Техноутопија или катастрофа: каква ќе биде планетава за 30 години?

05 март 2017 Олег Егоров
Стручњаците за компјутерска безбедност на руската компанија Kaspersky Lab го започнаа проектот Earth-2050, во чии рамки заедно со футуролозите предвидуваат каков ќе биде светот за 10, 20 или 30 години. Претставите за иднината варираат: од побуни поради општиот глад до уживање во идеална фотелја.
Utopian businessman walking to the job, destruction, apocalypse.
Извор: Getty Images

„Размислувањето за иднината е наша работа“, пишуваат творците на сајтот Earth-50, кои се соработници на фирмата Kaspersky Lab, најголемата компанија во сферата на информациската безбедност. „Ние веќе можеме да ги предвидиме опасностите што ни ги носи утрешниот ден и начинот на кој можеме да ги избегнеме“. Во својата јубилејна 20 година од постоењето руската компанија започна мултимедијален проект посветен на можните варијанти на иднината.

Проектот е интерактивен. Кој сака може да понуди свои варијанти на она што ќе се случува до 2030, 2040 и 2050 година. Штом ја помине премодерацијата, овие идеи ќе се појават на електронскиот глобус. Првите прогнози ги изнесоа самите стручњаци од Kaspersky Lab, а исто така и футурологот Јан Пирсон, но на сајтот веќе се поставени и „пророштва“ на корисниците.

Секако, никој не знае во колкава мера овие претпоставки ќе се остварат, но затоа е мошне интересни да се доживее 2050 година и да се види. Значи, што ни носи иднината според верзиите на проектот Earth-2050?

Топол Сибир и градови под вода

Глобалното затоплување нема да запре, уверени се творците на сајтот. До средината на 21 век, велат тие, Северниот пол ќе се истопи до таа мета што за време на летото на Арктикот речиси и ќе нема мраз. Тоа ќе овозможи пловидба на воените и на трговските бродови, па дури и создавање арктички одморалишта.

Северните земји ќе имаат корист од одмрзнувањето, зашто ќе се повлече вечно замрзнатата земја и ќе биде многу полесно да се развијат огромните територии на Сибир и на Канада. Но, има и лоши вести. Уникатната северна природа ќе биде оштетена, а многу градови, на пример Дака во Бангладеш, ќе се најдат под вода поради порастот на нивото на морето. На сајтот може да се види панорама на градот кој е потонат како Титаник.

Глад или изобилство?

Особено мрачно делува една прогноза поврзана со екологијата: поради постојаниот пораст на бројот на жители, недостигот од вода и глобалното затоплување, планетата ќе биде опфатена од побуни поради општиот глад, а потоа и со војни за природни богатства. За волја на вистината, постојат и попозитивни верзии.

На пример, научниците ќе создадат пристапен механизам за десоленизација на морската вода со помош на нанотехнологијата. Ова ќе ги спаси од суши Африка и Латинска Америка, и ќе овозможи таму да се развие земјоделството, а на земјите што се опкружени со вода тоа ќе им биде дополнителен извор на приходи. Друг лек за Земјата е обновување на шумските масиви кои ќе го исчистат воздухот...

Софистициран живот за имашните

Животот во развиените земји, според верзијата што ја дава Kaspersky Lab, ќе биде покомфорен. Столчињата, каучите и креветите ќе се приспособуваат со текстурата според желбата на сопственикот, во секој дом ќе има 3Д-принтер за печатење на сè што е потребно. Наместо телевизија ќе има супербрзи стрим-канали чија содржина самите ќе ја определувате и ќе можете да ги програмирате и да ги регулирате по желба. Контактите со пријателите ќе се одржуваат со помош на холограм.

За волја на вистината, прогнозерите предупредуваат дека сиве овие погодности ќе ви бидат достапни само доколку имате многу пари. Можеби луѓето наместо да купуваат ствари ќе се „претплаќаат“ на одреден пакет животни услуги, оној што можат да си го дозволат. Тоа, според мислењето на творците на сајтот, ќе предизвика уште поголемо раслојување на општеството.

Империја на вештачка интелигенција

Стручњаците од компанијата Kaspersky Lab сметаат дека автоматизацијата е неизбежна. Како што ќе минува времето, така сè повеќе процесот ќе го контролираат совршени машини. Тоа е добро, зашто ќе има многу помалку валкани работи што ќе ги извршуваат луѓето, но тоа може да биде и опасно. На пример, ако во целост се автоматизираат рудниците на платина, хакерите некој ден можат да провалат во системот за работа што ги опслужува и да го програмираат да не се забележи дека тие крадат дел од скапоцениот метал.

Во секој случај, вештачката интелигенција ќе биде развиена и роботите во определени случаи ќе ги заменуваат луѓето. Јан Пирсон претпоставува дека во 2050 година луѓето почесто ќе имаат секс со роботи, одошто едни со други, зашто технологијата толку ќе биде напредната што нема да има разлика во чувствата. Изнесена е и уште една поекстремна прогноза: вештачката интелигенција ќе стане толку паметна што најпрво ќе им помага на властите во водењето на државата, а потоа ќе може во целост и да ги замени.

Авторските права на материјалите се во сопственост на редакцијата. При објавувањето на материјали од порталот „Руска реч на македонски“ во друг медиум, задолжително треба да се постави активен линк кон страницата од која е преземен текстот.
+
Лајкнете нѐ на Фејсбук.