На МАКС ќе биде прикажан првиот руски „невидлив авион“

Владимир Вјаткин / РИА Новости
Од 25 до 30 август 2015 година во Жуковски ќе се одржи 12 меѓународна авиокосмичка изложба МАКС 2015, каде на статична платформа ќе биде изложен ловецот од петтата генерација МиГ 1.44 МФИ, направен според стелт-технологијата. По реализацијата на програмата на модерниот модел Т-50 беше одлучено МФИ да не оди во сериско производство, но за него и понатаму постои голема заинтересираност.

МиГ 1.44 по неколку дена ќе можат да го видат сите посетители на МАКС. Овој авион досега никаде не е прикажан, доколку не се смета тоа што во 1999 година им беше накратко демонстриран на новинарите. Но, ни тогаш авионот не полета, туку само возеше по пистата.

Своевремено овој модел беше класифициран како мултифункционален фронтовски ловец (рус. „мультифункциональный фронтовой истребитель”, МФИ). Коснтрукторското биро „Микојан“ му даде на овој ловец неверојатни маневарски способности, крстосувачки лет со брзина поголема од звукот, отежнато радарско и термовизиско детектирање, мал простор за полетување и краток залет на пистата, примена на најмодерните достигнувања на компјутерската техника во радарската опрема, нови системи за управување и уште многу други нешта. Интересно е што сите овие новитети не ги зголемиле, ами напротив, ги намалиле трошоците за опслужување на авионот во воздух и на земја.

Конкуренција на американскиот F-22

Со оглед на тоа што конструкторското биро „Микојан“ дури во 1991 година дојде до фазата на изработка на скица и на макета на авионот, можеме да констатираме дека на ова летало судбината и не му била многу наклонета. „Микојан“ потоа мина низ период на целосен финансиски дефицит во деведесеттите години од минатиот век, преживеа реструктуирање и на крајот беше претворен во Московска авијатичка производна корпорација „МиГ“, која потоа се спои со Конструкторското биро „Сухој“, така што повеќенаменскиот фронтовски ловец со ознака МиГ 1.44 се има кренато во воздух само еднаш – на 29 февруари 2000 година. Пробен пилот беше Херојот на Русија Владимир Горбунов. Тој е единствениот што има летано на моделот МФИ. Горбунов го карактеризираше авионот како машина со висок потенцијал.

Но, времето беше изгубено. МиГ 1.44 МФИ своевремено беше подготвуван како ривал на американскиот ловец Lockheed/Boeing F-22 Raptor, но му го отстапи местото на новиот проект, авионот Т-50, чие производство започна во 2002 година. Единствениот примерок на МиГ 1.44 што може да лета стоеше на отворено во Институтот за аеронаутика „Громов“ во Жуковски, за во 2013 година да биде конзервиран. Токму овој примерок ќе биде демонстриран во рамките на претстојната авиоизложба МАКС-2015.

Кинеска трага

Сепак, овој извонреден авион конструиран по шемата „canard“ („патка“), чии мотори имаат променлив обртен вектор, сé уште не припаѓа на минатото. Тој беше тема на многу дискусии во врска со „аферата“ во која, наводно“ технологиите од проектот МФИ беа предадени на Кина.

Многу експерти се цврсто уверени дека технолошките достигнувања од проектот МиГ 1.44 се искористени за време на создавањето на кинескиот ловец од петтата генерација Chengdu J-20. Истиот овој податок на почетокот од август 2011 година го објави и новинар на Ројтерс, повикувајќи се на анонимни извори. Но, портпаролот на Руската корпорација за производство на авиони „МиГ“ Е. Фјодорова на 25 август 2011 година ги демантираше овие гласови, велејќи му на новинарот на РИА Новости дека „Русија никогаш не испорачувала, не испорачува и нема да испорачува на Кина склопови и уреди за ловецот од петтата генерација Chengdu J-20 'Црн орел'.

Сепак, некои експерти и понатаму инсистираат дека можеби на Кина ѝ се предадени технологии и цртежи од ловецот МиГ 1.46, кој претставува усоввршена верзија на моделот МиГ 1.44. Независниот аналитичар Адиљ Мукашев, стручњак за прашањата поврзани со руско-кинеските односи, претпоставува дека станува збор за спогодба од комерцијална природа. „Кинезите за пари добиле нацрти за определени делови од 'Микојан'“ изјави тој за изданието Бастион.

Како и да е, јавноста во 2015 година за првпат ќе го види МФИ 1.44. Тоа значи дека ова летало повеќе не е строго чувана тајна, како што беше некогаш, и дека конeчно ја изгуби шансата за сериско производство во Русија.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња