Се ближи ли крајот на битката за Алепо?

Mil.ru
Шест руски стратешки бомбардери Ту-22М3 и четири тактички бомбардери Су-34 на 16 август беа префрлени на аеродромот Хамадан во Иран. Според воените експерти, на овој начин Русија тежнее да го пренасочи текот на битката за Алепо, но воедно воспоставува и воена соработка со Иран.

Авионите на руската стратешка и тактичка авијација на 16 август беа префрлени на аеродромот Хамадан во Иран, каде сега се базирани. Група од шест бомбардери Ту-22М3 и четири Су-34 на смена спроведуваат операции во североисточните области во Сирија. Во борбените летови во провинцијата Дејр ел Зор руските авиони на 17 август уништија два командни пункта на терористичката организација „Исламска држава“ и над 150 нејзини припадници.

Предности на базата Хамадан

Најпрво стратешките бомбардери Ту-22М3 полетаа од аеродромот Моздок во Северна Осетија (1.725 километри јужно од Москва) и летаа преку Каспиското Море, Иран и Ирак, а потоа се враќаа назад на истиот аеродром. Секој лет беше долг околу 5.000 километри. Поради тоа резервоарите со гориво при полетувањето мораа да бидат полни, а тоа значи дека секој авион носи само третина од предвидениот борбен товар, односно од шест до осум тони проектили.

Според Министерството за одбрана на Русија дека е неопходно да се префрлат авионите на подрачјето на борбените дејствија и на тој начин ќе ја зголеми ефикасноста на борбените летови.

Според пензионираниот генерал-полковник Леонид Ивашов, директор на Меѓународниот центар за геополитичка анализа, воздухопловната база Хмејмим во Сирија која сега ја користи тактичката авијација на воздушно-космичките сили (ВКС) на Руската Федерација, не е поволна за Ту-22М3, зашто пистата е премногу куса и недостасува неопходната инфраструктура.

Поради тоа Русија се обрати до Иран со молба да ги распореди своите авиони на иранската воздухопловна база.

„Сега летовите на нашите стратешки бомбардери барем три пати се поефикасни. Секој авион Ту-22М3 сега носи околу 20 тони проектили и ракетира четири или пет цели за време на еден лет“, истакнува Ивашов.

Треба да се истакне дека Хамадан не е воена база на Руската Федерација во класична смисла на зборот. „Терминот 'база' може да се сфати на различни начини. Тоа може да биде вистинска воена населба со комплетна инфраструктура, но можат и да бидат десетина воени авиони и персонал кој ги опслужува. Хамадан не е 'Хмејмим број 2'“, вели за „Руска реч на македонски Руслан Пухов, директор на московскиот Центар за анализа на стратегии и технологии.

Ослободување на Алепо

Како што смета воениот аналитичар на Lenta.Ru Иљја Крамник, распоредувањето на руските бомбардери во Иран значајно го менува односот на силите во борбата против терористите.

„Префрлувањето на Ту-22М3 и Су-34 во Иран не значи дека руските трупи се враќаат на Блискиот Исток. Тоа е тактички чекор и квалитативно зајакнување на воздушно-космичките сили со задржување на истиот број авиони кои учествуваат во операцијата“, истакнува експертот.

Според него, главна задача во овој момент е регуларната армија да го ослободи Алепо.

„Единиците на Исламска држава се обидуваат да направат пресврт на текот на битката со помош на терористи-самоубијци кои вршат силен морален и психички притисок на сириската армија. Едно е да се запре борбено возило на пешадијата со вооружени луѓе кои не сакаат да загинат, а нешто сосема друго е кога на местото вози оклопно возило до десет килограми експлозив и чиј возач има намера да се убие себеси и другите“ додава Крамник.

Тој воедно истакнува дека сега руските воздушно-космички сили имаат задача да ги уништат камповите за подготовка на терористите-самоубијци, што на регуларната сириска армија ќе ѝ овозможи да направи пресврт во текот на битката за еден од клучните градови во Сирија.

Военополитички поени

Наместо досегашниот прагматичен бизнис-модел „продавач – купувач на оружје“ Москва и Техеран сега преминуваат на воена соработка, сметаат експертите. Но, сè уште е рано да се зборува за сеопфатно зближување на двете земји. Засега станува збор само за зајакнување на соработката во борбата против терористите.

„На Русија денес ѝ е полесно да ги наброи соседите со кои нема проблеми, за разлика од оние со кои има. Сега може да се каже дека сме во мир со Иран, и тоа не само на зборови, туку и на дело“, вели Руслан Пухов.

Тој нагласи дека давањето поддршка на Башар ал Асад и борбата против терористите не се единствени цели на руската операција во Сирија. Една од целта, смета Пухов, е и излезот од политичко-дипломатската изолација во која се најде Русија по украинската криза.

„Ние фактички ги принудивме западните партнери да седнат на преговарачка маса и да го решаваат блискоисточното прашање со заеднички сили. Хамадан е уште еден сигнал дека Русија нема намера да се откаже од заштитата на своите интереси“, додава рускиот експерт.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња