Црниот пајак на советскиот фудбал

Извор: РИА Новости

Извор: РИА Новости

Пред околу еден месец, поточно на 15 декември, се навршија 50 години од прогласувањето на Лев Јашин за најдобар фудбалер во Европа. Така советскиот фудбалер стана прв голман во историјата кој ја добил Златната топка. Ниту еден голман до денес ја нема добиено оваа награда. Руска реч на македонски се присетува на интересните факти од животот на овој голем советски фудбалер.

Лев Јашин е веројатно најголемиот фудбалер во целата историја на СССР и на Русија. Повеќекратен првак на СССР, олимписки првак во 1956 година, европски првак во 1960 година. Сите клубови од светот сакаа во своите редови да го видат овој феноменален руски голман кој заради своите генијални одбрани беше наречен „црн пајак“. Но, тој му остана верен на московскиот Динамо. Во дресот на бело-сините мина 22 сезони (од 1949 до 1970 година). Исто така необичен е фактот што познатиот голман ја доби главната индивидуална фудбалска награда кога имаше 34 години. Единствено Стенли Метјус беше постар кога ја доби оваа почесна награда на 39-годишна возраст. 

ФИФА е задоволна
По претседателот на Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА) Јозеф Блатер, напорите на Русија за подготовката на светскиот шампионат во 2018 година високо ги оцени и генералниот секретар на организацијата Жером Валке.

Во одредена мерка Јашин несомнено имаше многу среќа. Имено, Златната топка најверојатно ќе му припаднеше на Пеле, кој со Сантос го освои Интерконтиненталниот куп забивајќи му на италијанскиот Милано 4 гола, доколку во тоа време наградата им се доделуваше и на оние што не се од Европа. Дури во 1995 година основачите на оваа награда ги изменија правилата. 

За време на својата кариера Лев Јашин има одбрането 150 пенали. Сепак, сè уште изненадува еден друг факт: во 813 натпревари советскиот голман 480 пати го сочувал својот гол „недопрен“. 

Многумина не знаат дека поради неуспешното деби во фудбалот, Јашин започнал да игра хокеј. На својот прв натпревар во 1950 година против вечниот ривал, московскиот Спартак, Јашин направил срамна грешка: примил гол, судрувајќи се со еден од играчите од својот тим. На тој натпревар Динамо загуби, а Лев Иванович речиси три години седеше на резервната клупа. Очајниот Јашин започна да игра хокеј. Не требаше долго да чека за успех. Неговата екипа, московскиот Динамо, го беше освоила Купот на СССР. Голманот сакаа да го земат во репрезентацијата, но тој реши да се сосредоточи на фудбалот. 

Лев Јашин го знаеја по едно обележје. Додека играше за клубот и за репрезентацијата на СССР, носеше ист качкет. И кога овој моден додаток излезе од мода, легендарниот голман продолжи да го носи. Каде и да одеше, со себе го земаше качкетот. Интересно е тоа што пред важни натпревари, Јашин незабележливо го ставаше качкетот покрај голот. 

Советската боречка вештина го слави 75-тиот роденден
Од 22 до 24 ноември во Санкт Петербург беше одржано Светското првенство во самбо, боречка вештина што настана во Советскиот Сојуз во текот на триесеттите години од минатиот век. Оваа година самбото, најпопуларната боречка вештина во Русија, слави два јубилеја – 75 години од постоењето и 40 години од првото светско првенство во самбо, одржано во Техеран 1973 година.

Познато е дека Јашин бил голем љубител на риболовот. Каде и да оди, секогаш најпрво дознава дали на тоа место може да се рибари. Дури и постоеше суеверие дека Динамо победува кога Јашин наспроти натпреварот оди на риболов. Имаше голема колекција блинкери, дури и увозни, кои во тоа време беа вистинска реткост. Големиот голман ги копал мамките за риба на отпад кој се наоѓал во близина на неговата викендичка. Ќе го раскопал ѓубрето и ќе почнел да собира црви. Речиси никој не го препознавал големиот голман кога тој одел на риболов. Самиот Лев Иванович ја подготвувал рибата, сакал често да готви за себе и за своите ќерки кога неговата сопруга била на работа. 

Јашин беше страстен пушач. Беше роб на оваа штетна навика уште од детството и никако не можеше да ја надмине. Голманот пушеше по четири кутии цигари дневно. Поради оваа погубна страст Јашин заработи сериозни проблеми со здравјето: имаше чир на желудникот. Голманот со себе мораше да носи прехранбена сода за да може да ги прекине нападите. Наспроти Олимпијадата од 1956 година беше решено репрезентацијата да ја однесат еден месец во Индија за да се подготвуваат на жештините. Фудбалерите сакаа да се фотографираат покрај еден слон. Слонот ја виде кутијата цигари, ја испружи сурлата и му ги зеде цигарите од рацете на Јашин. Целата репрезентација умре од смеење. 

Јашин беше феномен на своето време. По финалето на натпреварот на првенството на Европа во 1960 година, на советскиот голман му се приближи тогашниот претседател на мадридскиот Реал Сантијаго Бернабе. „Семоќниот“ шеф демонстративно ја извади чековната книшка и му предложи на голманот самиот да ја напише сумата за договор за преминување од Динамо во Реал, а потоа и платата која би сакал да ја добива во мадридскиот клуб. Кога ова го слушнаа останатите играчи на советската репрезентација, на шега му рекоа: „Напиши некоја сума од која ќе му се крене косата!“. Сепак, кога на господинот Бернабе му ја преведоа оваа шега, најпрво се насмевна, а потоа сериозно рече: „Навистина сум подготвен да платам за него која било сума, дури и ако за тоа би требало да ги продадам семејните дијаманти и да паднам во долгови. Но, и таа сума нема да биде доволна, зашто господинот Јашин всушност нема цена, како што немаат ниту сликите на големите уметници што се наоѓаат во музејот Прадо“.

Рускиот текст на сајтот на Gazeta.ru (1, 2).

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња