БРИКС со извозна информациска технологија?

РИА Новости / Григориј Сисоев
Русија е за засилување на конкуренцијата на пазарот на информациски технологии. Ова за новинарите го изјави министерот за врски и масовни комуникации на РФ Николај Никифоров на форумот „Отворени иновации“.

Земјите од Европа, исто како и земјите од БРИКС, се во потрага по нови производи и можности и тоа треба да го стимулира експортниот потенцијал на иноваторите, смета министерот за врски и за масовни комуникации на РФ Николај Никифоров. Диверзификацијата и демонополизацијата на пазарот на информациски технологии се потребни за потрошувачите, подвлече министерот.

Развојот на ИТ-индустријата Никифоров го дискутираше со новинарите на тркалезна маса, организирана од страна на меѓународниот проект на Росијскаја газета Russia Beyond the Headlines. Настанот се одржа на 28 октомври во рамките на форумот „Отворени иновации“. На тркалезната маса присуствуваа уредниците на странските изданија од Јапонија, Кореа, Кина, Сингапур и Србија.

Потребно ли е лобирање за интелектуалниот извоз?

Никифоров изјави дека Русија е заинтересирана за извоз на ИТ и го забележа успехот на компаниите како што се ABBYY, Kaspersky Lab и Yandex. Постојат и други успешни приказни. Така, во 2014 година корисниците во Јужна Кореа масовно преминуваа на рускиот сервис Telegram, откажувајќи се од популарната апликација Kakao Talk. Корејците беа загрижени од изјавите на властите за почеток на мониторинг на Kakao Talk од страна на специјалните служби.

„Ние не лобираме промоција на руските компании на странските пазари, - подвлече Никифоров. – Тоа е чесна конкуренција“. Тој исто така забележа дека владите од сите земји треба да се стремат кон диверзификација на пазарот. „Кога постои монопол, како што е Гугл, тоа претставува пречка за иновациските компании и технологии, кои едноставно не можат да излезат на пазарот“, смета Никифоров.

Според министерот, треба да се води борба со монополите, да се зголемува бројот на универзитетите, на фондовите за почетни инвестиции и стартапи. Во регионите се формира инфраструктура за развој на ИТ-стартапи. „Она што им недостасува на руските пронаоѓачи е познавање на бизнисот и на странските пазари, на извозниот потенцијал на нивните производи“, изјави Никифоров.

Тој, исто така, рече дека меѓу земјите-членки на БРИКС се зголемува чесната конкуренција и соработката. „Сè поголем број кинески компании испорачуваат опрема за рускиот телекомуникациски пазар“, вели Никифоров.

Каде да се чуваат податоците?

Никифоров исто така го коментираше барањето за чување на личните податоци на Русите на територијата на Русија – во септември 2015 година соодветен закон стапи на сила.

„Станува збор за безбедносно прашање. Денес, кога во светот многу работи зависат од мобилните телефони, не можеме да си дозволиме личните податоци на Русите да се чуваат во странство, - забележа тој. – Ние веруваме дека Интернет-компаниите немаат желба да направат штета, но мошне често приватниот бизнис е под притисок на специјалните служби“.

Во октомври сервисот за нарачка на такси Gett излезе со изјава дека во целост го има префрлено серверот со личните податоци на руските корисници на територијата на Русија. Ваква намера изјавија и Uber, eBay, Google, месинџерот Viber и други ИТ-компании.

Стартапите се под притисок на монополите

„Многу земји страдаат од притисок на монополите, така што тие го одобруваат појавувањето нови провајдери“, рече Никифоров, коментирајќи го отворањето канцеларија на рускиот пребарувач Јандекс во Иран. Ова беше објавено на 25 октомври. Компанијата, пак, не го потврдува отворањето канцеларија.

Јандекс исто така има своја канцеларија во Кина и партнерски спогодби со мобилните рекламни мрежи во Бразил и во Мексико. Прв странски пазар што компанијата го има освоено е Турција во 2011 година.

На рускиот пазар Јандекс сè уште има лидерска позиција. Сепак, ситуацијата станува посложена со доминантната улога на Гугл на платформата Андроид. Неодамна Федералната служба за борба со монополите побара од американската компанија да го отстрани нарушувањето според законот за конкуренција.

Јандекс се обидува да го забави падот на уделот во пазарот, кој според податоците на LiveInternet изнесува од 62.2% во септември 2013 на 57.4% во септември 2015 година, за сметка на партнерство со иноватори на пребарувачи. Во октомври нов партнер стана Мајкрософт. Во пребарувачите на оперативниот систем Виндоус 10 пребарувачот Јандекс ќе биде основен за клучните компании на пазарот – земјите на ЗНД и Турција.

За Мајкрософт ова не е прва ваква спогодба: во септември корпорацијата се договори со најголемиот кинески пребарувач Baidu.com, кој стана домашна страница на пребарувачот Microsoft Edge на Виндоус 10 во Кина.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња