Светското првенство во Русија не е поврзано со скандалот во ФИФА

Извор: Ројтерс

Извор: Ројтерс

Министерот за спорт на Русија Виталиј Мутко смета дека ситуацијата со приведувањето на службениците на ФИФА во Швајцарија нема никаква врска ниту со светското првенство во фудбал 2018, ниту со она за 2022 година.

„Немам целосна информација, но судејќи според списокот на приведени, тоа нема никаква врска со изборот на светскиот шампионат во 2018 година, па дури не се однесува ниту со изборот на Катар. Најверојатно станува збор за некакви, како што тие ги нарекуваат, корупциски дејствија од 2009 година и слично. Сега засега станува збор само за обвинувања што допрва треба да се докажат“, изјавува Мутко во телефонски разговор за агенцијата Р-Спорт. 

На 27 мај неколку високопоставени службеници на ФИФА беа уапсени во Цирих под обвинение за корупција. Претставниците на организацијата беа уапсени во рамките на истрагата на властите на САД за корупција и мито во раководството на ФИФА, а исто така и за прашања поврзани со изборот на градовите во кои ќе се одржуваат светските првенства во фудбал. 

Најголем дел од уапсените се членови на извршниот комитет на ФИФА. Тие беа собрани во хотел во очекување на редовните избори за претседател на организацијата, кои треба да се одржат на 29 мај во Цирих. 

Во моментов Министерството за правда и за полиција на Швајцарија испитува десетмина членови на извршниот комитет на Меѓународната федерација на фудбалски асоцијации (ФИФА), кои во 2010 година гласаа на изборот за земја-организатор на светските првенства во 2018 и во 2020 година, јавува агенцијата Ројтерс. 

Русија и Катар го добија правото да бидат домаќини на светските првенства во 2018 и во 2020 година во декември 2010 година како резултат на гласањето на извршниот комитет на ФИФА кое се одржа во Цирих, Швајцарија. Подоцна беше откриен корупциски скандал – според податоците од медиумите, поранешниот член на извршниот комитет на ФИФА Мохамед бин Хамам им платил повеќе од 5 милиони американски долари на службениците за организирање на првенство во Катар. 

Раководството на ФИФА започна истрага во врска со правото за организирање на светското првенство во 2020 година, а исто така и за 2018 година. На 13 ноември 2014 година ФИФА го објави извештајот за етика, според кој не беа пронајдени нарушувања во процедурата на гласање за изборот на Русија и на Катар како земји кои треба да ги организираат светските првенства во 2018 и во 2022 година.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња