Русија и Западот треба да комуницираат за Техеран и Ријад

Ројтерс
Конфликтот кој избувна помеѓу Саудиска Арабија и Иран на почетокот на годината, е опасен за целиот Блиски Исток и може да го спречи планот договорен од Русија, САД и други држави за решавање на сириската криза. Меѓутоа, руските експерти сметаат дека понатамошна ескалација е малкуверојатна и дека и двете страни би можеле да ги променат своите позиции.

Веднаш по влошувањето на дипломатските односи меѓу Иран и Саудиска Арабија на 3 јануари Москва изрази подготвеност да посредува и да помогне тие да бидат обновени.


Новинската агенција ТАСС цитираше извор на руското Министерство за надворешни работи: „Ние секогаш сме ги поддржувале блиските врски помеѓу Ријад и Техеран и со задоволство би одиграле и посредничка улога, доколку двете страни имаат потреба од тоа“.

Подоцна претседателот Путин ја потврдуви подготвеноста на Русија да помогне за деескалација на конфликтот во интервју за германскиот „Билд“ (Bild).


Саудиска Арабија се противи на медијација


Предлогот на Русија сепак е отфрлен: министерот за надворешни работи на Саудиска Арабија Адел ал Џубејр истакна дека на неговата земја не ѝ требаат посредници.


Григориј Косач, експерт по арабистика и професор на Рускиот државен универзитет за хуманистички науки, ја коментира ситуацијата за „Руска реч на македонски“: "Не можеме да зборуваме за договори за посредување, кога една од страните во конфликтот решително ја отфрла ваквата интервенција. Веднаш откако Русија ја понуди својата поддршка, Саудијците остро се спротивставија“.


Друг специјалист за Блискиот Исток Владимир Ахмедов, виш научен соработник во Институтот за ориентални науки во Москва, се согласува дека не е можно Русија да посредува и верува дека Москва имала право да ја истакне својата неутралност. „Русија добива уште еден повод за контакти со САД: конфликтот ги става обете земји во тешка позиција. Од една страна, тоа е важно за Вашингтон за да ја задржи својата посебна врска со Ријад и неговите сателити, но, од друга страна, тие исто така се заинтересирани за поблиски врски со Иран. Тука позициите ни се совпаѓаат“, рече Ахмедов за „Руска реч на македонски“.


Нема шанси за војна


Руските експерти се уверени дека практично нема шанса за директен воен конфликт меѓу двете земји.


Како што посочи Григориј Косач, министерот за одбрана на Саудиска Арабија принцот Мохамед бин Салман веќе изјави дека „војна меѓу Саудиска Арабија и Иран би била катастрофа за регионот“.


Владимир Ахмедов забележува дека дури и невоена ескалација на конфликтот би била погубна за двете страни. „Во арапските држави од Персискиот залив има шиитски малцинства, кои би можеле да бидат изложени на ризик и обратно во Иран - арапското малцинство може да биде под закана“.


Според професорот Косач постои можности да се намалат тензиите помеѓу двете земји: „Саудискиот печат во моментов постојано пишува дека Иран се движи кон модерирање на својата позиција и дека во иранската јавност се зборува оти конфликтот со Саудиска Арабија би бил грешка. Овие публикации индиректно укажуваат дека е веројатно Саудиска Арабија исто така да ја промени својата позиција“.

Сирискиот проблем


Експертите сметаат дека конфронтацијата меѓу овие исламски сили ги комплицира подготовките за преговорите помеѓу опозицијата и владата во Сирија, одредени за 25 јануари. И двете страни се учесници во групата за Меѓународна поддршка за Сирија (ISSG), која ги вклучува и Русија, САД, како и други земји и меѓународни организации. „Саудиска Арабија моментално не сака да гледа на Иран како на учесник во преговорите“, вели Григориј Косач за „Руска реч на македонски“, изразувајќи загриженост дека спротивставеноста помеѓу двете сили би можела целосно да ја спречи работата на ISSG.


Тешкотиите при подготовките за средбата не се ограничени само на конфликтот помеѓу Саудијците и Иранците. Саудиска Арабија инсистира опозицијата во текот на преговорите да биде претставувана од страна од делегацијата, договорена на разговорите во Ријад на 10 декември. Претставниците на сириската Влада, пак, според Ахмедов, одбиваат да преговараат со оваа делегација, бидејќи таа во себе вклучува бунтовници кои водат вооружен отпор против режимот на Ал Асад.


Ахмедов исто така признава дека разговорите се под закана, но се надева дека Русија и Западот ќе успеат да извршат доволно притисок врз регионалните играчи: „Во интерес на Русија, САД и на Европа е преговорите да се одржат и постојат шанси заедно да успеат да влијаат врз учесниците. Ако не, ќе биде докажано дека меѓународната заедница е целосно немоќна“.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња