Викенд во тајга: Како Путин го поминува слободното време?

Алексеј Дружинин / РИА Новости
Рускиот претседател помина еден викенд во сибирскиот тајга. Воопшто, Путин преферира активна рекреација: прошетка по дивата месност, риболов, екстремен спорт – притоа на територијата на Русија. Политиколозите сметаат дека претседателот така агитира Русите да се одмораат во својата татковина и истовремено ја нагласува својата сила.

Алексеј Дружин / РИА НовостиАлексеј Дружин / РИА Новости

Портпаролот на Владимир Путин, Дмитриј Песков на 2 март на новинарите им раскажа дека неговиот шеф се наоѓа во сибирските шуми. По работната посета во Краснојарск (3.352 километри источно од Москва) претседателот се одлучил за еден ден одмор и го поминал во една од дивите месности. Според зборовите на Песков, „Путин се наоѓал на 400 километри од најблиското населено место, во походни услови“. Поминал во тајга две ноќи и утрото на 3 март се вратил во Москва.

Ова не е прв пат претседателот на Русија да избере да одмори далеку од цивилизацијата. Во 2014 година, на својот роденден на 7 октомври, Путин замина на одмор во Сибир. Таму, според неговите зборови, се шетал низ планините и изминал речиси 9 километри, а потоа сè го болело.

Успешен лов

Покрај прошетките, Путин го сака и риболовот. Неколку пати одеше за риба со премиерот Дмитриј Медведев и со министерот за одбрана Сергеј Шојгу. Еден од тие риболови стана историски: на 17 август 2011 година (во периодот 2008-2012 Путин беше премиер, а Медведев претседател) со трска во рацете тие се решиле за „повратна рокада“ - Путин да оди на претседателски избори, а Медведев да ја заземе премиерската фотелја.

Алексеј Никољскиј / РИА Новости Алексеј Никољскиј / РИА Новости

На друг риболов, во 2013 година, Путин фати штука од 21 килограм (според соопштението на Кремљ). Претседателот бил многу среќен и дури го бакнал трофејот, а потоа раскажувал дека вистински се заљубил во риболовот по овој настан.

Лизгалки и скии

Додека раскажуваше за активностите на својот патрон на Нова година, Дмитриј Песков истакна дека претседателот сака да плива и да игра хокеј, „и го прави тоа, кога има можност, секојдневно“. Хокејот му е особено драг на Путин: понекогаш се вклучува во натпреварите на ноќната хокеарска лига (НХЛ - аматерски лигата, основана во 2011 година по негова иницијатива). Во 2015 година претседателот дури постигна 7 погодоци на галанатпреварот на лигата, играјќи за екипата „Ѕвездите на НХЛ“.

Алексеј Никољскиј / РИА Новости Алексеј Никољскиј / РИА Новости

Уште еден активен спорт, омилен на Путин, е скијањето. Кога има можност сака да се спушта во планината со некој од странските лидери - последниот пат друштво му правеше претседателот на Казахстан Нурсултан Назарбаев, за време на посетата на Путин во Алма Ата.

Експертите претпоставуваат дека активниот одмор на Путин е сигнал за сограѓаните дека претседателот, иако има 64 години е сè уште активен и полн со сили. „Тоа несомнено му се допаѓа на електоратот и зошто да не? На сите им се допаѓа здрав и силен претседател“, го цитира радиото „Комерсант FM“ политикологот Дмитриј Тулчински.

Дмитриј Астахов / ТАСС Дмитриј Астахов / ТАСС

Заборавете на Хаваите, одморете во Тува

Кога Путин сепак си зема одмор, претпочита да го помине во Русија. Со скии се спушта најчесто во Подмосковјето или во Сочи, а епската риба успеа да ја фати во езеро во Република Тува (3.700 километри од Москва до главниот град на републиката). Оваа република не е најмоќниот магнет за туристите дури и во Русија, но Путин ја посетува многу често. Во 2007 година тој тука го донесе принцот на Монако Алберт II, а во 2009 година токму таму беше направена познатата слика на која Путин јава на коњ топлес.

Дмитриј Астахов / ТАССДмитриј Астахов / ТАСС

Во јануари првиот човек на републиката Шолбан Кара-оол дури предложи да се организира таму средба меѓу Путин и Трамп. Според него „во недопрената тајга тие ќе можат да најдат заеднички јазик и да бидат искрени еден со друг“.

Политиколозите забележуваат дека одморот на Путин во Русија е порака до народот да не патува на одмори во странство, ами да го поминува времето во внатрешноста на земјата. „Путин го помага развојот на различни туристички дестинации кои не се особено познати и очигледни како за Русите, така и за странците. Тој отворено ја развива Русија како туристички бренд“, вели Дмитриј Орлов, генерален директор на Агенцијата за политички и економски комуникации.

Главоболка за тајните служби

Во исто време, експертите забележуваат дека одморот на претседателот е првенствено негов избор, а не измислица на кремљските политички технолози. „Никој не го тера да го прави тоа“, истакнува шефот на Центарот за политичка информации Алексеј Мухин.

РојтерсРојтерс

Според Мухин, љубовта на Путин кон екстремните искуства понекогаш е непријатна за неговите помошници. „Љубопитност на Путин и неговата привлечност кон екстремен одмор е во голема мера главоболка за нашите тајни служби“, вели Мухин. Не е лесно да се осигури безбедноста на претседателот, додека тој талка низ тајгата. Но, во секој случај опкружувањето на Путин е должно да се помири со фактот дека тој го поминува својот одмор онака како што самиот сака.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња