Како РФ ќе одговори на модернизацијата на нуклеарните сили на САД во Европа

AP
Соединетите Американски Држави од 2020 година започнуваат со производство на нова тактичка атомска гравитациска бомба В-61-12. Таа ќе го замени застареното атомско вооружување на САД во Европа. Според мислењето на руските експерти, бомбата В61-12 треба да послужи како основа за обновување на билатералната работа на Москва и Вашингтон за намалување на офанзивното вооружување.

САД се подготвуваат за обновување на својот тактички нуклеарен арсенал во Европа. Од 2020 година започнува замената на застарените бомби В-61-3, В61-4, В61-7 и В61-10 со современите бомби В61-12.

Како што за „Руска реч на македонски“ објаснува воениот експерт на новинската агенција ТАСС Виктор Литовкин, главна одлика на новиот модел ќе биде можноста за управување со експлозијата. Пилотите ќе можат далечински да ја активираат детонацијата во зависност од поставената задача, односно во зависност од тоа дали е целта во воздух, на земја или под земјата.

Освен тоа, В61-12 ќе има нови стабилизатори на опашката, со што ќе се зголеми прецизноста на бомбата и моќноста за управување на нејзиниот пад.

Кремљ не даваше никакви остри изјави во врска со плановите за обновување на американскиот тактички нуклеарен арсенал во Европа. Портпаролот на претседателот на РФ Дмитриј Песков истакна дека воените експерти ќе ја оценат потребата на Русија да одговори на овој потег на САД.

Можностите на бомбата В61 од новата серија

„В61-12 е тактичка атомска гравитациска бомба со сила од 10 до 340 килотони во зависност од тоа дали целта е жива сила на боиште или станува збор за населби и вкопани ракетни силоси“, вели за „Руска реч на македонски“ Виктор Литовкин.

За фрлањето на овие бомби кон целите ќе се користат ловци од петата генерација F-22 Raptor и F-35 Lightning II, како и офанзивните авиони А-10 Thunderbolt и мултифункционалните ловци F-16.

„Во моментов претходните модели на бомби се наоѓаат на базите на американското воено воздухопловство во Германија на територијата на Рајнска област-Пфалц и Бихел, како и во Холандија, Италија и Белгија, а исто така и во Турција на воздухопловната база 'Инџирлик'“, вели Литовкин.

Според рускиот експерт, силата на атомската бомба Little Boy, што американската војска на 6 септември 1945 година ја фрли на Хирошима, изнесувала 13-18 килотони. Од оваа експлозија пред 71 година загинаа над 150.000 луѓе.

„Бомбата Fat Man која беше фрлена на Нагасаки однесе над 80.000 животи. Во овие бројки не се пресметани жртвите од зрачењето. Сега замислете што може да направи новата бомба со јачина од 340 килотони“, додава воениот аналитичар.

Постои ли опасност за Русија?

Според Владимир Дворкин, главен научен соработник на Институтот за светска економија и меѓународни односи при Руската академија на науките, модернизацијата на тактичкото нуклеарно оружје на САД претставува рутински процес и не носи нова опасност за Русија.

„Секое оружје има гарантиран рок на траење во воениот арсенал. Во овој случај ќе започне замена на застарените бомби со нови модернизирани бомби“, вели експертот.

Како што истакнува тој, во рацете на цивилизираните држави атомската бомба е оружје за одвраќање, а не за напад. „Американците ја заменуваат В61 за потоа со децении и не размислуваат за потребата од обновување на тактичкиот атомски арсенал во Европа“, додава Дворкин.

Треба ли Русија да реагира?

Според воените експерти, Москва нема да презема никакви возвратни воени мерки.

„Русија спроведува планска модернизација како на нуклеарните сили, така и на системите за противвоздушна и за противракетна одбрана. Овие мерки овозможуваат напорите да се пренасочат од војна кон дипломатската компонента на овој проблем“, смета воениот аналитичар на весникот „Известија“ Дмитриј Сафонов.

Тој потсети дека со ниту еден меѓународен договор помеѓу Москва и Вашингтон не се регулира квантитативниот и квалитативниот потенцијал на тактичкото атомско вооружување.

Во моментов на сила е само Договорот за намалување и за ограничување на стратешкото офанзивно вооружување (СТАРТ 3). Во рамките на овој договор Русија и САД се договорија бројот на ракетите-носачи на нуклеарни боеви глави да се ограничи на 700, а бројот на стратешки боеви глави на 1.550  парчиња.

„Новите руски и американски атомски гравитациски бомби се високопрецизни и се прават специјално за конкретни воени задачи. Ракувањето со новите бомби е сè поедноставно, што ја зголемува и можноста за нивна примена во локални конфликти“, додава Сафонов.

Како што истакнува тој, прашањето за тактичко-техничките карактеристики на тактичкото и на стратешкото атомско оружје може да послужи како основа за следни договори за намалување на офанзивното вооружување.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња