Извор: Getty Images.
Шолја што сама го меша шеќерот. Би можела да се појави на масите во Јапонија, во Кина и во САД.
Дизајнерката Анастасија Гаврилова во 2009 година била на практика во Лондон и тогаш се соочила со невообичаен проблем. Во рестораните постојано се случувало да нема кафена лажичка.
Две години подоцна Анастасија го запознала својот иден маж Рафаел Гајнулин, стручњак од областа на информациската технологија и на таканареченото „user experience“. На еден состанок му го раскажала искуството од Лондон и ја изнела идејата за тоа дека лажичките можат и да се избегнат. По неколку години се појавила вртечката шолја „Pegtop“ која сама го меша шеќерот.
Видеопрезентација на шолјата на Анастасија Гаврилова подготвена за конкурсот „Red Dot Design Concept“.
Главна тешкотија претставувало пронаоѓањето начин за време на вртењето на шолјата водата да не се истура, се присетува Гаврилова.
Конструкцијата што оваа брачна двојка веќе ја има патентирано работи на принципот на вртимушка – шолјата од надворешната страна има вдлабнато дно, па се врти на конкавниот дел од средината на чинијата кога ќе се сврти со раката. Од внатрешната страна на ѕидовите исто така има испакнати искривувања во насока на вртењето на шолјата. Така млазовите течност се одбиваат од ѕидовите, се вртат и се насочуваат надолу без распрснување на содржината. Активната фаза на разработката на проектот траела само две недели.
„Паметната шолја“ во 2012 година влезе во финалето на престижниот меѓународен конкурс „Red Dot Design Concept“ во Сингапур, а победи на конкурсот „Design and Design“ во Париз. Покрај приватните купувачи, за шолјата беа заинтересирани три странски Интернет-продавници (од Јапонија, од Кина и од САД), како и едно големо руско производствено претпријатие кое изразило желба да нарача шолји како подарок за своите клиенти.
Цената на шолјата-вртимушка е проценета на 40-60 долари во зависност од материјалот – керамика или стакло. Сепак, производството на првата партија нема да биде насочена кон остварување профит – дизајнерите решиле да го искористат краудфандингот за организација на производството. Првата партија од 10 илјади примероци се очекуваат летово.
Тач-скрин за валкани раце. Се бараат партнери во југоисточна Азија
Ви се случило ли да морате да ги миете рацете додека јадете ракчиња за да си пуштите нова епизода од омилената серија на својот тач-скрин? Дмитриј Трентјев, студент на магистерски студии на Московскиот државен технички универзитет „Бауман“ направил екран кој може да се користи во сите околности.
Оваа идеја му паднала на ум на 22-годишниот Дмитриј додека ја пишувал дипломската работа. Младиот научник многу експериментирал во процесот на подготовката. На крајот направил иновациски екран кој обединува две функции: floating touch и multi touch. Овие две нешта на некој начин веќе се претставени на пазарот, но ниту еден производител досега не успеал да ги обедини. На пример, корпорацијата „Сони“ користи технологија што овозможува смартфоните да се користат на оддалеченост со помош на еден прст, но не ги распознава движењата и гестовите на повеќе прсти одеднаш. Терентјев успеал во тоа – благодарение на технологијата floating touch, екранот ги извршува командите на корисникот без непосреден допир (на растојание од 10 сантиметри), multi touch-от овозможува распознавање сложени гестови. Патентот за изумот на Терентјев моментално се наоѓа во фаза на разгледување.
Во Русија секоја година се увезуваат околу 800 илјади сензорни екрани со вкупна вредност од 287 милиони долари (10 милијарди рубли), а третина потекнуваат од странски производители на смартфони и на тач-скрин монитори. Терентјев го проценува потенцијалниот обем на продажба на својот изум на околу 130 милиони долари (4.5 милијарди рубли). Потенцијални клиенти на домашниот пазар се сервисните центри, претпријатијата за производство на навигациски системи, терминалите за самопослужување, автомобилската електроника, банкоматите, одбранбената и медицинската опрема.
Овој научник планира да ја лансира првата пробна партија екрани (100 парчиња) есенва. Моментално се водат преговори со приватни инвеститори во Русија и во странство, како и со потенцијални партнери во југоисточна Азија. Дмитриј Терентјев го очекува првиот приход во 2016 година.
Паметна рампа за инвалидска количка на склопување. Претендира на Кина и на Латинска Америка
Дипломецот на Московскиот државен технички универзитет „Бауман“ Алексеј Фоменко и неговите другари во 2011 година дошле до идеја да направат рампа за инвалидска количка која може да се монтира на секој нестандарден влез.
„Тогаш сфативме дека во Москва постои цела низа влезови на кои не е можно да се постават подвижни платформи и стационарни рампи во согласност со противпожарните прописи поради стеснување на скалилата“, се присетува Фоменко. Алексеј Фоменко, Кирил Ершов и уште четворица инженери потрошиле цела година и 2 милиони рубли за креирање на „паметна рампа“ која го добила називот „И-Пандус“ („И“ – од зборот „идеална“; пандус – рампа на руски).
Според Фоменко „И-Пандус“ нема аналог во светот. Оваа рампа со помош на специјално копче можат да го користат само оние на кои ќе им се издаде електронски клуч. Уредот автоматски се извлекува од под гелендерот, а просторот помеѓу шината може самостојно да се регулира.
Сериското производство на рампата „И-Пандус“ започна пред околу две години, а билансот за 2013 година покажува дека профитот на фирмата „Изобретатељ Комфорт“ пораснал за речиси седум пати. Компанијата на Фоменко и на Ершов месечно продава во просек по 6 рампи по цена од 5 до 5.5 илјади долари (за споредба, една обична рампа чини околу илјада долари). Проектот доби поддршка од московските градски власти и веќе се најдени три инвеститори, од кои еден во организацијата на производството на рампата има вложено 260 илјади долари.
„Кога го започнувавме овој бизнис сите ни велеа: Во што се впуштате, пазарот на комунални услуги е најкорумпиран, не е реално да се вложува во тоа без познанства и без мито. Сепак, излезе дека тука работат нормални луѓе кои се заинтересирани за иновации“, вели Алексеј Фоменко и продолжува: „Рампите би требало да станат норма, како металните врати со интерфони. Уверен сум дека наскоро во сите влезови ќе се најдат токму нашите рампи“. Пронаоѓачите планираат да ја испорачуваат својата опрема во руските градови и во ЗНД, но и во Латинска Америка и во Кина.
Рускиот текст на сајтот на Комерсант.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче