Со што ќе се занимаваат ветераните од специјалните единици во Чеченија

Валериј Шарифулин / ТАСС
Познати странски експерти можат да станат инструктори за соработници нa безбедносните структури и посебните единици од пријателските за Русија држави во приватната воена база. Притоа вратите за американските инструктори во Чеченија се затворени, изјави првиот човек на републиката Рамзан Кадиров.

Ветераните од специјалните единици на Велика Британија и други земји ќе можат да станат инструктори во приватна воена база во градот Гудермес во Чеченската република (1.860 километри јужно од Москва), соопшти за „Руска реч на македонски“ директорот за комуникации на Меѓународниот тренинг-центар за посебна намена кој е во изградба Јулија Плавинска.

Предвидено е по отворањето во 2018 година во почетната фаза оваа структура да привлече специјалисти од групата 200 најдобри светски стручњаци. Инструкторите ќе се занимаваат со комплексна подготовка на борци од специјалните единици, така што тие да можат дење и ноќе да работат на различни локации: планински, шумски, рамнински итн.

„Не може да се негира дека во САД имаат навистина добри професионалци со долгогодишно искуство од учества во тајни и нетајни специјални операции во Латинска Америка, Азија, Африка. Во 'папката' веќе има околу десет барања од приватни американски инструктори. Тоа се луѓе со реноме. Ќе видиме“, изјави во интервју за агенцијата Интерфакс првиот човек на Чеченија Рамзан Кадиров.

Ќе работат ли Американци во Чеченија

По 28 ноември првиот човек на републиката усвои одлука да не допушта американски ветерани во подготовката на специјалците во Гудермес.

„Не сум поканувал Американци во Чеченија. И во интервјуто на кое многумина се повикуваат, не постои такво нешто. Веќе изјавив и пак ќе повторам дека ние под никакви околности нема да привлечеме соработници на американските специјални оддели за работа во Центарот. На прво место бидејќи ние сме најдобри во светот, а тие се на дваесет и трето место. Тоа го покажа и светскиот шампионат во Јордан. Тие нема што да нè научат“, рече Кадиров.

Според него, освен тоа, сите официјални структури на САД спаѓаат во Чеченија под санкции. „Изборот на кадри за работа во Центарот е многу строг. Да поминеш низ него не е лесно, без разлика од која земја е кандидатот. За американски инструктори вратата на центарот е сосема затворена“, резимира претседателот на републиката.

Кој ќе подготвува специјалните единици на ГРУ

Извор на „Руска реч на македонски“ од безбедносните структури изрази мислење дека странските експерти нема да се занимаваат со тренинзите на специјалците на ГРУ, ФСБ, Руската гарда и други државни органи.

„Во последниве години подготовката на специјалните единици на Русија носи постојано затворен карактер. Нашите борци ќе бидат тренирани од руски инструктори по посебна програма. Никакви Американци нема да се занимаваат со тоа“, рече соговорникот на „Руска реч на македонски“.

Според зборовите на воениот аналитичар на весникот Известија Алексеј Рам странците од САД, Велика Британија и други земји ќе се занимаваат со подготовка на персоналот на приватни руски безбедносни компании, а исто така на специјалните единици од земјите на ЗНД и други држави на комерцијална основа.

„Тие ќе подготват војници според заедничка програма усвоена во целиот свет. Специфична при нивната подготовка ќе биде можноста да се одработат антитерористички сценарија не само при ослободување на заложници во згради, но и на брод, авион, планинска локалитети итн.“ , вели Рам.

При тоа експертот не го дели мислењето дека владините структури губат драгоцено искуство. „Доколку се исклучат определени нијанси, кај нас и кај Американците сè е еднакво, како во областа на борбената подготовка, така и во тактичките планови за специјализирани активности, офанзивни операции итн.", дополнува воениот аналитичар.

Кого ќе обучува центарот?

Раководството на републиката не открива „имиња, лозинки и прекари“ на сите странски држави, кои заедно со Русија ќе можат да се подготват во Центарот за борци од специјалните единици.

„Практично сите земји од ЗНД сакаат да испратат кај нас специјалисти да се обучуваат за борба против тероризмот. Освен тоа пројавија интерес воени и дипломатски претставници на Аргентина, Белгија, Италија, Канада, Пакистан и многу други. Соработката со Кина носи поконкретен карактер - веќе се одржа размена на делегации“, дополнува Кадиров.

Началникот на секторот за воена политика и економија при Рускиот институт за стратешки студии Иван Коновалов смета дека политичката конјунктура ќе наметне значаен белег на работата на Центарот.

„Јасно е дека покана за обука во Чеченија ќе добијат земјите кои се пријатели на Русија, особено од ЗНД. Независно од тоа дали Центарот се гради со приватни инвестиции, тој ќе се наоѓа под прецизно набљудување од страна на владејачките структури“, вели експертот.

Според него шемата на работа на базата ќе биде целосно транспарентна, а финансиските текови ќе се следат целосно и сеопфатно.

Ќе можат ли Русите да војуваат во странство?

Во Русија функционира законот „За приватната безбедност и детективска дејност“, но нема закон кој ќе го регулира работењето на приватните воени компании.

„Приватните воени компании се структури кои работат во странство. На ниту една безбедносна структура од Русија, која ќе помине подготовка тука, нема да им биде дадено 'зелено светло' за учество во борбени дејства или пак за укажување на профилирани услуги во други земји“, додава Коновалов.

Комплексот располага со површина од 400 хектари и ќе претставува тактички град за одработување на секакви терористички сценарија: ослободување на заложници од училиште, автобус, авион, метро и други јавни места.Исто така, во периферијата на базата идните борци од елитните единици ќе се обучуваат за борбени активности со терористи во шума и во планински предели.Планирано е програмата за воздушно-десантна подготовка да се прошири со обука употреба на Wingsuit - специјален костум со дополнителна површина од ткаенина помеѓу нозете и рацете, како кај летачката верверица, објави РИА Новости. Ова ќе им овозможи на борците да ја намалат брзината на паѓање до 70 километри на час и да планираат со брзина до 250 километри на час.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња