Што ја очекува ФИФА по Блатер?

Ројтерс
Дали отстранувањето на Јозеф Блатер кој ѝ е лојален на Русија ќе нанесе штета на светскиот шампионат 2018? Репортерот на „Руска реч на македонски“ ја продискутира кризата во ФИФА со руските високи службеници и со независните експерти.

На 22 декември повеќегодишниот раководител на ФИФА Јозеф Блатер изјави дека неговата работа во фудбалот е завршена. Еден ден претходно комитетот за етика на ФИФА го отстрани 79-годишниот Швајцарец од фудбалската дејност на 8 години. Ваква одлука беше донесена и за претседателот на УЕФА Мишел Платини. Причина за строгата казна на раководителите се двата милиони швајцарски франци кои Блатер во февруари 2011 година му ги префрлил на Платини без документи. Според верзијата на казнетите, Платини добил пари за својата работа во ФИФА во периодот од 1998 до 2002 година како советник на Блатер. Според верзијата на истрагата, парите биле награда за Платини а поддршката на Блатер на изборите за претседател на ФИФА.

Адвокатите на Блатер засега не брзаат со жалба на одлуката, а Зеп, пак, мисли за работа во новинарството (Меѓународното француско радио го покани да работи за време на мечовите на првенството на Франција). Во отсуство на Блатер вршител на должноста претседател на ФИФА е Иса Хајту. На 26 февруари ќе се одржат избори за нов раководител на организацијата. Букмејкерите сметаат дека главен претендент за победа е првиот човек на Азиската фудбалска конфедерација (АФК) шеикот Салман бин Ибрахум Ал Халифа. Русија, пак, ќе ја поддржи кандидатурата на генералниот секретар на УЕФА Џани Инфантино. Ова во интервју за ТАСС го изјави министерот а спорт Виталиј Мутко.

Ќе ѝ нанесе ли заминувањето на Блатер штета на Русија?

Борис Игнатјев, поранешен тренер на репрезентацијата на Русија

„Вјачеслав Колосков (претседател на рускиот фудбалски сојуз /РФС/ од 1992 до 1005 – заб. ред.) воспостави прекрасни односи со Блатер. Тој беше потпретседател на ФИФА и многу му помагаше на Швајцарецот. Мислам дека уште оттогаш Блатер почна да ги смета Русите за пријатели. Никогаш не сме го подведувале. Русија организираше и организира многу турнири под водство на ФИФА и никогаш не сме се откажувале од тоа. Блатер го ценеше тоа и нè штитеше кога против Русија се покренуваа неосновани обвиненија. Сега ситуацијата може да се смени. ФИФА може да биде предводена од човек кој ќе дозволи политиката да навлезе во организацијата. Доколку новиот раководител не ни суди за фудбалските работи, ами за надворешната политика, тогаш Русија може да го изгуби светското првенство. Оваа варијанта не треба да се исклучува“.

Николај Писарев, спортски директор на РФС

„Не треба да се грижиме. Во истрагата на швајцарското обвинителство не фигурира Русија. Ние продолжуваме спокојно да се подготвуваме за Првенството на конфедерацијата, што ќе се одржи летото 2017 година. Треба да се фокусираме на изградбата на стадиони и инфраструктура за Светското првенство во 2018 година, а не да потпаѓаме на провокации. Имаме сложена ситуација со стадионите во Волгоград и во Калининград, но сигурен сум дека ќе ги надминеме сите тешкотии. Сите комисии на ФИФА се задоволни од нашата работа. Сега сите разговори кои се насочени кон тоа дека на Русија и на Катар треба да им се одземат светските првенства, се споменуваат само во медиумите. Не сум сигурен дека сите тие сакаат на своите читатели да им пласираат објективна информација“.

Алишер Аминов, независен експерт, потпретседател на меѓународниот фонд за поддршка на правни иницијативи

„ФИФА поминува низ трагичен период. Во сегашната ситуација полесно е да се затвори ФИФА и да се создаде нова меѓународна фудбалска организација. Нивото на корупција го достигна својот максимум. Можно е распуштањето на ФИФА да се случи веќе следната година. Уште повеќе доколку не добие некој европски кандидат. Веќе се појавија информации дека водечките фудбалски федерации на Европа се подготвени да излезат од ФИФА и самите да организираат свој турнир. Тоа ќе доведе до тажни последици за Русија. Не знам дали ќе се решат да ни го одземат светското првенство. Сепак, остана многу малку време. Но, не може да стане збор за никакво широко претставништво на руски службеници во ФИФА. На подолг рок ова сериозно ќе повлијае врз нашите интереси“.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња