Руско-македонската соработка поседува голем потенцијал

Амбасадорот на Русија во Македонија н.е. Олег Шчербак.

Амбасадорот на Русија во Македонија н.е. Олег Шчербак.

Емил Ниами
Крајот на годината е секогаш резервиран за сумирање на резултатите за направеното и за постигнатото. 2015 година беше мошне плодна за билатералните односи меѓу Русија и Македонија. По тој повод „Руска реч на македонски“ поразговара со амбасадорот на Руската Федерација во Република Македонија, н.е. Олег Николаевич Шчербак, кој ги сумираше резултатите во билатералните односи за годинава што изминува.

– Како го оценувате развојот на руско-македонските односи во годината што изминува?

Задоволни сме од темпото на развој и од конструктивниот карактер на соработката со Република Македонија. Во 2015 година нашите земји продолжија успешно да соработуваат во сите сфери што се од заеднички интерес, активно работеа со цел раширување и продлабочување на билатералните врски. Годинава што изминува не беше едноставна како за Русија така и за Македонија. Исклучително е важно што во вакви сложени услови нашите односи се развиваа во духот на вистинско партнерство и рамноправност, заемно разбирање и доверба, приврзаност кон нормите на меѓународното право – немешање во внатрешните работи, почитување на суверенитетот и земање предвид на интересите еден на друг. Добар пример за тоа е принципиелната позиција на Русија, која во периодот на заострување на внатрешнополитичката затегнатост и појавувањето на терористите во Македонија во април-мај годинава, цврсто застана во заштита на стабилноста на Македонија, на нејзиното право за независност и слободен развој, за обезбедување на своите национални интереси. Убедени сме дека во денешниов високо конкурентен и глобализиран свет, вистински успех и напредок може да се постигне само доколку се зачува отвореноста кон соработка со сите земји, и среќни сме што Македонија го сфаќа тоа. Сето тоа ни овозможува не само да го поддржуваме традиционалното високо ниво на соработка од заемна полза и политички дијалог туку и да го зголемиме темпото. Така, на пример, оваа година по покана на претседателот на Русија В.В. Путин, првиот човек на Македонија Ѓорге Иванов ја посети Москва, каде што зеде учество во свеченостите поврзани со 70-годишнината од победата над фашизмот во Втората светска војна. Активно и на постојана основа се вршеше размена на мислења меѓу раководителите на надворешнополитичкиот ресор на двете страни. Како резултат на тоа годинава суштествено напредувавме и во областа на усовршувањето на договорно-правната база. Но, без оглед на тоа, очигледно е дека за обете страни е рано да се запира на постигнатото: пред нас имаме уште многу работа. Уверен сум дека руско-македонската соработка поседува голем потенцијал и од своја страна ние сме расположени да направиме сѐ за доброто на народите на двете земји, а, исто така, и за мирот и стабилноста во регионот.

– Би можеле ли да направите краток преглед на состојбата и на перспективите на руско-македонската трговско-економска соработка?

Без оглед на затегнатата надворешнополитичка ситуација, нестабилноста на пазарите и кризните појави што продолжуваат во светот на финансискиот систем, соработката помеѓу нашите земји во трговско-економската сфера продолжува постепено да се развива. Русија традиционално влегува во кругот на водечките трговско-економски и инвестициски партнери на Македонија, и ние со сигурност сметаме на понатамошен развој на нашата соработка во овие правци. Резултатите од годинава нѐ радуваат. Така, според руската служба за статистика, надворешнотрговскиот обрт на Русија со Македонија за првите осум месеци од годинава е зголемен за 48% во однос на истиот период лани и изнесува 138 милиони долари. Постои основа да се претпостави дека на крајот на декември овие бројки ќе бидат со поголема тежина.

Една од клучните сфери на нашата билатерална соработка претставува и реализацијата на проекти во гасната сфера, учество на руските компании во создавањето современ гасоводен систем. Во март годинава компанијата „Стројтрансгас“ пристапи кон изградба на првиот дел од системот за гасификација на земјата на делницата Клечовце-Штип со должина од 61,5 километри за сметка на клириншкиот долг на поранешниот СССР кон поранешната СФРЈ. „Стројтрансгас“ заедно со своите македонски подизведувачи веќе го заврши линискиот дел од проектот, сѐ оди според планот и кон јуни 2016 година овој дел од гасоводот ќе биде предаден за експлоатација.

Изградбата на гасоводна мрежа ќе овозможи етапно префрлање на низа македонски електрани, индустриски и земјоделски претпријатија од јаглен и мазут на природен гас, што ќе даде импулс за ефикасен развој на економијата, ќе создаде нови работни места, ќе овозможи кардинално подобрување на еколошката ситуација во Македонија, а тоа значи благосостојба и здравје за населението. Сметаме дека искуството, производните и технолошките можности на „Стројтрансгас“ и на другите руски компании ќе бидат потребни и понатаму при изградбата на другите делови од гасоводот.

Не можам да не дадам должно признание на принципиелноста и визијата на Владата на Македонија, која не ги поддржа антируските санкции воведени од страна на Европската Унија и САД, а кои се во спротивност со меѓународното право. Како резултат на авантуристичките и противправни одлуки на своите политичари, европските и американските земјоделци се лишија себеси од пристап кон огромниот руски пазар, кој брзо се пополнува со производи од други земји. Во моментов македонските компании добиваат единствена можност значително да го зголемат извозот на своите производи во Русија и во другите земји од Евроазиската економска унија. И овој процес е веќе започнат: според нашите податоци, за првите осум месеци од годинава забележано е зголемување од 41,3% на испораките во Русија на македонски земјоделски производи, што изразено во бројки изнесува 37,5 милиони американски долари.

На овој фон е зголемен бројот на „прозорци на можности“ и за македонските производители на месни и млечни производи. Во јули годинава беше спроведена извозна инспекција од страна на Федералната служба за ветеринарен и фитосанитарен надзор на 15 претпријатија за производство на продукти од животинско потекло за соодветство со ветеринарно-санитарните барања и норми на Евроазиската економска унија и на Руската Федерација, според која четири претпријатија добија дозвола за извоз на своите производи во Русија. Сега работиме на тоа и останатите 11 компании да добијат вакви дозволи.

Русија е подготвена да ги разгледа варијантите за давање дополнителни преференции за извоз на низа македонски производи. Овие прашања активно се разгледуваат во различни форми на меѓувладината руско-македонска комисија за трговско-економска соработка, на гранковите работни групи, а, исто така, и преку контактите на министрите за земјоделство на Русија и на Македонија.

Русија е исто така подготвена, доколку постои интерес кај Владата на Македонија и во насока на соодветен третман кон Евроазиската економска унија, да го искористи својот авторитет и влијание во оваа организација за предметно да се работи на прашањето за воведување на режим на слободна трговија со Македонија, кој може да ги доведе нашите трговско-економски врски на ново, повисоко ниво.

– Познато е дека голем придонес во развојот на трговско-економската соработка меѓу двете страни имаат и руските компании што работат на територијата на Македонија, а кои имаат голема потреба за специјалисти со познавање руски јазик. Од своја страна, дефицит на вакви специјалисти чувствуваат и македонските компании што се стремат да излезат на рускиот пазат или да го прошират своето присуство на него. Во врска со тоа, логично е и прашањето за тоа како стојат работите со изучувањето на рускиот јазик во Македонија. Како би ја карактеризирале состојбата во оваа сфера?

За жал, засега не успеваме да ја преломиме тенденцијата на намалување на бројот на часови што се одвојуваат за изучување руски јазик во македонските училишта. Овој процес е започнат пред повеќе од 20 години, а ние во повеќе наврати сме дискутирале на оваа тема со нашите колеги од Министерството за образование на Република Македонија и со овдешната педагошка јавност. Мислам дека многу зависи од сфаќањето за тоа дека знаењето на рускиот јазик во современиот свет ѝ дава на младината пристап не само до многу богатата култура и историја на Русија, до нејзината напредна наука и технологии, но и им дава на луѓето голема конјунктурна предност на пазарот на трудот. Всушност, кој ќе се зачуди денес од познавање на англискиот, на францускиот или на германскиот јазик? Претпоставувам дека сите ние треба да им дадеме шанса на младите луѓе да го учат рускиот јазик. Сметаме дека практична потпора во оваа важна работа ќе биде Рускиот центар при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје, каде што младите луѓе ќе можат да научат да зборуваат и да пишуваат на руски, да читаат печатени и електронски верзии на руски книги и периодични изданија, да се организираат тематски настани и, едноставно, да комуницираат. Планираме Рускиот центар, кој се создава со поддршка на фондот „Руски свет“, да започне да работи во новата 2016 година.

– Како уште едно решение на проблемот со подготовка на рускојазични кадри е студирањето на македонските студенти во руските високообразовни установи. Колку успешно се реализира оваа практика денес?

Во последно време на македонските граѓани секоја година им се доделуваат од 20 до 30 стипендии за студирање во Русија. Во 2015 година оваа квота на руското министерство за образование и наука беше во целост реализирана. Македонските студенти во Русија најголем интерес покажуваат за медицината, за инженерските специјалности во областа на нафтата и гасот, рударската индустрија, металургијата, машинството, во областа на информациските технологии, логистиката и транспортот. Во оваа пригода сакам да им соопштам на сите читатели дека во март-април следната година амбасадата ќе спроведе нов конкурс за избор на кандидати за студирање во руските високообразовни установи. Ги повикуваме сите оние што сакаат да студираат во Русија навреме да се обратат во Министерството за образование на Република Македонија, а, исто така, и во нашата амбасада. Списокот на потребните документи и условите ќе можете да ги најдете на сајтот на Амбасадата веќе кон крајот на јануари 2016 година.

– Образованието е важна, но не и единствена сфера во хуманистичката соработка меѓу двете земји. Како ја оценувате динамиката во развојот на руско-македонските контакти во годинава што изминува во делот на билатералните односи?

Во блиска иднина планираме да го завршиме процесот на усогласување на Програмата за соработка во областа на културата, науката, образованието и спортот за 2016–2019 година. Овој настан претставува круна на мошне успешната година во планот на развој на хуманистичката соработка на двете земји, која беше одбележана со мноштво јарки и значајни концерти и претстави, изложби и презентации, научни конференции и спортски настани. Лично мене ми е тешко да изделам некој настан, зашто сите тие беа со мошне висок квалитет, богатства на форми и длабочина на содржината.

– Сепак, би можеле ли да издвоите два-три настана што се за паметење?

Меѓу настаните што беа предводени од Амбасадата, доколку го оставиме настрана безусловно главниот настан на годината за Русија, 70-годишнината од победата над фашизмот, особено би ја одбележал промоцијата на првите 38 тома од уникатното енциклопедиско издание „Православна енциклопедија“, која ја спроведовме заедно со Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во октомври во Охрид. А, како љубител на театарот, од она што е најново би ја издвоил великолепната премиера во Македонскиот народен театар на претставата „Мајсторот и Маргарита“, според романот на рускиот писател М.А. Булгаков. Мислам дека оваа претстава во режија на познатиот македонски режисер Иван Поповски беше еден од настаните што можат да претставуваат симболи на најдобрите традиции на руската и на македонската театарска школа и на духовната блискост на нашите народи.

– Што би ѝ посакале на Македонија и на нејзините граѓани во новата 2016 година?

Многу би сакал следната година да ѝ донесе на братска и пријателска Македонија, на нејзините граѓани и на сиот свет мир, стабилност и благосостојба. Сите да бидат здрави и среќни. Во секое семејство нека царуваат радоста, љубовта, богатството, увереноста во утрешниот ден и достоинствената иднина на Македонија како независна и суверена земја.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња