тоа влегуваше и во концептот на ротација на континентите. Во тешки ситуации секогаш добивав целосна поддршка од претседателот Путин. Тоа многу ми помогна. Од своја страна, јас го поддржувам него во сите дискутабилни моменти.

Ветувам дека ќе научам руски до 2018 година

Во 1973 година ја посетив Универзијадата во Москва. Следниот пат дојдов на Олимпијадата во 1980 година. Имам многу спомени од тоа време. Тука е приемот во Кремљ кај Брежњев кој одвај се движеше, како да оди на ролерки. Го паметам „сувиот закон“ (прохибиција за време на Перестројката – заб. прев.) во времето на Горбачов. Како одевме на бања со поранешниот претседател на Рускиот фудбалски сојуз Вјачеслав Колосков. Јас почнав да учам руски. Но, за жал, јас повеќе читам на странски јазици, одошто ги слушам. Шпански, португалски, германски, француски – без проблем. Можам да зборувам на руски со акцент, но да читам кирилица е невозможно! Ветувам дека ќе научам руски до светското првенство во 2018 година.

Целото интервју на страницата на ТАСС.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња