Волонтерски записи: Неколку часа до отворањето

Извор: РИА Новости

Извор: РИА Новости

Првите натпревари започнаа еден ден пред церемонијата на отворање. Затоа поголемиот дел спортски објекти ги отворија своите врати за спортистите најмалку еден ден пред официјалниот почеток на Олимписките игри.

Тешко е да се каже дека сè се наоѓа во состојба на идеална подготвеност. Попрво би можеле да го формулираме тоа на следниов начин: сите се стремат да бидат во состојба на идеална подготвеност за 20:14 на 7 февруари. Доколку среќата послужи. На влезот од хотелскиот комплекс „Роза Хутор“ од каде тргнува жичарницата кон истоимениот екстремен парк, каде ќе се одвиваат натпреварите во фристајл и сноуборд, работниците френетично садат млади борови дрвја по патеката. Пред железничката станица „Краснаја Полјана“ исти такви работници го бојадисуваат мостот. Насекаде се метат тротоарите, и тоа со таква ревност, небаре од тоа зависи судбината на олимписките медали на екипата на Русија. Понекаде во Олимпискиот парк сè уште стојат преполнети канти за ѓубре, за кои веќе трет ден се ветува дека ќе бидат испразнети секој момент. А, на објектите од планинскиот дел како на пример на отскочната штица за скокови на скии, може случајно да стапнете во сè уште не исушениот цемент. 

Но, сето тоа се чини сосема неважно кога ќе ја видиш желбата на луѓето, кои се одговорни за нешто, да ја завршат својата работа квалитетно и добро, без оглед на сè. На објектот на кој работам јас, првите натпревари поминаа со нервоза и во неред, како впрочем и секогаш. На еден од состаноците нашиот раководител ни рече дека како лајтмотив на Олимписките игри во Сочи може да прозвучи: малкумина од нас имаат искуство во организирање Олимписки игри, и апсолутното мнозинство од нас го прават ова прв пат, сепак понекогаш здравиот разум и ентузијазмот можат да го заменат секое искуство. 

На објектот исто така сите допрва почнуваат да влегуваат во работен ритам. Околу толпата се шетаат волонтери, предводени од нивните менаџери и раководители, а екскурзиите по објектот не престануваат ниту за момент: „водичите“ прават кругови по разни зони, а своите објаснувања ги имаат доведено до автоматизам. Останатите немаат потреба од автоматизам: на пример, претставниците на медиумите сè уште не можат да сфатат како ќе функционира мешаната зона за брзи интервјуа, и постојано се обидуваат да се втурнат во оној дел за кој не е наменета нивната акредитација. Свој удел во хаосот имаат и спортистите. Вчера бев сведок на прекрасна сцена:  Канаѓаните ја сфатиле фразата „да се помине низ микс-зоната“ многу буквално и минаа низ неа во лет, бодро прескокнувајќи преку оградата со своите скии. За прв ден, можеме да кажеме дека и тоа е дозволено.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња