Извор: Слава Петракина
Иако сѐ уште не беше завршена официјалната промоција, посветена на стартот на продажбата на Јотафон, компанијата Yota Devices преку Интернет веќе имаше продадено повеќе од десет илјади апарати и привремено ја запре он-лајн продажбата за европските земји поради недостиг од телефони. Затоа во предновогодишната недела првиот руски смартфон стана достапен кај руските продавачи. Но, вреди ли да се стои во ред за новиот модел? Една недела со Јотафон во џебот покажа дека до остварувањето на руската идеја има уште многу.
Yota Devices планира да ги покрие трошоците за разработката во следниве две-три години. Според почетните прогнози ќе бидат продадени 500.000 апарати, од кои половината ќе бидат купени на територијата на Русија.
Јавувања и СМС
Резолуцијата на дисплејот, моќноста на процесорот, меморијата, капацитетот на батериите се сегменти во кои Јотафон не заостанува од другите модели во својот ранг на цени (400-500 евра). Но, додека ги проучувате карактеристиките, лесно може да заборавите дека првата и основна задача на кој било смартфон се јавувањата и кратките пораки. Од оваа гледна точка Јотафон има само позитивни страни: сигналот на мрежата се држи, звукот од звучниците е чист и гласен, и тоа толку многу што понекогаш треба да се намали звукот. Според сознанијата што ги добивме, и другата страна исто така добро слуша.
Извор: Слава Петракина
Сите пропуштени повици и кратки пораки може да се погледнат на дополнителниот e-ink дисплеј. Притоа над пораката според клучните зборови Јотафон става специјални знаци – маче, срце или, да кажеме, торта. Интересна работа, но ништо повеќе од тоа – тешко дека некој би сакал содржината од личната порака да можат да ја видат сите одоколу. Затоа психолошки не е удобно да го оставите телефонот на маса. Оние, пак, што се навикнати да ги чуваат уредите во џеб нема да се чувствуваат удобно со Јотафон: габаритот на апаратот е голем за такво нешто (134 x 67 x 10 мм).
Фотографии
Едно од првите прашања кога ќе го земете овој смартфон во рацете ќе биде: зошто камерата се наоѓа на долниот дел? Тешко ќе се прилагодите на тоа, а првите фотографии секако ќе бидат од вашите дланки.
Извор: Слава Петракина
Сите плусови и минуси на апаратот се вртат околу вториот екран: конструкторите објаснуваат дека свиокот на горниот дел на задниот панел интуитивно го тера корисникот да го става Јотафон со активниот дисплеј нагоре. Затоа горната страна излегла толку тенка, така што било невозможно таму да се стави камерата. Освен тоа, доколку камерата би била поставена горе, на истото место би требало да бидат поставени и сензорните зони на двата екрана. Може да се каже дека во ваква ситуација Yota Devices го избрале помалото зло.
Забава
Дури и најнатрупаните апликации на Јотафон работат сталожено – не беа забележани никакви кочења. Да се играат игри на ЛЦД-дисплејот од 4.3 инча е згодно: екранот одлично реагира на сите гестови. Но, ова не се однесува на сензорните зони од двете страни на уредот кои би требало да ги заменат копчињата. Сложено е човек да се навикне на вакво управување, па на почетокот ќе морате неколку пати да ги повторувате движењата.
Извор: Слава Петракина
Но, најзабавно кај Јотафон е да им дадете на колегите да откријат каде се става сим-картичката. Решението слотот да се помести под копчето за вклучување на дисплејот не е најсреќно решение: конструкцијата излегува прилично несигурна и, доколку не сте внимателни, можете да го исклучите уредот – без основниот дисплеј, кој не можете да го „разбудите“ без основното копче, дополнителниот станува апсолутно неупотреблив.
Всушност, на апаратот нема други подвижни елементи: не може да се извади батеријата или да се вметне мемориска картичка. Кога станува збор за последното, доколку во смартфонот не ги чувате сите епизоди од омилената серија или сета музика на вашите омилени интерпретатори, интерната меморија од 32 гигабајти би требало да е доволна дури и за најголемите игромани.
Читање
Теоретски, на e-ink дисплејот може да се претстави секоја информација од основниот екран со едноставно движење на два прста одозгора надолу. Проблемот е во тоа што потоа ништо не можете да направите со оваа статична слика. Од оваа гледна точка ветената заштеда на батеријата од страна на конструкторите практично не функционира: потребно е постојано да се вклучува основниот дисплеј.
Извор: Слава Петракина
Батеријата е издржлива (1800 mAh), но сепак не треба да се очекуваат чуда. Дури и при не многу активна употреба, навечер апаратот ќе си побара да се наполни батеријата.
Другите предности на вториот дисплеј на електронско мастило всушност излегоа сомнителни. Да се читаат наслови и твит-постови на него е згодно, но секое дополнително дејство бара враќање кон основниот дисплеј. На пример за да „лајкнете“ статус на Фејсбук или за да оставите коментар, потребно е да се вклучи дисплејот во боја, да се отвори апликацијата и повторно да се најде потребната публикација.
Удобноста на читање книги е исто така спорна. 4.3 инча се малку дури и во споредба со поевтините букридери. А, да се читаат фајлови во PDF формат или онакви кои се поставени на А4 формат е невозможно: апликацијата Bookmate не ги препознава овие формати, а другите апликации за читање за Андроид не се компатибилни со ваков екран. При вакво ниво на користење, вториот екран станува излишен. Максимум што може да се очекува од него е постојано да го покажува времето, временските услови и нивото на батеријата.
Идеалот е далеку
Доколку се земе предвид целата слика Yota Devices се сѐ уште далеку од идеалот, така што уредот нема на сите да им се допадне – некому нема да му се допаднат димензиите, некој нема да биде задоволен од перформансите, некому нема да му биде потребен вториот екран, за некого батеријата нема да биде доволно издржлива. Да, за 499 евра може да се најде алтернатива со подобри перформанси.
Впрочем, треба да се додаде дека проблемите со главниот адут на апаратот – дисплејот на електронско мастило – главно се поврзани со недостатокот од програми. Кога ќе се појават повеќе програми кои ќе можат да го истакнат неговиот потенцијал, Јотафон би можел да стане поинтересен и пофункционален апарат.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче