Рускиот процесор ќе се појави на светскиот пазар во 2016

Baikal_468

Baikal_468

На почетокот од 2016 година во масовно производство ќе влезе првиот руски процесот Baikal-T1. Според соработниците на компанијата-производител, меѓу нарачателите има 20 странски компании.

Руската компанија „Бајкал Електроникс“ на почетокот од 2016 година планира да ја пушти првата индустриска партија на двојадерни процесори Baikal-T1 со обем од 100 илјади уреди. Според претставниците на компанијата, меѓу првите нарачатели има повеќе од 100 фирми, од кои околу 20 се странски. Меѓу нив е, на пример, тајванскиот производител на компјутери Ланер. До 2020 година „Бајкал Електроникс“ планира да продаде не помалку од 5 милиони процесори, меѓу другото и на странските пазари.

Baikal T-1 е првиот чип од руско производство за комерцијална употреба. До неодамна руските компании разработуваа процесори, најмногу, за одбранбените потреби. Цената на новиот производ ќе изнесува околу 60 американски долари за уред. Според претставникот на компанијата Андреј Малафеев, цената одговара на пазарот, со оглед на тоа дека станува збор за целосен систем со интерфејси, кој ги исполнува функциите на целиот компјутер.

Директни конкуренти на Baikal T-1 се процесорите на американските компании Broadcom и Freescale, смета раководителот на одделот за микроелектроника на експериментално-конструкторското биро „Петто поколение“ Валериј Шунков. Овие серии се разработени специјално за рутери, дигитални телевизиски приемници, за бела техника. Цената на ваквите процесори изнесува од 50 до 70 американски долари.

Според Глеб Мишин, генерален директор на Lenovo во Русија, ЗНД и Источна Европа, создавањето уред врз база на процесорите на „Бајкал Електроникс“ има смисла доколку државните структури во Русија бидат ограничени при купувањето техника. Во моментов постоењето руски процесор не претставува задолжителен услов.

„Бајкал Електроникс“ има намера да произведува четири процесори, од кој еден ќе биде наменет за персонални компјутери. Според Машин, уредите Lenovo можат да се адаптираат, но компанијата ќе го стори тоа доколку производителот понуди конкурентна цена или доколку има побарување на ваквите уреди од страна на државните компании.

Пазарот на процесори во бројки

7.9 милиони процесори за персонални компјутери во 2014 во Русија се испорачани од производителите AMD и Intel.

3.89 милијарди американски долари е обемот на пазарот на увезени процесори за персонални компјутери во 2014 година.

20.9 милијарди американски долари е обемот на продажба на процесори за смартфони на светскиот пазар во 2014 година.

4.2 милијарди американски долари е обемот на продажба на процесори за таблети на светскиот пазар во 2014 година.

Извор: IDC, Strategy Analytics

 

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња