За извршување на работата под шифрата „Обединување“ воениот сектор има издвоено до 25.9 милиони рубли, за кои извршителот на договорот до 15 октомври 2016 година треба да ги претстави резултатите од научно-истражувачката работа за теоретската можност за интегрирање на новиот систем и готови технички решенија.
Министерството за одбрана планира да добие локална компјутерска мрежа врз основа на апаратно-програмски комплекс, вклучувајќи работни станици „Интернет“, сервери на операциски системи, база на податоци и функционална програмска поддршка за обработка, предавање, прикажување на податоците и контрола на состојбата на стедствата за индивидуална анализа на автоматизирани работни места и колективно користење, се вели во огласот на Министерството за одбрана. Овој сложен комплекс е наречен Единствен информациско-аналитички систем (ЕИАС).
Системот, според замислата на воениот ресор, треба да биде „светски надзорник“. Неговата задача е да собира и да обработува информација од техничките средства за контрола на морското и на воздушното базирање и од инспекторските групи, кои вршат мониторинг на територијата на државите-учеснички на соодветните договори и да ги информира за тоа „сите заинтересирани ресори во РФ“.
ЕИАС ќе се користи за контрола на исполнувањето на 20 меѓународни договори и спогодби, меѓу кои договорот помеѓу Русија и САД за мерките за понатамошно намалување и ограничување на стратегиското офанзивно оружје (СНВ-3), договорот од 1987 за ликвидација на ракетите од среден и мал дострел (РСМД), Договорот за сеопфатна забрана на нуклеарните проби, а исто така и договорот за Отворено небо.
Новиот систем ќе може суштински да ги поедностави и да ги забрза комуникациите со странските партери – тој автоматски ќе распознава текст, ќе врши превод на стандардни пораки, ќе ја покажува информацијата на електронски карти и ќе генерира типски документи.
Основен експлоатант на новиот систем ќе биде Центарот за намалување на нуклеарната опасност (ЦННО) кој фунционира во состав на Министерството за одбрана, а кој претставува основна структура што врши контрола врз исполнувањето на договорите и спогодбите за ограничување на воените сили и на вооружувањето. Рускиот ЦННО работи во соработка со сличен ваков центар во САД и со соодветни органи во земјите од ОБСЕ и во КНР.
ЦННО веќе располага со специјален систем кој, меѓу другото, врши автоматска размена на информации со странските колеги, затоа можеби станува збор за модернизација на веќе постоечката инфраструктура и за значајно проширување на нејзината функција, изјавива за „Руска реч на македонски“ извор во ОПК, запознаен со ситуацијата. Притоа почетокот на работата на новиот ЕИАС никако не е поврзано со меѓународно-политичката ситуација, без оглед на неодамнешниот инцидент со Турција, во кој оваа земја ги одби руските инспектори да извршат надзорен лет над нејзината територија во рамките на летовите од договорот за Отворено небо.
Независниот воен експерт Јуриј Громов забележува дека обединувањето и автоматизацијата на информацискиот дел од работата на органите за воена команда претставува важна етапа од развојот на домашните и на странските вооружени сили. Работата во оваа сфера е подгреана од недовербата и засилувањето на заемната контрола од страна на воените држави. „Некаде по 15 години системите за разузнавање и за обработка на податоци на сите нивоа ќе станат во целост автоматизирани и ќе бидат контролирани од единствен центар за управување“, вели експертот во интервју за „Руска реч на македонски“.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче