Како Русија и САД ги спасуваат белите мечки

Б.Коробејников / РИА Новости
За да подготват план за спасување на ретките бели мечки, научниците испитуваа 180 претставници на овој вид кои живеат во областите на границата помеѓу САД и Русија.

Научниците го нарекуваат резерватот „Остров Врангељ“ во Чукотско Море „породилиште“ на белите мечки. Тој се протега на над 2.2 милиони хектари. Тука живее најголемата популација бели мечки на планетава. Во 2013 година биолозите преброија тука околу 6.000 претставници на овој вид. Сега, сепак, нивниот природен ареал - територијата населена од овој животински вид - се намалува.

„Мечките живеат главно на мразот. И доколку пред неколку години можевме да видиме парче мраз на неколку километри од брегот, сега мразот се топи и се гледа на десетици километри - зад хоризонтот“, вели Александар Груздев, директор на резерватот „Остров Врангељ“ . Според него, тоа не може да не влијае на животот на белата мечка.

Вкупна популација за Русија и САД

Вкупната популација за Русија и САД, живее на границата меѓу Чукотка и Алјаска, е една од 19 што постои на планетава. „Во САД мечките се појавуваат почесто напролет и налето, додека има мраз. А во Русија тие пристигнуваат во есенскиот период кога сè уште можат да ловат, бидејќи мразот сè уште не се појавил, и остануваат до раната пролет“, раскажува Груздев.

Договорот за зачувување и управување на популацијата на Чукотка и Алјаска меѓу владите на Русија и САД стапи на сила во 2007 година. Според него двете страни носат еднаква одговорност за мечките. Договорот предвидува дека основата за управувањето на популацијата е биолошката информации, вклучувајќи ги научните податоци и традиционалните знаења на домородните народи.

На крајот на 2016 година Русија и САД направија заеднички истражувања на белите мечки кои живеат на границата помеѓу Алјаска и Чукотка. Тие ќе бидат основа за развој на тригодишниот план за зачувување на мечките.

„Претходните истражувања беа направени пред повеќе од 10 години. За тоа време климата се промени, се промени и популацијата. Специјалистите кои ја изучуваат белата мечка, веќе имаат понапредни пристапи кон мониторингот. Мораше да биде развиена единствена методологија, за да можат да бидат споредени податоците. Популацијата е една и за да биде запазена, треба да се види што се случува и од двете страни на границата“, вели Александар Груздев.

Според него единствената методологија сега вклучува такви параметри како генетски анализи, состав на популацијата по полов признак, способност за опстанок на мечките и нивната заштитеност.

Дали човекот е главната опасност?

Според Груздев во историјата веќе имало периоди на глобално затоплување, кога мечките морале да слезат на брегот - во шумите и во тундрата. „Сегашната промена на климата сама по себе нема да доведе до изумирање на видот. Трагедија може да предизвика само интервенција на човекот“, убеден е тој.

Опасност за белите мечки не се само жителите на крајниот Север, кои во името на спасување на сопствениот живот често ги убиваат животните што им се приближуваат. Белите мечки стануваат жртви на ловокрадците или, а тоа е уште полошо, на садистички манифестации на морнари од различни земји кои ловат мекотели и риба во крајбрежните води.

„Имало случаи кога, гледајќи како мечка плива во морето, рибарите ја бркале и не ѝ давале да доплива до мразот или до брегот. Со часови ги мачеле животните додека тие не угинеле во водата. За среќа, властите ја засилија контролата и во последните 4-5 години имаше само еден таков случај, а криминалците беа фатени“, вели Александар Груздев.

На крајот на 8 седница на Руско-американската комисија за белата мечка беше потпишан Договорот за еколошки прифатливо ниво за лов на бела мечка. Оваа година на локалните жители им е дозволено да уловат не повеќе од 58 животни, од кои женките можат да се само една третина од вкупниот број.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња