Кои руски универзитети можат да ве однесат во космосот?

07 февруари 2017 Елена Прошина
Многу перспективни професии се поврзани со космичката индустрија. Русија е првата земја која испрати човек во вселената, така што е и природно што во неа има неколку универзитети каде се обучуваат стручњаци за истражувања во космосот.
testing space suits
Извор: Сергеј Пјатаков / РИА Новости

Најпозната руска високообразовна установа е Московскиот државен универзитет „М.В. Ломоносов“ (МДУ). Тој е еден од универзитетите на кои може да се стане „стручњак за космос“.

На МДУ на 25 јануари 2017 година отворен е Факултетот за космички истражувања кој ќе подготвува стручњаци за најважните области во сферата на проучувањето на вселената.

„Тоа се космичката медицина и биологија, подготовка на космонаутите за лет и нивно однесување во бестежинската состојба, проучување на различни сè уште не објаснети појави во вселената, информациски технологии, и секако, создавање нови уреди“, изјави ректорот на универзитетот Виктор Садовничи на доверителскиот совет на МДУ.

Каде уште може да се стекне космичка специјалност?

Освен во МДУ, идни професионалци во областа на космонаутиката се подготвуваат и во други универзитети во Русија во рамките на таканаречениот Конзорциум на аерокосмички универзитети на Русија:

– Московски авијатички универзитет (национален истражувачки универзитет) (МАИ

– Самарски државен аерокосмички универзитет (СГАУ

– Сибирски државен аерокосмички универзитет „Академик М. Ф. Решетњов“ (СибГАУ

– Санктпетербуршки државен универзитет за конструирање аерокосмички уреди (ГУАП

– „Военмех“, Балтички државен технички универзитет „Д. Ф. Устинов“ 

Освен тоа, студиски програми поврзани со космичките истражувања постојат и во следниве високообразовни институции:

– Руски Универзитет на дружбата на народите (РУДН

– Московски физичко-технички универзитет (државен) (МФТИ

– Московски државен технички универзитет „Н. Е. Бауман“ 

Како да се избере професија поврзана со истражувањето на космосот?

Космонаутот Јуриј Гагарин е избран од 200.000 претенденти. Тој на 12 април 1961 година прв во историјата на човештвото полета во космосот. Од времето на Гагарин многу нешта се променија. Сега речиси секој има шанси да работи во космичката сфера. За волја на вистината, тоа не значи дека секој може да лета во космосот. Покрај професијата космонаут, постојат и други професии кои се поврзани за космичката индустрија.

„Космосот е сфера за примена на многу вештини и знаења. Тоа е огромен систем во кој можат да се вложат и да се развијат способности и таленти. Не постои сомнеж дека со изборот на универзитет со моќен 'космички бекграунд' и со сеопфатниот систем на интеракција со проектантските и со производните претпријатија во оваа сфера може да се обезбеди влез во овие кругови веќе од првите години на студирањето, односно пред добивањето диплома“, вели  во разговор за „Руска реч на македонски“ Ирина Сторожева, раководител на одделението за односи со јавноста при МАИ.

Кога станува збор за космичките области во поширока смисла, може да се запише кој било технички факултет со висок статус, на пример Бауман или Московскиот авијатички универзитет. Важно е да се добие образовна база за работа во космичката сфера. „Таму се потребни  и пресметувачи, и компјутерџии, и термоинженери, и стручњаци за материјали, и конструктори, и организатори на производство и многу други“, прецизира Сторожева.

Кои космички специјалности ќе бидат барани во иднина?

Како што ни советува Дмитриј Судаков, раководител на проектот „Атлас на новите професии“ (atlas100.ru), за време на изборот на струката на почетокот треба да се размисли за иднината и за се замислите себеси во неа. „Понатаму би требало да се запрашате: 'Во која компанија би сакал-а да работам? Постојат ли такви компании денес или јас ќе ја основам?' Доколку постои компанија во која идниот студент би сакал да работи, тој тоа може и да го напише: 'Би сакал да се вработам во вашата компанија. На кој факултет е најдобро да се запишам?' Тие знаат кој факултет им е потребен“, вели Судаков.

Работодавачите бараат стручњаци кои се ангажирани во проектирањето и реализацијата на конкретни техники“, вели за „Руска реч на македонски“ Сторожева. „Тоа се проектантско-конструкторски пресметковни и технолошки структури“, прецизира таа. „Тие секогаш ќе бидат барани. Инженерите секогаш ќе бидат потребни. И колку што е посложен крајниот производ, построги се и условите за примање на работа“.

Иднината е во космичката индустрија

Определени трендови во космичката индустрија веќе доаѓаат до израз. Тоа е, на пример, развојот на приватната комерцијалната космонаутика која, според стручњаците, ќе резултира со појава на нови професии.

„За добар инженер повеќе не е доволно само да умее да создаде производ или технологијата на производството да ја направи поефикасна. Тој истовремено треба да биде и бизнисмен кој ја предвидува ситуацијата на пазарот и добар администратор кој управува со животниот циклус на производството, и организатор на производниот процес, и финансиски стручњак кој умее да ја пресмета вредноста на услугата што се врши врз база на неговиот производ“, тврди Сторожева.

Во „Атласот на новите професии“ меѓу „професиите на иднината“ се вброени и следниве: менаџер за космички туризам, односно стручњак кој ги подготвува програмите за посета на космичките простори, и инженер за „космички патишта“, односно стручњак кој ја опслужува орбиталната транспортна мрежа и кој одговара за проектирањето коридори на транспортните текови и синхронизација и лансирање на земјата.

„Како и да завртите, иднината му припаѓа на космосот, така што е одличен избор за идните студенти“, заклучува Сторожева.

Авторските права на материјалите се во сопственост на редакцијата. При објавувањето на материјали од порталот „Руска реч на македонски“ во друг медиум, задолжително треба да се постави активен линк кон страницата од која е преземен текстот.
+
Лајкнете нѐ на Фејсбук.