Уралскиот „ловец на вируси“ во борба против Еболата

Извор: Press Photo

Извор: Press Photo

Уралските научници го создадоа Триазавиринот – антивирусен лек од нов тип и со механизам на дејствување кој ефикасно се бори со големо количество вируси и инфекции.

До крајот на 2014 година во руските аптеки ќе се појави Триазавирин, нов антивирусен лек со широко дејство кој може да лечи не само заболувања предизвикани од вируси на грип, но и низа други распространети инфекции. Лекот го пронајдоа научниците на Хемиско-технолошкиот институт на Уралскиот федерален универзитет.  

Лекот е ефикасен и против Конгоанската хеморагична треска, треската од долината Рифт, Западнонилската треска и вирусни инфекции опасни за животните. Руските научници сметаат дека Триазавиринот ги има сите шанси да ја повтори судбината на аспиринот, кој човештвото го употребува речиси веќе 150 години.

Странски интерес 

„Лекот навистина поседува уникатни фармаколошки својства: во денешно време активно се работи над пет лекови слични на него, насочени кон различни медицински цели“, раскажува за „Руска реч на македонски“ директорот на НИИ за грип, академик на РАМН, доктор по биолошки науки, професор Олег Кисељов. 

Производството на лекот „Триазавирин“ е организирано во уралскиот ООО „Завод Медсинтез“. Според пресметките на производителот, оптималниот обем на производство може да изнесува приближно 12 милиони пакувања годишно. Првата година Триазавиринот ќе се продава само во Русија и само на рецепта. Во иднина се планира производство и за светскиот пазар. 

Според Кисељов, за Триазавирин веќе се заинтересираа во странство. На пример, САД уште пред две години успешно го тестираа против западнонилската треска. Во средината на септември лекот беше претставен на состанокот на СЗО во Женева. „Компаративната анализа на понудите за антивирусни лекови против Ебола треската покажа дека Триазавиринот се наоѓа меѓу лидерите. Од она што го има денес на светскиот пазар, тој е еден од најдобрите: најмалку е токсичен, има добар терапевтски прозорец, може интравенозно да им се дава на тешко болни пациенти, компатибилен е со сите други видови терапија“, објаснува Кисељов. 

Посебен механизам 

Новиот руски пронајдок спаѓа во групата на „триазоло-триазини“ кои поседуваат посебен механизам на дејствување: тој ги неутрализира суштествено важните за вирусот рани етапи на заразување на клетките. Молекулот на Триазавиринот, поврзувајќи се со протеините на вирусот, го прави вирусот  безживотен. Лекарството го штити  организмот на секој стадиум во текот на болеста. Во клиничката практика таквите лекови претходно не беа користени.  Мнозинството антивирусни средства кои се применуваат денеска се наменети за одржување на имунитетот на човекот или за отстранување на симптомите на болеста.

„Триазавиринот е пример за доведување на руската научна идеја до конкретно производство, до пуштање на лекот на пазарот. Уралските научници Валериј Чарушин и Олег Чупахин за разработката на фундаменталните основи на органската синтеза на триазоло-триазините и лекот Триазавирин беа наградени со Државната награда на РФ“, истакна во разговорот со „Руска реч на македонски“ членот на комитетот за заштита на здравјето на Државната Дума на РФ, член на надзорниот совет на „Уралскиот биомедицински кластер“ Александар Петров. 

Мала токсичност 

Како што изјави за „Руска реч на македонски“ членот на научната група за разработка на Триазавиринот, директорот на Хемиско-технолошкиот институт на Уралскиот  федерален универзитет Владимир Русинов, антивирусниот лек со широко дејство во светската фармацевтика веќе постои – тоа е Рибавиринот, но тој е токсичен, се акумулира во еритроцитите. На пример, кога во епидемијата на атипична пневмонија во Кина на болните им препишаа без преседан голема еднократна доза од тој лек, вирусот беше неутрализиран, но на пациентите им беше погоден црниот дроб и органите за хематоза. Токсичноста пак на  Триазавиринот е исклучително мала. 

„Кога во текот на тестирањата правевме предозирање со лекот, не успеавме да убиеме лабораториско глувче, што ја потврдува неговата мала токсичност“, изјави Владимир Русинов. 

20 години работа 

По долгогодишни лабораториски испитувања и експерименти врз глувчиња и примати, лекот беше употребен за лекување на луѓе. Клиничките испитувања на лекот за проучување на терапевтската ефикасност врз болни од грип со просечна тежина беа успешно спроведени во Санктпетербуршката клиника при НИИ за грип. Севкупно на лекот се работеше повеќе од 20 години и е резултат на долгогодишни фундаментални испитувања иницирани на почетокот на 1990 години. 

Првпат лекот доби висока оценка од рускиот министер за здравство Вероника Скворцова во 2009 година, кога се решаваше проблемот за заштита на населението на Русија од пандемијата на свински грип. После тоа, благодарение на поддршката од Министерството за здравство лекот ги помина II и III фаза од клиничките испитувања и беше регистриран во врска со неопходноста од решавање на проблемот со лекување и хемиска профилакса на треската Ебола. 

Основниот влог во завршувањето на тестирањата на Триазавиринот го дадоа колективите на Институтот за органска синтеза „Постовски“ на Уралското одделение на РАН (во Екатеринбург), Уралскиот федерален универзитет „Елцин“, НИИ за грип на Министерството за здравство на РФ, Научно-истражувачкиот институт за испитување за воена медицина (во Санкт Петербург), Вирусолошкиот центар на Министерството за одбрана на РФ (во Сергиев Посад).

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња