Каде и зошто САД ја користат руската воена техника?

Ловецот на американското воено воздухопловство е забележан како вежба маневри за воздушна борба заедно со руски Су-27 на небото над Невада. Можно е очевидецот да ги помешал авионите, но САД навистина имаат вистински Су-27 како и друга советска техника која не е официјално набавена.
Sukhoi Su-27 fighter aircraft
Извор: Вадим Савицки / Global Look Press

Руски Су-27П изведе учебна борба во државата Невада против американскиот ловец F-16, соопштува The Daily Mail, повикувајќи се на очевидец.

Фотограф-аматер направил снимки на воздушна борба на 8 ноември минатата година. Според него, на нив се гледа токму рускиот авион едносед. Според мислењето на авторот тоа е еден од неколкуте ловци Су-27 кои САД ги имаат купено на постсоветскиот простор.

Блиска борба во воздух

Маневарската блиска борба во воздушниот простор е изведена на висина од 6.000 метри.

„Се смета дека со појава на високопрецизните ракети денес повеќе нема потреба од 'судир' во воздух, зашто непријателот може да се уништи од голема дистанца. Но, во услови на блиска борба пилотите ги вежбаат своите навики и ја проверуваат можноста на секое конкретно летало“, вели за „Руска реч на македонски“ воениот аналитичар на весникот Известија Дмитриј Сафонов.

Според него, САД навистина имаат купено дел од руската техника на постсоветските простори. Вашингтон има набавено 21 ловец МиГ-29 и тоа во 1997 година во Молдавија, стравувајќи дека леталата ќе дојдат во рацете на Иран, а во средината на деведесеттите години од минатиот век и во минатата деценија Американците од Белорусија и од Украина имаат купено неколку авиони Су-27 кои ги користат за вежбање на американските пилоти.

„Патем, сета набавка е остварена во приватен и неофицијален аранжман, со цел американските стручњаци да ја проучат руската техника. Како повод послужи порастот на бројот ловци Су-27 во целиот свет. Армијата треба да ги знае силните и слабите страни на потенцијалниот противник“, истакнува експертот.

Тој нагласува дека Су-27 во својот арсенал го поседуваат Русија, Индија, Малезија, Венецуела, Алжир и некои други земји. Но, авионите што ги имаат купено Американците дури не се ниту воени, ниту примероци за вежбање, ами се целосно демилитаризирани летала на кои повеќе не може да се монтира оружје.

Камелеони во американското воено воздухопловство

Минатата есен американското воено воздухопловство повторно се најде во центарот на вниманието на меѓународните медиуми, кога канадскиот новинар Кристијан Борис на Твитер објави фотографии од ловецот F/А-18 обоени во бои карактеристични за руските Су-34.

„Овие два модела се разликуваат по крилјата кои кај F/А-18 се склопуваат, како и според конзолите на опашката кои кај Американците се свиткани настрана, за разлика од Су-34. На фотографијата од авионот направена од земја со помош на аматерска камера не се забележува разликата помеѓу овие два модела. Тоа можело да се случи и со фотографот во Невада во ноември 2016 година“, вели за „Руска реч на македонски“ професорот од Академијата за воени науки Вадим Козјулин.

Според рускиот експерт, пребојувањето на авионите е вообичаена практика кога станува збор за вежбање на определи параметри „наш-туѓ“ во воздухот.

„Не треба да се измислуваат никакви теории на завера. Во вистинска борба нема никаква смисла да се маскираат ловци во противнички бои. Руските  и странските радари не ги препознаваат авионите по бојата, ами по сигналот што од нив се одбива и што го ловат радарите“, тврди главниот уредник на списанието „Национална одбрана“ Игор Коротченко.

Советски тенкови во САД

Претходно приватни трговци со оружје во САД продаваа само советско и руско стрелечко оружје, а сега на понуда имаат и руски тенкови.

Како што пишува списанието The National Interest, руски тенк Т-72 со целосна опрема може да се купи кај приватник за 50.000 долари. Купувачот може да набави тенк за потребите на својот ранч или за својот имот надвор од градот откако ќе извади цел куп документи, сертификати и дозвола од властите на САД.

Поголемиот дел од „стоката“ со црвена петокрака стигнува во Новиот свет од земјите од поранешниот Варшавски пакт, кои имаат наследено огромен арсенал оклопна техника и друго оружје од периодот на Студената војна.

Како што тврдат авторите на изданието, приватни компании купуваат отпишани тенкови по пониски цени, ги увезуваат во САД, им ги сечат цевките и ги модернизираат во согласност со потребите на конкретниот клиент. Од нарачката до испораката обично поминуваат два месеци.

Меѓу водечките на овој пазар спаѓаат компаниите Redfish и Century Arms. Покрај тенковите и стрелечкото оружје, тие нудат и различни видови советски оклопни транспортери и теренски возила.

Авторските права на материјалите се во сопственост на редакцијата. При објавувањето на материјали од порталот „Руска реч на македонски“ во друг медиум, задолжително треба да се постави активен линк кон страницата од која е преземен текстот.
+
Лајкнете нѐ на Фејсбук.