Рускиот глобален навигациски сателитски систем ГЛОНАСС претставува аналог на американскиот систем GPS. Извор: РИА Новости.
Заменик-генералниот директор на АД „Руски космички системи“ Григориј Ступак соопшти дека наскоро неколку нови земски станици за корекција на сигналот од системот ГЛОНАСС ќе бидат поставени во странство.
Според него, три станици за диференцијална корекција и мониторинг (СДКМ) од глобалниот сателитски навигациски систем ГЛОНАСС Русија ќе постави во Кина, две во Казахстан и една во Белорусија. Планирано е станицата во Белорусија да започне да работи веќе во октомври годинава.
Претходно беше соопштено дека во Русија би можеле да бидат поставени три земски станици од кинескиот сателитски навигациски систем BeiDou. Станува збор за десетина кинески станици кои би биле поставени на територијата од Урал до рускиот Далечен Исток. За возврат Кинезите изразија подготвеност на својата територија да дозволат поставување на ист број земски станици од рускиот сателитски систем ГЛОНАСС. Но, руската и кинеската страна засега се имаат договорено за реципрочно поставување на три станици.
На територијата на Русија во моментов има 19 станици за диференцијална корекција и мониторинг (СДКМ) кои овозможуваат прием на навигациски сигнали со прецизност на позиционирање до еден метар. Покрај тоа, Русија во странство има поставено уште 4 станици од системот ГЛОНАСС: три станици на Антарктикот и една во Бразил.
Заменик-директорот на „Роскосмос“ Анатолиј Шилов претходно изјави дека во 2014 година, кога во полн обем започнува да работи системот за корекција на навигацискиот сигнал „Луч“ („Зрак“), прецизноста на позиционирањето на ГЛОНАСС на територијата на Русија може да биде зголемена на помалку од еден метар. На овој начин рускиот ГЛОНАСС и американскиот GPS ќе имаат слична прецизност во позиционирањето.
Напролет годинава САД одбија на своја територија да бидат поставени станици за диференцијална корекција и мониторинг на сигналот на рускиот систем ГЛОНАСС, иако во Русија уште од деведесеттите години од минатиот век работат 11 станици на GPS. На одбивањето на Американците да ја исполнат обврската од претходно потпишаната спогодба прв реагираше потпретседателот на владата на РФ Дмитриј Рогозин. Тој се закани дека Русија во целост ќе ја прекине работата на станиците на американскиот навигациски систем GPS. Сепак, од 1 јуни Русија на својата територија го оневозможи само функционирањето на GPS станиците за воени потреби. Рогозин сепак изрази надеж дека американската страна ќе ја промени својата одлука и дека ќе дозволи поставување на станиците на ГЛОНАСС/ Рускиот вицепремиер напомена дека во спротивно Русија ќе биде принудена сосема да ја прекине работата на 11 GPS станици.
Глобалниот навигациски сателитски систем ГЛОНАСС настана на барање на Министерството за одбрана на СССР и претставува аналог на американскиот систем GPS. Основата на системот ја сочинуваат 24 сателити кои се движат над Земјата во три орбитални нивоа. Навигацискиот систем ГЛОНАСС е наменет за неограничен број корисници, а се користи за оперативна навигација и за позиционирање на копно и море, во воздух и во космосот.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче