Евровизија 2017: ќе ја пуштат ли во Киев руската пејачка?

Марија Антипина / ТАСС
Изборот за руски учесник на Евровизија која оваа година ќе се одржи во Киев предизвика нов скандал во односите помеѓу Украина и Руската Федерација. Експертите сметаат дека скандалот бил неизбежен, без оглед на тоа кого Русија ќе изберела за свој претставник на ова натпреварување и поради тоа не треба да се очекуваат уште поголеми непријатности.

Пејачката Јулија Самојлова е инвалид од детството и се движи во количка. Таа е избрана да ја претставува Руската Федерација на Песна на Евровизија 2017 година. Одлуката беше донесена од страна на Првиот канал кој го пренесува ова натпреварување во Русија и кој ја испраќа во Киев руската делегација.

Јулија СамојловаРодена е на северот од Русија, во руската република Коми. На 13 години станала инвалид од прва категорија. Се движи во инвалидска количка. Од детство учествува на различни музички натпревари, а во 2014 година на отворањето на Параолимписките игри во Сочи ја отпеа песната „Заедно“. Во Киев би требало да ја претстави Русија со композицијата „Flame is burning“ („Пламенот гори“).

Споменатата одлука истиот ден во Украина беше окарактеризирана како провокација. Украинските медиуми соопштија дека руската пејачка во 2015 година го посетила Крим. Киев не ги признава резултатите од референдумот од март 2014 година на Крим, кога 96% од учесниците се изјаснија за влез на полуостровот во состав на Руската Федерација. Украинските власти тврдат дека посетата на Крим без минување преку украински граничен премин и украинска царина претставува кршење на законите на Украина.

Повеќегодишни провокации

По сè изгледа раководејќи се според ваквиот став, шефот на украинската дипломатија Павло Климкин изјави дека „законот треба да биде ист за сите“ и додаде дека „Русија веќе со години се занимава со провокации“. Претставничката на Службата за безбедност на Украина соопшти дека нејзиниот ресор „ќе го проучи прашањето и ќе донесе добро одмерена одлука“ за тоа дали на пејачката може да ѝ се дозволи врез во Украина или не.

Пратеникот на украинскиот парламент и советник на министерот за внатрешни работи на Украина Антон Герашченко отиде уште подалеку и на својот Фејсбук-профил напиша дека не е најдобра варијанта да ѝ се забрани влез во земјата на Самојлова. „Тоа ќе го искористи руската пропагандистичка машинерија“, уверен е тој. „Ќе кажат, гледајте што прават, девојка со ограничени можности не ја пуштаат да влезе во Украина и не ѝ даваат достоинствено да ја претстави Русија на Евровизија. Поради тоа тој предложи на пејачката да ѝ се дозволи влез во земјата, а потоа да биде уапсена и да биде повикана на „одговорност поради незаконско преминување на државната граница“.

Сите биле на Крим

Одговор на украинските политичари стаса од Кремљ. Портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков изјави дека во посетата на Крим нема ништо провокативно. „Веројатно сите биле на Крим. Тука нема луѓе кои не биле на Крим“, рече Песков, нагласувајќи, исто така, дека натпреварот е меѓународен и дека земјата-домаќин мора да се придржува на правилата за неговото одржување.

„Руска реч на македонски“ до информативната служба на руската делегација на „Песна на Евровизија“ 2017 испрати прашања во врска со тоа што планира руската страна да стори доколку на Самојлова сепак не ѝ биде дозволен влез во Украина, сепак излезе дека одговор не може да се добие поради зафатеноста на шефот на делегацијата.

На молба на „Руска реч на македонски“ да ја прокоментира оваа ситуација не одговори ниту информативната служба на Првиот украински канал, чиј претставник беше неодамна поставен на чело на организацискиот одбор на натпреварот во Киев.

Пратеникот и Козаците

Самата пејачка изјави дека не размислува за проблемите поврзани со влегувањето во соседната земја. „Не знам. За тоа немам размислувано. Моја задача е добро да се подготвам и добро да ја отпеам песната. Имам многу проби. Моите емоции се апсолутно позитивни. Мислам дека сè ќе биде добро“, вели Самојлова.

Во меѓувреме податоците за пејачката се појавија на сајтот „Миротворец“, познат по злото каде украинските активисти обелоденуваат лични податоци за луѓето чии потези според нивното мислење, содржат „елементи на злосторство насочено против националната безбедност на Украина“.

Во овој контекст во Русија веќе се слушаат гласовите на оние кои се подготвени да тргнат во Украина и да ја бранaе Самојлова. На пример, пратеникот во Државната дума Виталиј Милонов, инаку познат според оригиналните изјави, рече дека е подготвен да тргне во Украина со „нашите Козаци и да ја штити, да не дојде до никакви провокации“.

Систем на „непријателски односи“ со Русија

Михаил Погребински, директот на Киевскиот центар за политички истражувања и конфликтологија, во интервју за „Руска реч на македонски“ рече дека официјален Киев најверојатно нема да прави пречки за доаѓањето на Самојлова во Украина, зашто нема да сака да „биде изложен на критика од страна на толерантната европска заедница“. Експертот е уверен дека на пејачката во Украина не ѝ се заканува никаква опасност доколку дојде на натпреварот. Од друга страна, тој смета дека таа секако ќе се чувствува психолошки неудобно зашто „кај нас има многу активисти кои, секако, ќе ги игнорираат сите приказни за толеранцијата“.

Според Алексеј Зудин, член на експертскиот совет на рускиот Институт за социјални, економски и политички истражувања, навистина може да се случи на Самојлова да ѝ биде забранет влез во Украина. Но, дури и ако пејачката не го посетела Крим, експертот е уверен дека ниту во тој случај не би требало да се очекува нормален однос кон неа во Украина, без оглед на тоа „што станува збор за Евровизија и што таа е млада девојка и тоа што е инвалид“. Според Зудин, „украинските власти веќе одамна имаат изградено официјален систем на односи со Русија за кои е карактеристично крајно непријателското расположение“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња