Шерп - идеален постапокалиптичен автомобил

Алексеј Даничев / РИА Новости
Редакцијата на „Руска реч на македонски“ се сретна со еден од првите сопственици на теренецот кој аналитичарите од „Џалопник“ (Jalopnik) веќе го избраа како најдобар во светот.

„Целта ми е да посетам места каде што не стапнала човечка нога“, вели Герасим Дорогин, претприемач од Москва и еден од првите сопственици на теренецот „Шерп“.

Овој теренец е создаден од инженерот Алексеј Гарагашјан од Санкт Петербург и веќе успеа да ги покори критичарите на телевизиската емисија „Топ Гир“ (Top Gear) на Би-Би-Си, технолошкото издание „Д Виргил“ (The Verge), „Бизнис инсајдер“ (Business Insider) и „Дејли мејл“ (Daily Mail). А, автомобилскиот блог „Џалопник“ ја нарече креацијата на Гарагашјан најдобар теренец во светот.

Да го почувствуваш со кожата

- „Шерп“ може да поминува низ тресетишта, ледени полиња, асфалт и на планински терени. Сè уште не сум наишол на препреки кои не можам да ги надминам со оваа машина – вели за „Руска реч на македонски“ Герасим Дорогин кој си го купил теренецот, за да оди со него на лов и риболов.

Со Герасим ја тестираме оваа машина. Патувањето ни започнува со форсирање на замрзната река: теренецот со свиткан нос под мразот, израмни сè и понатаму бавно, но сигурно си направи пат низ водената препрека, покриена со тенок слој мраз. Откако доплива до спротивниот брег, возилото застана и почна непречено да се искачува по ридот под агол од 45º. Задниот дел се нурна под крајбрежниот мраз и во кабината влезе малку вода - очигледно некој не го беше затворил добро задниот прозорец.

Потоа поминуваме низ шума и ги испробуваме можностите на теренецот при преминувањето на природните пречки: огромни карпести делови, трупци и паднати дрвја. И никаде не дојдовме до нешто каде ќе запре машината или каде ќе се дупнат гумите. Единствениот недостаток кој го нагласивме, беше недостатокот на ремените или други средства за безбедност на патникот. Чувството беше слично на патувањето во оклопни транспортери или во воен „Камаз“.

Извор: Руска реч на македонскиИзвор: Руска реч на македонски

Според зборовите на Герасим странските коли кои тој ги имал пред „Шерп“, не се справуваат со сите пречки на беспаќето на Русија и не се решаваат проблемите со ноќевањето. Во теренецот има два грејачи, па затоа руските мразови не се страшни. Во „Шерп“ може да се монтира и „теренска кујна“, додава Герасим.

Можностите на теренецот

Конструкторот на моделот Алексеј Гарагашјан за „Руска реч на македонски“ изјавува дека машината има бескамерни шини со ултранизок притисок и посебен систем за потпирање на тркалата, со кои се овозможува со леснотија да се надминат пречките од секаква комплексност.

„Машината мирно излегува од вода на мраз, совладува препреки со висина 70 сантиметри без разлика дали се тоа камења или паднати дрвја во шумата. Го имаме тестирано теренецот во Архангељската област и во Карелија, а исто така одевме со него во поход на Колскиот полуостров. Тој ги издржува сите испитувања на терен на беспаќето на Русија“, изјави за „Руска реч на македонски“ Гарагашјан.

Според зборовите на конструкторот во моментов концернот-производител води преговори со претставници на Министерството за вонредни ситуации (МЧС), а исто така, планира да направи тестирања на теренецот во Вологодската област. Во зависност од резултатите од тестирањето теренецот може да биде модифициран за да одговара на барањата на Министерството, и тогаш можат да го користат руските спасувачи.

„Теренецот е создаден за руските простори и идеално може да биде употребен во земји со сличен клима. За него веќе пројавуваат интерес купувачи од Финска, Канада и САД. Во иднина планираме да ги освоиме овие и други пазари“, додава конструкторот.

Директорот на компанијата „Шерп“ Сергеј Самохвалов за „Руска реч на македонски“ изјави дека нарачките за теренецот се прават за два месеци однапред. Главните клиенти се од Русија, но веќе има нарачки од САД и од Канада.

Мотор: 1.5-литарски дизел
Максимална брзина: 45 км/ч (на копно), 6 км/ч (во вода)
Тежина: 1.300 кг при капацитет од 1.000 килограми
Резервоар: 60 л (дополнително можат да се стават две канти внатре во колата и во дисковите на тркалата - уште плус 200 л)
Потрошувачка на гориво: 3 л/час

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња