Кој ги црта мистериозните кругови на Бајкал?

Евгениј Епачинцев / ТАСС
Секоја година на мразот на Бајкалското езеро се појавуваат мистериозни прстени. Порано научниците сметаа дека овие кругови ги „црта“ метанот кој се ослободува од езерото. Но, новите истражувања докажуваат дека прстените потекнуваат од антициклонските вртлози од структурата на самото езеро.

Во март годинава на мразот на Бајкал повторно се појавија мистериозните прстени. Ги открија стручњаците за сателитски мониторинг од холдингот Scanex за време на анализата на снимката од територијата во близина на ‘ртот Нижнее Изголовје на јужниот брег на полуостровот Свети Нос. Прстените одамна се појавуваат на мразот на ова езеро, и тоа по правило напролет. Научниците долго време претпоставуваа дека тие се создаваат под дејство на метанот, но најновите истражувања ја побиваат оваа хипотеза.

Шеги на вонземјаните или шамански ритуали?

Мистериозните прстени се обично со пречник од 5 до 7 километри. За првпат се откриени во април 1999 година на подрачјето на ‘ртот Крестовски. На истото место се појавија и во април 2003 и во 2005 година, а во 2008 година беа откриени на две места: повторно во близината на Крестовски и на подрачјето на населеното место Турка.

Прстените беа толкувани на сите можни начини: од дејствување на вонземјани до магични шамански ритуали. Научниците дури во 2009 година обрнаа внимание на овој феномен. Оттогаш на барање на Министерството за природа на Русија се организира секојдневен космички мониторинг. Академијата на науките на Руската Федерација покрена интеграциски проект во кој се ангажирани стручњаци од различни научни области. Меѓу нив има физичари, математичари и лимнолози (стручњаци за слатководни езера).

За време на истражувањето научниците претпоставуваа дека круговите на мразот ги создава метанот кој на почетокот на пролетта се ослободува од слоевите вода во тектонската надолнина на езерото.

Нови прстени

Анализата на снимките направени оваа година од сателитот Sentinel-1A покажа дека прстените се создаваат на исти места, и тоа често токму во близина на полуостровот Свети Нос. Таму често се јавуваат антициклонски вртлози со топла вода во центарот. Направени се и мапи на температурата на површината на езерото.

 

NASA, Scanex, Irkutsk EOStation
ESA, Scanex
 
1/2
 

 

Според описот кој го дадоа научниците, процесот на формирање прстени се одвива на следниов начин: мразот станува потенок, се натопува со вода и малку се спушта, по што настануваат пукнатини, а структурата на мразот во областа на прстенот се менува.

Со други зборови, мистериозните прстени се појавуваат поради антициклонските вртлози што настануваат под покривката од мраз на Бајкал поради карактеристиката на циркулација на водата во езерото, подводниот релјеф и контурата на брегот. „Можно е сличен механизам да функционира и на други места од езерото“, сметаат експертите од холдингот Scanex.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња