Светиот ѓавол: 100 години од убиството на Распутин

08 јануари 2017 Алексеј Тимофејчев
Кога за Распутин за првпат се продискутирало на самиот почеток на XX век, тој имал репутација на светец, а по неколку години не го нарекувале поинаку, освен демон. На крајот во руската историја на Григориј Распутин му бил даден карактер на негативец. Многумина мислеле дека токму тој ја уништил династијата Романови и императорска Русија.
Grigori Rasputin
Извор: Alamy/Legion Media

„Улиците на Петербург изгледаа празнично, минувачите се запираа меѓусебно и, среќни, се поздравуваа не само познати, но понекогаш и непознати. <...> Во целиот град во црквите беше отслужен благодарствен молебен, во сите театри публиката инсистираше да биде исполнета химната и со ентузијазам молеше за нејзино повторување“. Овој опис не е на празнување на воена победа или на крај на војна. Со вакво ликување руската престолнина ја пречекала на 17 декември (30 декември по новиот календар) 1916 година веста за убиството извршено минатата ноќ од група аристократи на „старецот“ (како што го нарекувале по примерот на монасите-ментори, кои уживале почит) Григориј Распутин.

Малку повеќе од десет години претходно, кога необразованиот сибирски селанец се појавил во Петербург, никој не можел да претпостави дека наскоро неговиот збор ќе биде клучен во донесувањето судбоносни државни одлуки, а општата омраза кон него ќе достигне толкави височини.

„Посебни духовни способности“

Кога Распутин се нашол во Петербург, некаде во 1904-1905 година, тој веќе бил познат како религиозен човек, туѓинец, кој оди на поклонение по манастири и свети места. Изјавуваа дека тој поседува исклучителни способности и може да лекува болни.

Во Петербург кон него пројавиле интерес многу влијателни црковни дејци, меѓу кои бил и архимандритот Теофан, духовникот на царското семејство. Според една од верзиите токму тој им го претставил Распутин на царицата Александра Фјодоровна и на царот Николај II.

Макариј,Теофан и Распутин, 1909 година. Фотографија од архиваМакариј,Теофан и Распутин, 1909 година. Фотографија од архива

Тогаш Распутин оставил силен позитивен впечаток на религиозен стоик дури и на луѓе кои уживале беспрекорна репутација, како што бил Теофан. „Отец Теофан целосно се занесе по дојденецот, гледајќи во него конкретен лик на слуга Божји, на свет човек“, се сеќава Митрополит Венијамин, сподвижник на архимандритот. Сибирскиот старец, кој во тоа време имал не повеќе од 40 години, го восхитил и него: „Распутин веднаш ми остави силен впечаток, како со необичната напрегнатост на личноста <...>, така и со суптилното разбирање на душата...“

Црковниот историчар Георгиј Митрофанов е уверен дека „Распутин не бил авантурист, а човек кој навистина бил надарен со специјално светоусештение и особени духовни способности“.

Распутин-целителот

Откако дошол во царскиот двор, Распутин успеал да го придобие царското семејство. Тој имал најголемо влијание врз царицата Александра Фјодоровна. Тоа го поврзувале со болеста на наследникот Алексеј - единствениот син на Александра и Николај. Откриле дека боледува од страшна болест - хемофилија.

Александра Фјодоровна со децата и Распутин,1908 година. Фотографија од архиваАлександра Фјодоровна со децата и Распутин,1908 година. Фотографија од архива

Според бројни сведоштва, кога во случаи на заострување на болеста лекарите биле немоќни да му помогнат на детето, Распутин помагал. Според зборовите на великата кнегиња Ољга Александрова кои ги цитира Ворен Јен во книгата „Последната голема кнегиња“,Распутин навистина влијаел благотворно на наследникот. Нејзините зборови се уште повредни со оглед дека нејзиниот негативен однос кон „старецот“.

Грев и благодат

Близината со царското семејство - Распутин ги нарекувал царицата „мама“, а царот „тато“ - не можела да не влијае на однесувањето на необразованиот сибирски мужик. Како што пишува во книгата „Григориј Распутин-Новиот“, историчарот и литерат Алексеј Варламов, тој почнал да се фали со своите врски во Зимската палата, да биде протеже на секакви молители кои тој ги примал во својот голем стан во центарот на главниот град. Распутин ги слушал нивните молби, се трудел да не одбива никого, давал пари, ако побарале од него се јавувал во Владата, доколку проценел дека е потребно, без да се срами. Варламов го цитира следниов случај: Распутин се јави во Министерството за надворешни работи и му заповеда на службеникот што се јави, „да го повика Аљоша, оној, министерот“. Старецот мислел на Алексеј Хвостов, прв човек на Министерството за надворешни работи во 1915-1916 година.

Кон 1910-1911 година Распутин живеал далеку од начинот кој одговара на сликата на проповедник, со која тој се појавил во Петербург. Низ главниот град постојано се слушале гласови за пијанството, развратот и за неговото беспаќе, како и за неговите способности да хипнотизира припаднички на понежниот пол. Кога го прекорувале за тоа, тој се оправдувал, велејќи дека жените сами се стремат да бидат блиски со него, и тврдел дека само преку гревот може да се познае благодатта.

Распутин и царицата

Најголем одглас сепак добиле гласовите за неговиот однос со царицата. Во Русија се зборувало дека „Гришка“ живее со императорката и со нејзините ќерки. „Имам спокој во душата, само кога ти, учителе, си околу мене, а јас ги бакнувам твоите раце и ја ставам мојата глава на блажените ти плешки“, се вели во едно од вистинските писма на Александра Фјодоровна до Распутин кои биле испечатени на хектограф и се ширеле кон крајот на 1911 година низ Петербург. Според зборовите на премиерот Владимир Коковцов писмата „даваа повод за големи срамни озборувања“, иако биле „во суштина манифестација на мистичното расположение [на царицата]“.

Карикатура за влијанието на Распутин врз царското семејствоКарикатура за влијанието на Распутин врз царското семејство

Писмата биле објавени од лишениот монах Илиодор, кој, како што се претпоставувало ги добил од Распутин. Илиодор отпрвин бил под влијание на „старецот“, а потоа станал еден од неговите најголеми непријатели и ја издал книгата за него насловена како „Светиот ѓавол“. Набргу по скандалот со писмата еден од пратениците во Државната дума напишал официјално прашање до властите за Распутин и името на „старецот“ било разнесе по весниците низ целата земја. На престижот на монархијата бил нанесен уште еден удар.

Убиството на Распутин и загинувањето на царското семејство

И покрај скандалите, по кои на Распутин мораше да го напушти за неколку месеци Петербург, неговото влијание само растело. Споменатиот Алексеј Хвостов и премиерот Борис Штјурмер, како и некои други, му го должеле својот статус на сибирскиот „старец“.

За никого тоа не било тајна и се разгледува на фонот на тековната Прва светска војна, која за Русија се одвивала исклучително негативно. Се ширеле гласови дека причина за поразот е предавство – потсетувајќи на германските корени на императорката. Кон германските агенти во општеството бил вброен и Распутин. Облаците над „старецот“ се згуснувале. Како што пишува Варламов, во последните месеци Распутин пиел особено многу како да ја претчувствувал смртта, која, како што тој ја пророкувал, ќе повлече и загинувањето на царската династија.

Разврската настапила на 16 декември во домот на роднина на царот кнезот Феликс Јусупов кој станал организатор на заговорот во името на спасението на престижот на царското име. Според сеќавањата на Јусупов, заговорниците, меѓу кои биле и големиот кнез Дмитриј Павлович и пратеникот монархисти од Државната дума Владимир Пуришкевич, прво го нахраниле Распутин со затруени пирошки, потоа неколку пати стрелале во него, а потоа го удавиле во дупка во мразот.

Феликс Јусупов. Извор: РИА НовостиФеликс Јусупов. Извор: РИА Новости

Два месеци по смртта на Распутин монархијата во Русија била симната. Симнатите Александра и Николај Романови заедно со своите деца прво биле испратени во Сибир (по патот тие поминале крај селото каде живеел Распутин), а потоа заедно со послугата биле стрелани во подрумот на еден дом во Екатеринбург. По егзекуцијата кај членовите на царското семејство биле пронајдени 57 икони, од кои три биле подарени од Распутин.

Авторските права на материјалите се во сопственост на редакцијата. При објавувањето на материјали од порталот „Руска реч на македонски“ во друг медиум, задолжително треба да се постави активен линк кон страницата од која е преземен текстот.
+
Лајкнете нѐ на Фејсбук.