Дали Министерството за државна безбедност е ново КГБ?

Министерството за државна безбедност на Русија

Министерството за државна безбедност на Русија

Lori / Legion-Media
Како што соопштуваат медиумите, Русија се подготвува за формирање Министерство за државна безбедност. Новата структура покрај Федералната служба за безбедност ќе опфаќа уште две специјални служби. Споменатото министерство ќе биде формирано до претседателските избори во 2018 година. Медиумите веќе ја споредуваат идната структура (МГБ) со некогашниот „семоќен“ Комитет за државна безбедност (КГБ). Колку ваквата споредба е оправдана?

Според информациите на весникот Комерсант, на Федералната служба за безбедност ќе ѝ биде додадена Надворешната разузнавачка служба, како и поголем број единици на Федералната служба за обезбедување (ФСО) која го обезбедува највисокото раководство на земјата. Новоформираното Министерство за државна безбедност (МГБ) ќе има и нови функции: ќе презема особено важни судски процеси и ќе ја пресекува корупцијата во воените и во полициските кругови. Можната нова структура веќе се споредува со советскиот Комитет за државна безбедност (КГБ).

Како што истакнуваат експертите, сосема е можно дека ќе станат реалност прогнозите на медиумите во врска со спојувањето на споменатите ресори. Во Русија постои традиција за создавање моќни и централизирани безбедносни структури.

Како што вели во интервју за „Руска реч на македонски“ политикологот Аркадиј Мурашов, кој на почетокот од деведесеттите години беше началник на московската милиција „во Русија низ историјата секогаш постоела ваква структура, освен во последниве 25 години. Тоа за Русија е вообичаена појава“.

Објаснувањето на Мурашов го дополнува Виктор Нечипоренко, соработник на Факултетот за национална безбедност при Руската академија за народно стопанство и државна администрација: „Во царска и о советска Русија овие служби (кои сега се обединуваат) беа во рацете на еден човек“.

МГБ во Советскиот Сојуз

Згора на тоа, експертите потсетуваат дека Министерството за државна безбедност (МГБ) веќе постоеше во повоениот период. Формирано е во 1946 година и опфаќаше разузнавачка и контраразузнавачка служба, како и служба за обезбедување на највисоките раководители. Веднаш по формирањето ова министерството станува ривал на МВР зашто има преземено некои негови функции. Министерството за државна безбедност е укинато на денот на смртта на Сталин на 5 март 1953 година.

Една година подоцна е создаден Комитетот за државна безбедност (КГБ), на кој му припаднале сите функции на расформираното министерство. Како што истакнува Нечипоренко, советските специјални служби имале „посебни задачи“ (КГБ, меѓу другото, бил надлежен за борба против антисоветското дејствување), кои успешно ги решавале. „Тогашната (советска) разузнавачка служба беше една од најдобрите во светот“, уверен е експертот.

Конфликт меѓу специјалните служби

Мислењата на аналитичарите се разидуваат кога станува збор за целите што властите сакаат да ги постигнат со обединувањето на службите.

Можниот мотив е желбата на руското раководство поефикасно да ја контролира работата на специјалните служби, со цел да се избегне конфликт кај различните ресори. Како што истакнува Руслан Миљченко, шеф на федералниот информациски центар „Аналитика и безбедност“, во последно време често се слуша за конфликти меѓу Истражниот комитет, јавното обвинителство, МВР и Федералната служба за безбедност. Според него, ваквата ситуација лошо влијае врз имиџот на извршната власт на РФ и врз имиџот ана претседателот на државата. Точка на ваквата состојба може да се стави со подигање на статусот на еден ресор, во овој случај ФСБ, и силна централизација на процесот на донесување одлуки по пат на спојување на неколку различни структури.

Експертите исто така сметаат дека во Кремљ постои желба на челото на обединетите структури да се постави човек во кој раководството на земјата има најмногу доверба. Така управувањето со правосудниот систем во целина ќе стане многу полесно.

Нема опасност за граѓанските слободи

Од друга страна, аналитичарите се прилично скептични во врска со претпоставката дека стапувањето на специјалните служби во една поголема структура сериозно ќе ја зголеми нивната ефикасност. Секоја служба има свои специфични задачи, без разлика дали е тоа ФСБ, ФСО или Истражниот комитет. Тешко дека со обединувањето овие служби ќе станат подобри, смета Миљченко. Кога станува збор за борбата против корупцијата во редовите на војската и на полицијата, за такво нешто новата структура мора да ги добие овластувањата што сега ги има МВР. Засега во врска со ова прашање не постојат конкретни информации, нагласува аналитичарот.

Сè на сè, експертите не веруваат дека во Русија може да се појави некаква монструозна структура која на каков било начин сериозно би ги ограничила граѓанските слободи. Како што наведува Нечипоренко, Русија сега има сосема поинаков систем на управување. Овој систем се темели на претседателската вертикала, а таа е заинтересирана за построга контрола на војската и на полицијата.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња