Дали оставката на Блатер е закана за СП-2018 во Русија?

Извор: EPA

Извор: EPA

Неочекуваната изјава за оставката на првиот човек на ФИФА Јозеф Блатер, која дојде неколку дена по неговиот реизбор на фонот на корупцискиот скандал, ги зачуди руските спортски функционери. Сепак, овој настан не ги поколеба во увереноста за тоа дека Светскиот шампионат во фудбал во 2018 година ќе се одржи во Русија, како што беше планирано, без оглед на повиците за одземање на правото за организирање на првенството.

Изјавата на претседателот на ФИФА Јозеф Блатер за оставка ги зачуди руските спортски функционери, кои овој чин го поврзаа со притисокот што во последно време беше вршен врз фудбалскиот функционер поради скандалот со корупција. Во исто време тие тврдат дека не постои причина за ревизија на решението за спроведување на Светското првенство 2018 година во Русија, кое беше поддржано од Блатер. 

Коментирајќи го чекорот на Блатер, министерот за спорт на Русија Виталиј Мутко за агенцијата Р-Спорт изјави дека тој донел „храбра одлука од љубов кон ФИФА“. Притоа тој подвлече дека „и за многу федерации, и за фудбалското семејство оваа одлука е неочекувана“, а која тој ја поврзува со притисокот што бил вршен врз Блатер пред конгресот на ФИФА, кој се одржа минатата недела во Цирих, а поради корупцискиот скандал.

Не е одлука на еден човек 

Неколку дена пред конгресот неколку високопоставени функционери од организацијата беа уапсени под обвинение за корупција. Како што на 2 јуни соопштија медиумите, Еф-Би-Ај и министерството за правда на САД вршат истрага и за Блатер.  

Јозеф Блатер, кој е на чело на ФИФА од 1998 година и на 29 мај беше повторно избран по петти пат, ја искажа својата подготвеност да поднесе оставка на неочекувана прес-конференција вечерта на 2 јуни. Според него, оваа одлука е поврзано со тоа што неговиот реизбор „не бил поддржан од сите субјекти на фудбалот“. Тој ќе ја предаде својата функција на вонредниот конгрес на организацијата, кој треба да се одржи помеѓу декември 2015 и март 2016 година.

По изјавата на првиот човек на ФИФА за подготвеноста да даде оставка, Грег Дајк, раководителот на фудбалската асоцијација на Англија, изјави дека прашањето за тоа каде ќе се одржат следните две фудбалски првенства, во 2018 и во 2022 година (второво треба да се одржи во Катар), може да биде ревидирано. Во интервју за телевизијата Росија 24 Мутко, зборувајќи за светското првенство во Русија, рече дека тоа „не е одлука на еден човек, туку претставува одлука на извршниот комитет. Никакви закани (за спроведување на првенството во РФ) нема“. 

Истото мислење го дели и почесниот претседател на Рускиот фудбалски сојуз, поранешниот член на извршниот комитет на ФИФА и на УЕФА Вјачеслав Колосков. Во интервју за изданието Спорт-експрес тој изјави дека „дури сега (по одлуката на Блатер) не постои никаква основа за пренесување на СП-2018 во друга земја, не постои основа за тоа да не се одржи во Русија“. 

Пандорина кутија 

Експертите се согласуваат со ваквите оценки и не гледаат закани во однос на перспективите за одржување на првенството во Русија. Како што подвлекува во интервју за „Руска реч на македонски“ поранешниот претседател на московската канцеларија на ФИФА Валериј Чухри, станува збор за колективна одлука, што не ја донел Блатер самиот, туку извршниот комитет на ФИФА. Засега експертот не гледа каква и да е основа за тоа Русија да биде лишена од правото да го организира првенството. 

Во исто време аналитичарите забележуваат дека ситуацијата може да се усложни доколку во текот на истрагата се дојде до каква било компромитирачка информација за Русија. Како што изјави за „Руска реч на македонски“ генералниот директор на порталот sports.ru Дмитриј Навоша „Пандорината кутија е веќе отворена“ и ќе има уште новости за корупција во ФИФА, меѓу другото и такви кои се однесуваат на Русија. Сепак, како што подвлекува експертот, дури и сериозните свидетелства за корумпираност на функционерите на ФИФА не значи автоматско укинување на одлуките што биле претходно донесени од страна на организацијата, зашто тоа е поврзано со сериозни потенцијални ризици. Згора на тоа, засега РФ не фигурира во изјавите на американските истражни органи кои се занимаваат со овој случај. 

Валериј Чухри исто така забележа дека Блатер ќе остане на своето место уште речиси една година и доколку се донесе одлука за пренесување на првенството од Русија во друга земја на ФИФА ќе ѝ остане сосема малку време за да го организира на друго место.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња