Шарапова повторно прва на листата на Форбс

Извор: ИТАР-ТАСС

Извор: ИТАР-ТАСС

Марија Шарапова, гордоста на рускиот тенис, веќе десет години не се симнува од листата на најдобро платените спортистки во светот. „Руска реч на македонски“ ви открива од кои извори таа го влече своето богатство.

Руската тенисерка Марија Шарапова веќе десетти пат по ред се најде на врвот на списокот на најплатените спортистки на светот според верзијата на магазинот Форбс. Шарапова се наоѓа на првото место на овој рејтинг од 2004 година. Според оценките на Форбс, за 12 месеци (од јуни 2013 година до јуни 2014 година) Шарапова заработила 24.4 милиони американски долари. Од нив 22 милиони американски долари ѝ донеле договорите со Nike, Avon, Samsung, Tag Heuer, Evian и Head. Уште 2.4 милиони американски долари ѝ донеле наградните фондови. 

Во периодот од јуни 2013 година до јуни 2014 година Марија Шарапова заработила 24.4 милиони американски долари, од кои 22 милиони американски долари отпаѓаат на спонзорства и на реклами.

Се покажува дека тенисерките се најуспешни во областа на заработите. Така, на пиедесталот се најдоа уште две претставнички на овој вид спорт. Второто место го зазеде Кинеската Ли На со приход од 23.6 милиони американски долари, додека на третото место се наоѓа Серена Вилијамс која има заработено 22 милиони американски долари. Во десетте најдобри има уште четири тенисерки: Белорусинката Викторија Азаренко (приход од 11.1 милиони американски долари, од кои 3.6 милиони се од награди), Холанѓанката Каролин Возњацки (10.8 милиони американски долари, од кои 1.3 милиони се награда), Полјачката Агнешка Радвањска (6.8 милиони американски долари, од кои како награда се 3.8 милиони) и Ана Ивановиќ од Србија (6.4 милиони американски долари, од кои 1.4 милиони се награда). 

На четвртото место на списокот се наоѓа јужнокорејската лизгачка и олимписка шампионка од 2010 година, која на Зимската олимпијада во Сочи го освои среброто, Ким Ју На. Нејзиниот приход изнесува 16.3 милиони долари, од кои 16 милиони има заработено од реклами. Списокот на првите пет најплатени спортистки на светот го затвора американската автомобилска тркачка Даника Патрик со заработка од 15 милиони долари.

Марија Шарапова исто така се најде на врвот на рејтингот на 50 руски ѕвезди од шоу-бизнисот и од спортот, кој го состави руското издание на Форбс. Во 2014 година редакцијата на американскиот Форбс исто така ја вклучи Шарапова во списокот на најголемите ѕвезди на бизнисот кои се помлади од 30 години и во рејтингот на 100 највлијателни познати личности на светот (63 место).

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња